А сега да влеземе во суштината на идентитетот, за кој се среќаваат многу различни ставови во нашата јавност: од оние на преговарачите дека тој е одбранет, до оние што ценат дека тој не е загарантиран со договорот. Според мене, забуните настануваат во разликите во толкувањето на членот 7 од договорот. Преговарачите и нивните следбеници тврдат дека со ставовите 3 и 4 од споменатиот член ни е загарантиран идентитетот, занемарувајќи го ставот 1 од овој член. Затоа овие тврдења се многу упростени и крајно бедни, не само од формалноправен аспект туку и поради нивното незнаење на оваа политичка проблематика. Според мене, споменатите ставови 3 и 4 не смеат да се извадат од контекстот на ставот 1 од овој член, во кој се регулира различниот идентитет меѓу преговарачките страни, што, како што споменавме, е суштината на споменатиот концепт за преговарање за непреговорливото.

Така, во овој член, во ставовите 2 и 3 само се утврдува разграничување на македонскиот национален идентитет, иако не е загрозен грчкиот идентитет. Значи нам, од новоименуваната држава ни припаѓа идентитет на северни Македонци, а на нашите браќа по род, од северна Грција: Македонци – Елини. Тоа укажува на поделеност на нашата природна национална припадност, која, мора да се признае, преку наметнат договорен идентитет меѓу државите, според барањето, од „првата страна“, а кое пред некој ден многу прецизно го искажа нивниот претседател Павлопулос, преку тврдењето за историската реалност од Букурешкиот договор од 1913-та и од мегали-идејата. И така, почитувани, кај овој член е преговарано за непреговорливото и тој не е среден рационално, што е услов на концептот, бидејќи Грција станува тутор над нас, надвор од „складните односи меѓу мажот и жената со цел да се одржи бракот“ и надвор од нашите потреби/интереси. Тоа е таа замка што е скриена од нас и ќе ни биде соопштена набргу, кога ќе почнат подлабоко да се дефинираат измените на Уставот, а потоа и историјата, културата и сл. А ставот 5 од овој член дури нѐ теши, како што тоа го прави приматот во своето животинско стадо, убедувајќи нѐ со силата на договореното дека „ништо од договорот не смее да се разбере како омаловажување на кој било начин“, а во стварноста целосно нѐ понижува, одземајќи ни го достоинството. Какава рапсодија на лицемерството на првата страна и какво понижување на македонскиот народ прифатиле нашите преговарачи. Тоа зборува за недостоинствен и губитнички договор, за кој нашите преговарачи не смееле да помислат, а не да го прифатат.

Значи многу аматеризам и фатално незнаење. Понатаму нема да продолжам со срамните методи на убедување што ги применуваат некои новинари што пишуваат во слободарскиот ѕиден пионерски весник. Оттаму мојот став е сѐ додека во договорот нема одредба со која ќе се каже дека сме Македонци, како што ни се ветуваше и е практика секаде во светот, јас ќе бидам против овој договор. За таа моја определба поаѓам и од ставовите на многу професори од САД, кои тврдат или тврдеа дека за идентитетот не се преговара, бидејќи за неговото зачувување се водени многу воени и трагични конфликти по завршувањето на Втората светска војна.

Поради тоа, почитувани, јас во текот на преговорите реагирав по двапати кај преговарачот, министерот за надворешни работи и кај премиерот, дека ни треба поинаков пристап. Ама сѐ си остана по старо и познато кај нас, слично како кога се обратив и до надлежните од поранешната власт кога преговараа за овој проблем! Ценам дека токму ваквото решение за идентитетот, во овој член од договорот, им служи на преговарачите да нѐ убедуваат дека договорот бил компромисен. Следува потребата од прашање што требаше да им го постават од опозицијата, а до денес не го поставиле поради нивното незнаење, а тоа е: кој е влогот на таа самопрогласена прва страна, за ова да биде компромис!?

Морам да потсетам дека до доаѓањето на оваа гарнитура на власт во 2016 година, преговарањето за овој проблем се одвиваше врз основа на претпоставките на принципиелното преговарање, кое голем дел од нас погрешно го разбираа како условување, бидејќи немавме знаење како да се спротивставиме на најдобрата алтернатива на другата страна со наша најдобра алтернатива. Така, поради тоа незнаење, се пропушти можноста проблемот да се реши досега. Таква алтернатива можевме да имаме. За мене, по сѐ што споменав, имајќи го духот на договорот, останува оцената дека сепак и за непреговорливите проблеми, како што се името и идентитетот, нашите преговарачи преговарале според овој пристап, ама исходот е надвор од тие принципи.

Неодамна прочитав во еден весник дека нашиот најдобар политички историчар на Балканот, проф. Владо Поповски, изјавил или напишал некаде „илузорно е да се очекува дека некој можел да постигне подобар договор од овој со Грција “. Мислам дека историјата не е политичка наука, како што мислат и овој и другиот професор што пишува за „Независен весник“, а јас тука го цитирав. Тука е битно и мора да се повтори дека преговарањето е пат како да се добие тоа што се посакува, без оглед на кои било други факти, па, ако сакате, и историски. За жал, овие професори беа преговарачи и за првиот езерски договор, ама и тогаш и сега не искажаа трошка знаење од оваа област. Грција целосно беше поуспешна, и овој пат од нашите професори и аматери преговарачи го доби тоа што го бараше. Затоа меѓународната нѐ опоменува дека нема подобро решение, а овие споменативе и многу други следбеници на незнаењето не ја разбрале таа суштина, која доаѓа од страна. Знаат овие од надвор кој е нашиот капацитет за решавање вакви проблеми, па нѐ преведоа жедни преку реката заради остварување на своите интереси.

Пред да завршам, нагласувам дека овој договор и сето она што е искажано по него, од страна на СДСМ и неговите поддржувачи, јас не можам да ги окарактеризирам како триумфализам или како „слика на визионери“, кои ги одбраниле националните интереси, како што нѐ убедува некој. Според мене, тоа, како што произлегува од кажаното погоре, е само триумфализам на незнаењето и слика за визионери на предисториска политика на угнетување (јадење живи луѓе).

Ќе завршам со мојот замислен план Б наспроти споменатите, кои мислат дека без реализација на планот А следува потоп. Да, почитувани, план Б постои и сега, а беше многу корисно да се употреби и во последниот процес на преговарање за овој езерски договор, но не според споменатиот концепт со кој партизански се експериментираше. Не очекувајте да ја соопштам суштината или поентата, бидејќи процесот можеби не е завршен. Неа ќе ја обелоденам и образложам кога ќе се заврши овој процес. Она што тука и сега можам воопштено да го кажам, а за него и порано сум се изјаснувал и обраќал до надлежните е дека ние требаше да си подготвиме наша најдобра алтернатива, која требаше да ѝ ја однесеме на Владата на грчка Елада и „еленска Македонија“ (долго име за една современо-несовремена држава), во Атина, со замолница да одговори на неа. Одговорот, каков и да биде, на тој наш предлог ќе резултира со одговор на Резолуцијата 718 на ООН, дека нема разлика во името, а со тоа ќе отпадне сето она што е додадено во Резолуцијата 845. Така, на оние што го создадоа овој ирационален проблем можеше да им се даде можност да го решат рационално. За тоа претходно треба да се подготви комплетно ново сценарио и измени во некои од нашите потсистеми. А стратегијата потоа ќе следува.

М-р Ѓорѓи Трипков, пензионер,
поранешен долгогодишен државен службеник