Поглед однадвор за името

Сведоци сме на години и децении вртење во круг и тресење празна слама во врска со името. Прашина во очите да се сврти вниманието од суштинските проблеми на народот? Или манипулација на јавното мислење како уште една македонска заблуда?
Зошто другите народи не патат од оваа „болест“ за името? Името на Грција во светот е Greece, Griechenland, la Grece, а тие својата држава си ја викаат Елада, Албанците – Шкиперија, Црна Гора надвор од земјата е Монтенегро, Хрватска – Кроација, Италијанците ги нарекуваат Германците Тедески, Англоcаксонците – Германс, Французите – Алеманс, Словените Немци, а самите тие си се викаат и многу им е гајле што Србите ги викаат Шваби!

Значи, името е проблем caмo за поединци (и за народи) што не се сигурни во себеси и не знаат што се и кој се. На мојот пријател Александар најмал проблем во животот му е што другите го викаат Аце, Сашо, Санде или Ацка. Македонците учат дека нивната земја се вика Вардарска Македонија. Може да се каже дека тоа име е неадекватно, непрецизно и неупотребливо надвор од МК. Вардар тече и во Грција (Егејска МК). Исто и за името Илинденска или Горна МК.

Исто така, груба манипулација е дека додавање на одредницата „Северна“, значи промена на името. Тоа може да се смета како еден вид прецизирање на адресата. Има многубројни институции и фирми што се викаат Мaкедонија, што значи неопходно е да се одреди седиштето на фирмата, дали е тоа во Скопје, Битола или во Егејска (Јужна) Македонија. На пример, во Солун „Mакедонија“ е име на телевизија, на весник, на аеродромот…

Лага е или глупост (на пример) академикот Чашуле да кажува дека тој не сака да се нарекува и да зборува севeрномакедонски. Пред обединувањето на Германија немаше источногермански и западногермански јазик, како што нема ни северно и јужнокорејски или виетнамски јазик и народ.

А што е многу поважно (за оние што можат да видат подалеку од носот), договорот може да се смета како еден вид неочекуван подарок за Македонија, Значи, доколку има Северна има и Јужна, гледано долгорочно. Друго, доколку ocтане cамо името Република Македонија, се ризикува целата географска Македонија да се сведе само на Вардарска (што е веќе случај со Источна, Пиринска како веќе да е избришана).
Истo така и за сложената формула. Та, нели сите држави што настанале од покојната Југославија се бивши jугословенски републики? Заблуда е и тоа дека името е грчко-македонски проблем. Всушност, тоа е само македонски проблем. На Грција ѝ одговара самоизолацијата на Македонија и нејзината погрешна политика. Старите генерации Македонци во егејскиот дел одумираат, а младите не знаат македонски и се отуѓуваат сѐ повеќе поради блокадата. Постарите генерации од Вардарска (Северна) помнат дека кога одеа во Солун на шопинг за времето на Југославија, насекаде се зборуваше македонски, што денес не е случај.

Друго, доколку стопанството на една држава се спореди со една огромна фирма, во географска Македонија, eгејскиот дел е мнозински партнер со 51 отсто од акциите (територијата), во тој случај не може другиот партнер, со 34 отсто, сам да одлучува и да им наметнува услови на другите. Исто така, со одредницата „северна“, на соседните држави им се праќа порака дека Македонија нема територијални, иредентистички намери спрема нив и дека е отворена за добрососедски и пријателски односи,

Т. Стојанчев, Париз, Франција
теоја[email protected]