Препознавање и превенција на насилството во училиштата

Неодамна нашата јавност беше сведок на многу немил настан, кој се случи кога наставник употреби физичко насилство како метод за дисциплинирање ученик. Тоа беше настан од кој се згрози јавноста и фрли дамка на наставничката професија. Јавноста бурно реагираше, имаше жестоки критики и линч кон наставникот, но имаше и дел од јавноста што ја оправда постапката на наставникот, тврдејќи дека има ученици што со своето лошо поведение навистина претеруваат и дека наставниците во денешно време се сѐ повеќе изложени на недолично однесување и особено вербално насилство од своите ученици.
Иако јавноста не ја знае причината за испадот на наставникот во конкретниот случај, но без оглед која и да била причината за таквата постапка, мораме да укажеме дека не смее да се има никаква толеранција за насилство во училиштата, уште помалку од страна на наставник кон ученик. Но од друга страна, мора да укажеме дека во ваква ситуација, под силни емоции поради тоа што го виде јавноста, не смееме ниту да правиме јавен линч на наставникот, затоа што и тоа е вид насилство. Ние како наставници што сме вклучени во воспитно-образовниот процес не смееме да си дозволиме никакви испади на насилство, без оглед на однесувањето на учениците и колку тие со своите постапки ја преминале границата на пристојноста. Наставникот има методи и алатки што ќе му помогнат да дејствува на воспитен начин за превенција и справување со насилството во училиштето. Секој наставник треба да биде свесен за професионалната одговорност што ја носи, за улогата што ја има и како наставник и како личност. За својот авторитет врз учениците, треба да биде свесен дека тој е возрасна и зрела личност, па ни по возраста ни по професионалната улога и искуството не смее да си дозволи ученик да го доведе во ситуација да ја загуби контролата врз себе и сопствените емоции и однесувањето и да биде испровоциран. Во ситуации кога наставник на работно место се соочува со некаква форма на насилство од страна на ученик или различни провокации, тој треба да биде свесен за ситуацијата, за сопствените емоции, да има контрола врз сопствените емоционални доживувања, да не влегува во директен конфликт со ученик, кој манифестира насилство и да му пристапи конструктивно и смирено кон решавање на проблемот. Се разбира, доколку станува збор за ситуација што е поделикатна и не може самостојно да се справи, секако може да ги вклучи и стручната служба и директорот на училиштето.

Секое несоодветно однесување на наставникот кон ученик и употреба на вербално или физичко насилство кон ученик, може да има сериозни психолошки последици кај ученикот што бил изложен на тоа, зашто секое насилство, раѓа ново насилство и треба да внимаваме како тоа ќе влијае на личноста на ученикот. На крајот на краиштата, ние не ги знаеме сите причини и околности што доведуваат до тоа одреден ученик да се однесува насилно на училиште. Тоа секогаш ни е аларм дека со детето што манифестира насилно однесување нешто се случува. Тие се најчесто деца од дисфункционални семејства, семејства во социјален ризик или деца што можеби имаат одредени психолошки проблеми.
Во практиката сме се соочиле со различни ситуации кога некои ученици навистина знаат да провоцираат и да вршат пред сѐ психичко насилство кон наставниците, затоа треба навремено и соодветно да се реагира да се спречи секој облик на насилство, но и да се дејствува едукативно за да се превенираат слични ситуации во иднина.
Во ситуации кога наставник е испровоциран од недолично и насилно однесување на ученик и му се испуштил некој несоодветен збор, навреда упатена кон ученикот, треба за тоа да биде известена стручната служба во училиштето и да се преземат сите потребни мерки, како разговор со наставникот и укажување дека таквото однесување не е оправдано во никаква ситуација, работа со ученикот што манифестирал несоодветно и насилно однесување, со цел утврдување на причините за таквото однесување и барање начини за надминување, примена на стратегии, психолошки интервенции и давање психолошка поддршка за корекција на несоодветното однесување кај ученикот, работа со родителите како систем на поддршка за надминување на ситуацијата.
За жал, некогаш се случува во практиката, кога како казна за несоодветно однесување на ученикот се користи пишувањето слаба оценка, што не е педагошки исправно. Оцената не смее да се користи како метод за воспитување и дисциплинирање на учениците, затоа што оцената е мерило на знаењето на учениците и не може да се користи како воспитна мерка. Единицата како казна за однесувањето на одреден ученик, воопшто не придонесува за корекција на однесувањето, туку, напротив, само го продлабочува конфликтот на релацијата наставник – ученик и придонесува за зголемување на насилството и нетрпеливоста меѓу учениците и наставниците што ја применуваат како мерка.

