(Повод: Рамковните вработувања од дипломатијата до противпожарните служби.)

По двегодишно доцнење во покривањето на дипломатската мрежа, деновиве претседателот Стево Пендаровски изјави дека со новите предлози за амбасадори 90 проценти се дипломати од кариера. Оптимистички, зар не! Но, едновремено, невообичаено за дипломатската практика, вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи се пофали дека од вкупно деветнаесет испразнети амбасадорски места, дванаесет ќе бидат пополнети со Албанци. Значи, 12 Албанци, а само 7 Македонци и други националности… Тоа е порака во предизборен период или само две седмици пред номинирање на техничката влада, што е исто така проблематично. Притоа, тој ги објави и имињата, што не е во согласност со начелата за објавување имиња пред да се добие агреман за нив. Во оваа пригода, поважно од светските норми и етика беше важно пред својот електорат „балкански“ да се покаже моќ, иако со ова се деградира дипломатскиот углед на Македонија. Навреда за државата во која се акредитира ополномоштен амбасадор е да се соопшти името пред да се добие согласност од државата во која се акредитира тој. Веднаш по пофалбите со објавувањето на овие имиња во јавноста, се обелодени дека еден од предложените во претходното амбасадорување во Катар издавал визи на недозволен начин. А, друг, пак, од истиот список, бил со двојно државјанство, што е спротивно на нормативите. Ех, тие 90 отсто дипломати од кариера дали и сега, којзнае по кој пат, наместо од редот на стручните кадри, се само кадри блиски на актуелната власт.

Кога веќе зборуваме за правичната застапеност, да погледаме како се спроведува таа. Деновиве се обелодени дека Македонци се пишуваат како Албанци и Роми за да се вработат во јавната администрација! Горан, Александар, Дејан, Кирил, Златко стануваат Албанци за да се вработат во јавната администрација. Предизборните вработувања ја продлабочуваат кризата во идентитетот, за кој по којзнае кој пат ни се потврди дека не само што не е забетониран туку е проблематизиран и од надвор, а и од внатре и се разводнува под политички околности.

Придавката „северно“, но и рамковните Албанец, Ром, други националности стануваат критериуми за вработување административни службеници. Но работата е потреба, а апсурдот е критериумот етнички клуч, кој се изигрува на најбанален начин. На законите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, според кој најмалку 21 отсто од вработените во администрацијата и службите мора да бидат од малцинските етнички заедници, им се удоволува токму на овој начин – Кирил ќе се пише Албанец, Влатко Ром, а Митре Турчин. На најновата ранг-листа што ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), од минатогодишното меѓународно тестирање ПИСА, македонските средношколци на 15-годишна возраст се наоѓаат на разочарувачкото 67. место од вкупно 79 земји во кои беше направено тестирањето.

Според нив, македонските средношколци се оценети со 393 бода за читање, 394 за математика и 413 за природни науки. Тестирањето е спроведено во 79 земји или економии. На прво место на листата на ОЕЦД е рангирана Кина, второто е за Сингапур, на третото и четвртото се Макао (Кина) и Хонгконг (Кина). Од европските земји најдобра е Естонија, која е на петто место, а државите во регионот сите, освен Косово (75 место), се рангирани пред нашата земја – Словенија (21), Хрватска (29), Србија (45), Црна Гора (52) и Босна и Херцеговина (62). Македонските средношколци ПИСА-тест полагаа во 2000 и во 2015 година, кога се добиени резултати под меѓународниот просек. На тестот пред четири години Македонија беше рангирана на дното на листата од 72 земји во светот, заедно со Тунис, Косово, Алжир и Доминиканска Република. Минатата година беа опфатени околу 5.500 средношколци од јавните гимназии во земјава, кои беа тестирани во трите категории. Меѓународната програма за тестирање на знаење и вештини на ученици е почната во 2000 година, за да ги процени знаењата на учениците за наука, математика и писменост.
Во врска со овие разочарувачки резултати, нашиот рамковен министер за образование и наука деновиве ќе изјави дека е задоволен од „подобрените“ резултати на нашите ученици. За разлика од него, министерот од Србија, која е рангирана 22 места пред нас, и министерот од Хрватска, рангирана цели 38 места пред нас, ќе изразат загрижувачки ставови и ќе посочат радикални мерки за подобрување на состојбата. Нашите рамковни министри се ангажираат првенствено во преименувања на училиштата наместо во подобрувањата на образованието во нив.

Со најновата одлука за вработување на пожарникари во Противпожарната бригада на Скопје, на 15 октомври 2019 година, се вработени вкупно 10 пожарникари, од кои шестмина Албанци, еден Македонец, еден Србин и двајца од друга националност. Вкупно 10 извршители на работното место „пожарникар-спасител“. Дали при пожар пожарникарите Македонци ќе ги гасат имотите на Македонците, пожарникарите Албанци имотите на Албанците, пожарникарите Срби имотите на Србите итн. Правична застапеност пар екселанс! Како во анегдотата за eкимите, кадиите, инџилерите… во турско. Султанот одлучил младите екими да работат како кадии, кадиите како инџилери… На забелешката од валијата дека тие не учеле за тоа, султанот одговорил: Ако ставиме кој за што учел, ни јас султан ни ти валија.

Македонски манифест