Пишано – избришано – запишано

Продолжува една новосоздадена „практика“ во смисла на насловот. Што не ти се бендисува, а е напишано, бриши. Ама тоа останува. Како да го избришеш од свеста на човекот, на луѓето. Некои зборови не им се допаѓаат – бриши. Нам не ни се допаѓа придавката „северна“ прикачена на Македонија, ама „новите“ политичари ни во еден говор не ја изоставуваат. Тие „кројат“ сè. И ние што сме Македонци не можеме ништо да направиме. Нѐ прашал ли некој од новосоздадените политички главешини дали го сакаме тоа? НЕ. Ќе си пишуваме писма – колумни – поучителни текстови, ама тие што треба да ги прочитаат, не ги читаат. Уште од деца се исфрустрирани. Нивната свест е во „несвест“, таму има сè, освен ука, освен поука, тоа е за некои други, некоиси таму „бубалици“, мамини дечиња што, ете, учеле, а и родителите ги учеле дека има некој што ќе го вреднува нивниот труд. Тоа сега не постои. АШ. Тие (политичарите) ги ценат само сопствените додворувачи, што го имитираат светот во некојаси Европа. Ама не знаат ни како да го имитираат. Некои од нив бараат и преведувачи. Еден познајник по телефон ми раскажа случка – кога се среќаваат еден Македонец и еден Албанец.

Албанецот му вели на Македонецот, барам преведувач. Добро вели Македонецот, барам и јас. Така започнува разговорот. Албанецот, на албански прашува, што си бре ти. Преведувачот преведува на македонски. Македонецот го прашува, а ти што си. Јас сум Шиптар, а преведувачот преведува, јас сум Албанец. На македонски си Албанец, а на албански си Шиптар, заклучува Македонецот. Тука во Македонија, така е, одговара Албанецот, со превод.
Е па, познатиот, светски гитарист – Циган со унгарско потекло, Џанго Рајнхард, секаде вели дека е Циган, зашто неговата свирка е циганска, а само кај нас е ромска. Во една од неговите многубројни турнеи, дури му свирел и на Хитлер, а тој некако го проголтал она дека е Циган, а другите ги кремирал во логорите на смртта.
За мене, најстрашно е кога некој се срами од своето потекло и го прекрива со друг чаршаф. Чаршафот е конечната прекривка на секој што бил жив. Со последниот чаршаф одиме на исто место. Крај. Во земјата сме исти. Што вели евангелието: од земја си, во земја одиш. Тоа е нашиот последен чекор, така е ЗАПИШАНО.

(Текстов му го посветувам на писателот Александар Русјаков.)

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка