Во Собранието на Република Македонија, на 11.1.2019 год., изгласани се уставните промени, меѓу кои и промената на името Република Македонија во Република Северна Македонија. Промените ги изгласаа 81 пратеник, од кои 51 Македонец и 30 од другите етникуми. Големо е разочарувањето кај мнозинството Македонци во Македонија и во дијаспората! На тој ден се создаде, се почувствува, едно огромно чувство на пониженост, на пораз, на ништовност… Лебдиш во воздухот, немаш потпора – ја немаш Татковината! Остануваш беспомошен и очекуваш како на ова ќе реагира твојот разум, има ли излез од ова создадено црнило – се прашуваш. Се прашуваш дали е можно Македонецот да се самоуништува и зошто!? Постојат ли повисоки вредности од вредноста на татковината? Од вредноста на генетскиот корен? Од родот македонски? Од слободата? За некои изгледа постои: за малите души, за малите човечиња, за несовесните, за среброљупците…!

Генерации Македонци се бореле и гинеле за да се создаде државата Македонија – единствена држава на Македонците, а денес 51 Македонец, со притискање на зеленото копче во собраниските клупи, го ништат името на својата држава, името на својот народ, своето име, јазик, култура, историја, цивилизациски вредности… Зошто? Зошто? Зошто македонската матица, македонскиот вруток, македонскиот благород, го свртуваат да тече и плодородува туѓо поле – грчкото поле, а нашето да стане неродна пустина – народ на исчезнување! Таа ноќ Македонците не спиеја. Мојот сон го немаше. Се преплетуваше бунилото во бескрајот и бараше решение за злосторството. Душата, со нишките длабоко вкоренета во вековите, ми зборуваше: злосторството е само миг во времето, но и огромен товар на генерациите. Македонското сонце е вечно.

Македонците ќе го надживеат злосторството со мудроста, со пливот по историската река што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. По бурата останува каменот!
Со неуставни средства и постапки се донесени уставните промени. Тие не се народни, не се демократски. Кој ќе ги брани? Народот ќе ги напаѓа и оправдано ќе го врати своето. Сторителите на ова дело срамно славеа во македонското собрание, но и тука, во Охрид, градот на Климента и македонската преродба. Некои славеа и со огномет! Македонија ја извалкаа, ја помрачија, ја ставија во молк. Со сторителите славеа и надворешните – креатори, финансиери и нарачатели на тоа дело, командоси во современата специјална војна против нашата Македонија. Собраниските сторители, по нарачка, го испукаа последниот куршум – стиснаа на зелените копчиња и кукавички ја извојуваа победата за нив во таа битка (за надворешните) и за пораз на Македонија. Но паметиме, македонската вековна борба била долга и крвава. За македонскиот опстанок, по овој гнасен чин, таа пак ќе мора да војува (на еден или друг начин), да се бори до победата. Кога други одлучуваат за нас, спротивно на македонските интереси, ние немаме слободна земја. Должни сме да ја ослободиме! Безмерна е благодарноста кон нашите предци, но безмерен е и нашиот долг кон нашите денешни и идни генерации.

Како да го објаснам срамниот, понижувачки настан пред мојата фамилија, на моите деца, внуци и правнуци? Како да им дадам надеж, убедување за нашето вистинско македонско постоење? Ќе им речам да ја запамтат песната на големиот Македонец и поет Блаже Конески „Тешкото“ и во неа стиховите: „Син оди по татко, по деда си внук“.

По срамниот настан, се покажа, дека нашите партии и државни органи, во однос на решавање на македонското прашање, не се повикаа на нашите врвни правни умови, а и меѓународни, ова прашање да се решава исклучиво таму каде што е и создадено – во Обединетите нации и Советот за безбедност. Таму не ќе можеше да се донесе полоша одлука од Преспанскиот договор. Тоа може и денес да се стори, зашто на НАТО, за привремено користење, потребна му е македонската територија, а не промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија. Тоа е само изговор. Татковината не е илузија, не е стока за крчмарење, не е постела за попатна починка! Татковината е светост повредна од секоја понуда или закана. За таа светост животот се дава или губи. Тоа е и природно право.

Драган Попоски, лекар во пензија