Фото: Маја Јаневска-Илиева

Велат дека годината што изминува треба побргу да се заборави, но 2019-та треба да се запамети во однос на успешно реализираната програма на нашата кинотека. Имено, годинава имавме можност да уживаме во изборот, организацијата и презентацијата на една богата и разновидна програма. Статистиката покажува дека се реализирани над 400 проекции (значи и по неколку дневно!) во киносала што има само 140 места, а ги следеле повеќе од 10.000 посетители! Бројки за почит. Но не е суштината во бројките, иако и тие се важни. Суштината е разновидноста на репертоарот, во кој беа застапени разновидни жанрови, изложби, омажи, почитувани творци, еминентни гости, суштината е во квалитетот на реализираното.

Ќе ги наброиме фактите. Секој месец имавме по еден филм по избор на институтот „Гете“ и од Францускиот институт, изложби, покрај преостанатите други и овие: „Манаки – приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски, „Театарот Скупи“ на Владимир Блажевски, „Баухаус имагиниста“ за движењето Баухаус, омажи за сега покојните: Љубиша Георгиевски, Кирил Ценевски, Горан Стефановски, Љупка Џундева, Мите Грозданов, за нашиот жив и здрав и врвен актерски мајстор Мето Јовановски итн. Омаж за Бруно Ганц, кој игра и во филмот на нашиот Митко Панов, „Сведок“. Посебно задоволство за публиката беа циклусите на филмови од најдобрите светски филмски мајстори и кинематографии. „Руска зима“ од ризницата на „Мосфилм“ и „Ленфилм“, циклус филмови на Ингмар Бергман, на австралиски, на европски, ирански, грчки, јапонски филм. Циклуси на италијански, шпански, полски, со посебен осврт на делата на Кшиштоф Кјешловски и циклус на нашиот мајстор, Милчо Манчевски. Беа застапени циклуси и на детски и анимирани филмови.

Можеме да редиме и понатаму, бидејќи листата е навистина долга. Гости во програмата беа амбасадорите на Германија, Русија, Шпанија, Унгарија и многу други. Тука беа и авторите, Карен Шахназаров – режисер и директор на „Мосфилм“, Лордан Зафрановиќ, Раде Шербеџија, кинематографери, сценаристи, актери, филозофи (во рамките на филозофскиот филмски фестивал) итн..
Кинотеката се претвори во топло пријатно катче, во кое со задоволство се уживаше во проекциите на уметничкиот филм, наспроти сѐ поголемата окупација на комерцијални филмови во повеќето медиуми. Се надевам дека овој текст ќе допре и до надлежните институции, кои треба да го ценат оствареното и да ги наградат заслужните.

м-р Крсто Скубев – културолог,
редовен посетител на кинотеката