Преземете ги искуствата од оние што постигнаа најдобри резултати: од Кинезите!

(Отворено писмо до министерот за здравство на Република Македонија)

Господине министер,
Ви се обраќам како лекар специјалист со 35 години работно искуство, од кои веќе две децении работам во една од најугледните италијански кардиолошки клиники, и кој случувањата во врска со пандемијата на ковид-19 ги гледа одблиску.
Писмово ќе биде кратко, за да не се замагли централниот аргумент.
Сведоци сме дека во најразвиените и наедно најбогати европски држави (Италија, Шпанија, Германија и Франција) коронавирусот се шири со огромна брзина.
Италија, а пред сѐ нејзиниот економски и, медицински гледано, елитен регион, Ломбардија со центарот Милано, е од медицинска гледна точка на коленици, и материјално и кадровски.
Ако некој толку голем и силен трпи огромни штети (пред сè човечки, а потоа и економски), можеме да си замислиме што би се случило ако епидемијата земе замав во Македонија.
Затоа, ве молам, итно да ги преземете сите искуства од оние што постигнаа најдобри резултати: од Кинезите. Тие единствени ја запреа епидемијата. Тоа го постигнаа со најстроги мерки, кои Европејците уште не ги имаат разбрано ниту усвоено и затоа плаќаат прескапа цена.
Две се можностите: или како Кина брзо, решително, сеопфатно и со успех, или како Европа полека, неефикасно, некомплетно и без успех – трагично. Ова не се идеолошки определувања, туку избор за преживување.
Копирајте ги сите мерки што ги презедоа Кинезите, па дури воведете и полициски час. Очигледно е, по информациите од печатот, дека значителен дел од нашите луѓе, како и сите други во Европа, не знаат да се самоизолираат и да се дисциплинираат. Треба да се заштити целото општество, целата држава од оние што не ја разбираат, или ја потценуваат опасноста, не водејќи грижа за себе, ама ни за другите. Покрај мерките што сегде можат да се прочитаат, треба да се подвлече дека излегување по храна треба да врши само еден член од семејството, еднаш во неделата.
Корејците (а сега и Израел), покрај другите мерки, воведоа следење на контактите на заразените, локализирајќи ја позицијата на нивните мобилни телефони, што помогна да се прекинат линиите на трансмисија на заболувањето и доведе до редуцирање на бројот на новите случаи. Тоа е софтвер, кој може да даде придонес и би можел да се купи или можеби и добие како донација од Корејците. Но ако за такви мерки немаме можности, поедноставно и поефикасно можеме да го реализираме пристапот на Кинезите, кој досега е единствен што ја победи епидемијата.
Ве молам ургентно да побарате седница на Владата, со барање да се воведат горенаведените измени.

Д-р Предраг Николовски, специјалист по интерна медицина, Џенова, Италија