Петта годишнина од руската окупација на Крим

Поминаа пет години од руската окупација на Крим. Во февруари 2014 г. Москва, првпат во повоената историја на Европа, заплени дел од територијата на друга суверена држава, дестабилизирајќи ги на тој начин европскиот и глобалниот безбедносен систем. Тогаш светот практично едногласно ја осуди анексијата на Крим од страна на Русија и оттогаш не ја промени својата позиција, иако Кремљ беше сигурен дека наскоро Крим ќе му го простат, како и Грузија во 2008 г. Сите разумни политичари, аналитичари и адвокати се согласуваат дека Москва грубо го прекрши меѓународното право, никој не се сомнева во тоа дека, од правна гледна точка, Крим ѝ припаѓа на Украина. И ова, се разбира, е многу добро. Но, во исто време, многумина во светот сметаат дека постапката на Путин може да се разбере „чисто од човечка гледна точка“, бидејќи, според тоа што го имаат слушнато некаде, „Крим отсекогаш бил руски“. Тешко е да се најде повеќе апсурден и помалку поткрепен мит, ама, колку и да е чудно, тој има пуштено длабоки корени низ целиот свет и успеа да навлезе во меѓународната масовна свест. Причината, очигледно, е во тоа што руската пропаганда почна полека да ја лансира оваа дезинформација веднаш по мирниот колапс на СССР, кога уште немаше никакво навестување за војна. Но кога дојде војната, „неофицијалното“ меѓународно мислење веќе беше обработено. Во оваа статија би сакал да ги претставам историските факти што го побиваат овој мит и чија вистинитост можете да ја проверите на „Википедија“ или во кој било друг објективен извор.

Значи, како изгледаат фактите. Автохтониот народ на Крим се Кримските Татари, кои ја имаа својата сопствена држава Кримското Ханство. Притоа тоа беше силна и висококултурна муслиманска држава. Што се однесува до Русите, нив едноставно ги немаше на полуостровот, ако не се земаат предвид воените затвореници. На почетокот на 18 век, благодарение на реформите на Петар Велики, Московија се претвора во Руска Империја, стекнува сила и ги освојува соседните европски земји. Естонија и Латвија ги освои во 1721 година, Литванија и дел од Полска, вклучувајќи ја Варшава, – во 1795 година, Финска – во 1809 година. Денес сите овие се суверени национални држави, членки на Обединетите нации, Европската унија и НАТО (освен Финска). И мала е веројатноста дека некој ќе се осмели да каже дека тие „отсекогаш биле руски“.

Кримското Ханство беше вклучено во листата на освоените држави од Москва во 1783 година, што од историска гледна точка е релативно неодамна. Така, да се зборува за некаква исконска припадност на Крим на Русија е чист апсурд. Тоа е едноставно една од земјите, еден од народите, кои Руската Империја во тоа време ги пороби со силата на оружјето. Единствената разлика меѓу Крим и другите погоре споменати држави е во тоа што по распадот на Руската Империја Татарите не успеаја да ја одбранат својата независност. Крим, како и Украина, беше заробен од болшевиците и остана дел на истата Руска Империја, но веќе под името СССР. Сепак, во Советскиот Сојуз Крим имаше „среќа“ дури и помалку од Украина. Украина стана „сојузна република“ со формални карактеристики на државниот суверенитет, а на Крим во 1921 година болшевичката Москва му го даде само статусот на автономија, и тоа во состав на руската, а не на украинската сојузна република. Оваа одлука на Кремљ јасно се спротивстави на објективната реалност, бидејќи Кримскиот Полуостров е географски дел од Украина, додека со Русија нема никаква територијална поврзаност.

Административната припадност на Русија со истовремената територијална поврзаност со Украина значително го комплицираа економскиот развој на полуостровот, чие снабдување речиси целосно се вршеше од Украина.

Ситуацијата беше исправена од страна на самата Москва, која конечно беше принудена да ги признае географските и геоекономските реалии. Во 1954 година Кремљ го иницира трансферот на Крим од руската во украинската република. (Во Кремљ не можеа ни да замислат дека Украина некогаш ќе стане независна, па така, за раководството на СССР, Крим, како и целата Украина, сепак остануваше фактички руски.)

