Претседателот и премиерот конечно да кажат за кој идентитет и јазик нема да преговараат со Бугарите?

Но македонскиот народ е загрижен. Знаејќи ги цврстите бугарски ставови и како беше прелажан за името, не може да биде мирен. И тогаш нашите политичари се колнеа во воздухот што го дишат, во потомците и предците дека нема да се менува уставното име, па прекуноќ го сменија, спротивно на референдумската волја. Затоа не можеме
да спиеме мирно

Веќе подолго време сме сведоци дека во отсуство на преговори со Бугарија, нашите политичари билдаат патриотизам со изјави од типот: „Не ни треба ЕУ по цена на идентитетот и јазикот, за тоа не се разговара“.
Но македонскиот народ е загрижен. Знаејќи ги цврстите бугарски ставови и како беше прелажан за името, не може да биде мирен. И тогаш нашите политичари се колнеа во воздухот што го дишат, во потомците и предците дека нема да се менува уставното име, па прекуноќ го сменија, спротивно на референдумската волја. Затоа не можеме да спиеме мирно. Особено загрижува последната изјава на премиерот, кој вели: „Бугарија ги признава македонскиот идентитет и јазик, но од нас бара да ги утврдиме македонските корени. Во име на европската иднина, ние имаме обврска да седнеме да се договараме и на европски начин ќе ги договориме македонските корени“.

Особено загрижува што и премиерот и претседателот не кажуваат дека Бугарија признава македонски идентитет и јазик измислени од Тито и Коминтерната, а не нашиот природен, исконски и наследен од предците.
Сето ова укажува дека се подготвуваат нова измама и нова распродажба на македонските национални интереси. Затоа народот очекува од претседателот и премиерот да излезат и конечно јасно и гласно да кажат за кој идентитет и јазик нема да преговараат со Бугарите? За оној измислениот од Тито и немаат потреба затоа што тој и онака го признаваат. Претседателе, премиере, народот од вас очекува да кажете дека нема разговори и преговори за нашиот природен и исконски идентитет и јазик, кои ги имаме наследено од нашите древни предци.
Нашиот идентитет, јазик и корени се одамна утврдени и меѓународно признаени. Тоа е одамна завршена работа. Заев може да преговара за своите муртински корени, за својот идентитет и јазик, но не и за мојот и оној на целиот македонски народ. За тоа нема мандат.

Дардан Венетски