Во секој град уличните пешачки премини претставуваат безбедносна зона за учесниците во сообраќајот, како за пешаците така и за возачите. Но во Скопје не е така. Не се многу оние возачи што ги почитуваат пешачките премини и застануваат пред нив. Тоа важи и за возачите што возат по правите улици и за оние што сообраќаат по кружните текови.

Во вашиот весник повеќепати е пишувано за овој сериозен сообраќаен проблем во главниот град, но, како пешак и граѓанин на општината Центар, не гледам некое подобрување. Може да изразам задоволство што неодамна на неколку улици пред неколку пешачки премини се поставени предупредувачки сообраќајни ознаки. Но мојата забелешка е што се поставени веднаш до преминот така што возачите нив може да ги забележат доста задоцнето и ако се забрзани тешко може да ги сопрат возилата.
Она што, сепак, е најлошо е што скопските улици во Центар не се видливо означени со таканаречената хоризонтална сигнализација, односно, попросто речено, сообраќајниците не се обележани со видлива бела боја. Ова особено важи за премините каде што бојата или е сосема избледена или ја нема. Ме чуди како ова не е направено толку години кога за таков зафат не се потребни големи пари. Но изгледа градоначалниците од познати причини ги запоставуваат малите, а важни работи, и се определуваат само за големи проекти што може да носат високи проценти за нечиј џеб.

Мојот апел е упатен истовремено и до возачите да внимаваат на пешачките премини, но и на градските (општински) власти да се погрижат да ги решат овие прашања. Пешачките премини да не бидат зона на стравот, туку вистинска зона на сигурноста и безбедноста.

Стојан Пандев, ул. Народен фронт, Скопје