Си има пропишано посебни воспитно-педагошки мерки за поведението на учениците со вклучување на стручната служба. Потребно е воспитно да се дејствува преку добра комуникација со учениците за коригирање на однесувањето, поголема емпатија и разбирање, индивидуална советодавна работа од страна на стручната служба, која со своите методи, техники и психолошки интервенции може значајно да влијае за надминување на конфликтот и подобрување на однесувањето.
Доколку во училиштата има случаи на деца што биле изложени на малтретирање од вработени во училиште, за надминување на последиците, потребно е да им се даде психолошка поддршка од страна на стручната служба, класен раководител и други наставници во кои ученикот има доверба. Треба децата да се охрабруваат да пријават секаков вид насилство, вклучувајќи и насилство што го врши наставниот кадар. Училиштата не смеат да имаат никаква толеранција за насилството. Многупати учениците се плашат да пријават насилство од наставник кон нив, затоа што се плашат од последиците што би ги трпеле поради тоа. Сепак, наставникот е авторитет за децата и тие чувствуваат страв дека ако пријават никој нема да им верува, ниту да ги заштити и дека дополнително ќе трпат последици во однос на успехот од страна на наставникот што им врши насилство.

Потребно е стручните служби во училиштата и класните раководители, пред сѐ да ги едуцираат децата да можат да го препознаат насилството, особено психичкото насилство, во кое спаѓаат упатување навреди кон личноста на ученикот, дискредитација на ученикот, упатување закани, пишување единици како казна за одредено однесување на ученикот, манифестирање самоволие на наставникот кон учениците, необјективност во оценувањето, исклучување од учество на часовите на тие деца, уценување со барање за примање подароци од ученици итн. За жал, честопати психичкото насилство не го препознаваат децата, па ни возрасните, а тоа е многу позастапено од физичкото казнување, кое е поретко. Потребна е едукација и на родителите за препознавање на насилството, следење на поведението на децата и разговор со нив што им се случува на училиште и охрабрување на децата да го пријават кај стручните служби, наставниците или кај директорите на училиштата, така што би можело да се реагира и соодветно да се постапи. Потребна е и поголема едукација на наставниците за насилството, затоа што и меѓу наставниците има поединци што не се свесни дека одредени нивни постапки се вид насилство. Потребна е, исто така, едуцираност кај сите вклучени во воспитно-образовниот процес за стратегии за справување со негативните емоции, како бес, гнев, лутина, страв, кои се причина за агресивно однесување, како и градење вештини за конструктивно справување и надминување конфликтни ситуации, развивање емпатија едни кон други, градење вештини за комуникација.
Сите ние што сме вклучени во воспитно-образовниот процес треба да бидеме свесни дека насилството продуцира ново насилство и тоа е еден затворен магичен круг. Многу е важно да работиме на подобрување на комуникацијата меѓу наставниот кадар, учениците, но и родителите. Сите сме дел од таа тријада и заедно придонесуваме за воспитувањето на младите генерации. Мораме повеќе да работиме на градење односи на разбирање и емпатија едни кон други, да не осудуваме лесно, да не етикетираме, навредуваме, омаловажуваме, да не се закануваме. Ние како психолози знаеме дека зад секое несоодветно, агресивно, девијантно однесување на младите има одредени причини, за кои средината можеби не знае.

Многу деца што се агресивни и насилни, кои манифестираат бес, гнев, лутина, можеби се соочуваат со сериозни лични, семејни, егзистенцијални проблеми, потекнуваат од дисфункционални семејства, од семејства во кои веќе има насилство, самите се жртви на насилство во семејствата, па потоа на училиште ја празнат акумулираната агресија кон соучениците и наставниците и голем број други проблеми. Затоа е многу важно да се препознаат знаците на сите видови насилство, навремено да се вклучи стручната служба што ќе работи со детето – жртва на насилство, но и со детето насилник и нивните семејства, поттикнување и поткрепување на позитивните обрасци на однесување кај децата, зајакнување на конструктивното однесување и решавање на проблемите и учење стратегии за справување и канализирање на негативните емоции. Така ќе изградиме една поткрепувачка, мотивирачка и конструктивна средина што ќе влијае позитивно на младите генерации за да се изградат во емотивно здрави и психички стабилни луѓе.

М-р Марија Младеновска-Димитровска, училишен психолог