Пред да дивеат, националистите и хулиганите треба да го прочитаат Крушевскиот манифест

Во изминатиот период, ЦИВИЛ бележи голем број изрази на говор на омраза и повици за насилство врз основа на етничка и верска припадност, политичка определба и сексуална ориентација. Говорот на омразата и повиците за насилство најмногу се бележи на социјалните мрежи, но неретко е присутен и на интернет-порталите.
Еден од најновите повици за насилство со употреба на експлицитен говор на омраза се забележува и по повод прославата на Илинден на Мечкин Камен, на 2 август. Еден од нив е фејсбук-настанот: „Топло да ја поздравиме стоката северџанска на Мечкин Камен“.

Ова не е единствен повик за насилство врз институциите и врз националните симболи, од структури што ги има и во македонската и во албанската етничка заедница. За среќа, тие се малобројни, но нивната деструкција има несогледливи размери. Институциите секогаш мора да реагираат навремено и решително. Јасно е дека зад „храбрите“ поединци се кријат поголеми и посериозни политички и финансиски спонзори. Тие мора да се соочат со полната сила на законот. На тие што организираат вакви нацинастани, им порачуваме: Илинденското востание им припаѓа на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија. Нека го прочитаат Крушевскиот манифест за почеток!

ЦИВИЛ ги осудува сите повици за насилство и говор на омраза и бара од релевантните институции да реагираат навремено и соодветно на своите законски ингеренции, да преземат итни мерки за санкционирање на сите што повикуваат на насилство.
Наедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат со пријавување на случаи на кршење на човековите права, корупција, говор на омраза и лажни вести на онлајн-формуларите на веб-страницата Граѓански објектив.

Граѓанска организација ЦИВИЛ