Повод за овој текст е изјавата што на телевизиите можеше да се слушне, дека нема проблем јавниот обвинител на Република Македонија да ги преземе предметите од СЈО. Да, јавниот обвинител на Република Македонија може да ги преземе предметите од СЈО, затоа што, според Уставот, Јавното обвинителство на Република Македонија е единствен и самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични дела. Тие предмети, кои сега ќе ги преземе од СЈО, беа во негова надлежност и во 2015 година, но, за жал, тогаш, без основа во Уставот и спротивно на Уставот, со закон се основа Специјално јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на НЕЗАКОНСКОТО СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИТЕ.
И покрај поднесените иницијативи за оцена на уставноста на овој закон, Уставниот суд остана да молчи, односно не донесе одлука ниту за поведување ниту за неповедување постапка. Но затоа гласни и цврсти во одбраната на уставноста на законот беа многумина од правната фела, па дури и од Катедрата за уставно право, кои истакнуваа дека Законот за СЈО се заснова врз цврста и неоспорна правна и политичка димензија, при што наоѓаа аргументи надвор од Уставот само за да го прикачат законот за Уставот.

Ова дотука што го наведов е само за потсетување дека Законот за СЈО, со својата спорна уставност, со своите нелогичности и недоречености, кои создаваат правна несигурност, веќе четири години е во правниот поредок на Република Македонија и тој како закон сѐ уште е жив. Па како тоа сега, при сѐ уште постоен закон за СЈО, истите тие што законот го фалеа и величаа, сега се однесуваат како законот да не постои.
Откако е притворена Катица Јанева, постапките на надлежните институции во врска со овој закон се такви како да законот е донесен и СЈО е основано специјално за Катица Јанева, па со нејзиното притворање згаснува и законот и СЈО.
Владеењето на правото на кое се повикуваме постојано, бара почитување на Уставот и на законите, па ако Законот за СЈО сѐ уште е во правниот поредок, не може прашањата за СЈО да бидат решавани со игнорирање на тој закон или со извртување на неговите одредби.

Законот за СЈО ќе биде во сила пет години од денот на усвојувањето, се вели во ставот 3 на членот 1 од тој закон, а тоа значи дека ќе биде во сила до 15 септември 2020 година. Предвидена е и можност за негово продолжување „за еднаш годишно“. Значи, со истекот на мандатот на специјалниот јавен обвинител, кој трае четири години, не престанува и примената на законот. Законот има одредба и за укинување на СЈО, која предвидува јавните обвинители, административниот персонал и истражителите да се упатат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања. Но и да ја немаше одредбата за укинување на СЈО, тоа може да биде укинато, но само со закон, затоа што со закон е основано, па со тој закон или со закон со кој ќе престане примената на Законот за СЈО, треба да бидат решени и прашањата што произлегуваат од неговата примена. А таков закон сѐ уште не е донесен.

Но, да се вратам на поводот за овој текст. Законот, како lex specijalis, ги утврдува надлежноста и овластувањата на специјалниот јавен обвинител, така што исклучиво тој е овластен да истражува и да гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Во истражувањето и гонењето на овие кривични дела, СЈО, според законот, има целосна автономија и ниту еден јавен обвинител, вклучувајќи го и јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае на неговата работа. Нема одредба во законот што предвидува можност за специјалниот јавен обвинител предметите, над кои, според законот, тој има исклучива надлежност и овластувања, да му ги предаде на јавниот обвинител на Република Македонија или на друг јавен обвинител.

Се извртуваат содржината и суштината на одредбата од ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО, па со повикување на таа одредба се прифаќа за полноважно „писмо“ (или „изјава“ или „наредба“) со кое Катица Јанева и од притвор управува со предметите над кои исклучиво СЈО има надлежност, па од притвор му ги предава сите предмети на републичкиот јавен обвинител. Па ако таа одредба ѝ дава такво овластување, зачудува фактот што Катица Јанева уште пред притворот не одлучила да му ги предаде сите предмети на јавниот обвинител. Специјалниот јавен обвинител нема такво овластување ни во редовната работа, а камоли од притвор.
Ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО не зборува за предавање предмети од надлежност на СЈО на републичкиот јавен обвинител, туку, во истакнување на целосната автономија на СЈО над кривичните дела од негова надлежност законот во оваа одредба вели: „Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител НЕ МОЖЕ ДА ПРЕЗЕМА ИСТРАГИ И ГОНЕЊЕ ПО ПРЕДМЕТИ КОИ СПАЃААТ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ (сјо), БЕЗ НЕГОВА/НЕЈЗИНА ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ“. Каде гледате во оваа одредба овластување на СЈО да ги предаде предметите од својата надлежност. Впрочем, согласност, па и писмена, се бара ако некој побара нешто над кое ти имаш власт, а не треба твоја согласност, уште и писмена, кога одлучуваш ти некому да му предадеш нешто над кое ти имаш власт. За истрагите и гонењето по предметите што спаѓаат во надлежност на СЈО, со Законот за СЈО е овластено само СЈО, а републичкиот јавен обвинител или друг јавен обвинител, доколку побара, може да преземе истраги и гонење по тие предмети, но само со писмена согласност на СЈО.

Несфатливо е зошто се извртува суштината на оваа одредба и се користи како основа за писмата на Катица Јанева за предавање на предметите од СЈО, на републичкиот јавен обвинител.
Во име на владеењето на правото, прашањата поврзани со СЈО, правно и законски можат и треба да бидат решени само со закон. Проблемите околу донесувањето на закон, не можат да бидат оправдување за кршење на уставноста и законитоста.

Милојка Калкашлиева
судија на Врховниот суд, во пензија