Посебно ќе нагласам: доделувањето на Крим беше спроведено во целосна согласност со законите и процедурите на СССР. Рускиот мини-мит за тоа дека Крим своеволно ѝ беше доделен на Украина oд страна на глупавиот Хрушчов е вулгарна фикција. Во 1954 година Хрушчов немаше доволно власт за таквата самоволна акција. Па, така, дојдовме до разбирање на тоа што всушност значи магичниот израз „Крим отсекогаш бил руски“. Излегува дека не станува збор за 150 години во заробеништво на Руската Империја (1783 – 1917), затоа што тогаш таквите тврдења би важеле и за другите бивши колонии, а сега независни држави. Одлучувачко тука е влегувањето во состав на руската советска република од 1921 до 1954 година, што е само 33 години од поновата историја! Се чини дека од моментот на распадот на СССР руските лидери беа гневни од помислата дека да не беше 1954 година, Крим би останал во состав на Русија. Истовремено не им значеше фактот дека да не беше 1921 година, тој ќе беше во состав на Украина, а да не беше 1783 г. – воопшто ќе беше независна држава со 0 проценти руско население. Па, така, во 2014 година империската дрскост победи – Кремљ се одлучи на бесрамно разбојничко заробување на Крим, покажувајќи целосна непочит кон меѓународното право, историска логика и правда. Како виц ќе наведам уште еден мини-мит поврзан со Крим, кој во 2014 година беше лично лансиран од страна на рускиот претседател. Тој изјави дека „за Русија Крим има сакрално значење и дека токму таму се наоѓа духовниот извор на формирањето на руската нација и држава“, бидејќи имено во Крим кнезот Володимир го прими христијанството, кој потоа ја покрсти цела Рус. Кнезот Володимир навистина се покрстил во 988 година во Крим (барем така вели хрониката) и истата година ја покрстил целата држава. Ама тој беше киевски кнез, не московски, и тој ја покрсти Киевска Рус, а не Русија. Што се однесува до Москва, Русија и самиот руски етнос во тоа време едноставно уште не постоеја. Во шумите на местото кај што сега се наоѓа Москва тогаш доминираa угро-финските племиња, кои само по неколку века бea асимилирани од страна на Словените и станаa јадро на современата руска нација. Па така, повторно, апсурд! Сепак, дури и таквата груба историска лага сега се шири во меѓународниот информативен простор. Очигледно е, како и секогаш, дека пресметката е направена врз основа на тоа дека никој нема да ѕирне во „Википедија“.

Сепак митот за „рускиот Крим“ се градеше, за жал, не само на пропагандните лаги и апсурдните манипулации со историјата. Во мај 1944 година Москва изврши голема криминална операција, чија цел беше Крим целосно да се исчисти од домородниот народ и истиот тој да се замени со етничките Руси. Сталинскиот режим го обвини во соработка со нацистите, кои го окупирале Крим во 1941-1944 година, целиот кримскотатарски народ и сите 191 илјада Кримски Татари, вклучувајќи ги бебињата, беа однесени во оддалечените азиски региони на СССР во рок од два дена. За тоа дека на Кремљ му било потребно токму етничкото чистење, и обвинувањата за предавство се само изговор, сведочи фактот дека во егзил беа пратени и 9 илјади семејства на Татари красноармејци, кои во тој момент се бореа со фашистите на фронтот, а потоа – и самите овие војници. Покрај тоа, по Татарите беа раселени и другите етнички групи – Грци, Бугари и Ермени, кои со векови живееја на полуостровот и кои, наводно, не беа обвинети за предавство. На полуостровот останаа само Словените, односно локалните Руси и Украинци. Потоа започнало масовно преселување на луѓето од руските села во Крим. Тие се населиле во 80 илјади празни домови, кои останале од раселените домородци. Токму потомците на овие руски колонисти денес ја формираат основата на тој дел на кримското население, кој ја поддржува руската анексија на Крим и на чија волја толку сака да се потпира Кремљ. Москва до последно го спречуваше враќањето на Кримските Татари во својата татковина. Нивната масовна репатријација започна веќе во независна Украина. Токму Украина ги презеде сите трошоци и грижи за средување на целиот народ. До 2013 година во својата татковина се вратија 266 илјади Татари, што сочини 13,7 отсто од населението на полуостровот.

Руската окупација во 2014 година стана вистинска национална катастрофа за Кримските Татари. Тие избегаа од Гулаг, ама Гулаг повторно дојде кај нив во нивната родна земја. Затоа, практично целиот кримскотатарски народ е во опозиција на руските напаѓачи и ѝ останува лојален на Украина. Токму поради ова, Кримските Татари станаа денес главни жртви за прогон и репресија од страна на окупаторите. До 25 илјади Татари беа принудени повторно да заминат од Крим и да емигрираат во континенталната Украина. Кремљ го забрани Меџлис, националниот кримскотатарски парламент, угнетувања доживуваат татарските медиуми, образованието, културата и религијата, десетици патриоти беа фрлени во затвор. Така, во декември 2018 година, на влезот во Крим, окупаторите ја уапсија татарската јавна личност Едем Бекиров, кој сакаше да ја посети својата 78-годишна мајка. Бекиров е тешко хендикепиран човек, има тежок дијабетес, ампутирана нога и 4 бајпаса на срцето по минатогодишниот инфаркт. Седењето во притвор без потребните лекови и медицинска грижа за него, во суштина, е смртна казна. Сепак, руската „правда“ го држи во притвор. И го обвинуваат за тоа дека, наводно, требало да му предаде некому вреќа со 15 килограми експлозив, иако здравјето не му дозволува да крене дури ниту два килограми. Отворената апсурдност на обвинувањата, дрското мамење со легалната тиранија сведочи дека руската репресивна машина се обидува да ги заплаши и да ги деморализира Кримските Татари. Ќе забележам дека жртвите на репресиите не се само Кримските Татари. Целиот свет веќе го знае името на незаконски затворениот филмски режисер, етнички Русин и вистински патриот на Украина Олег Сенцов, кој отворено протестираше против анексијата на Крим. Исто така, симбол на храброст за нас стана и етничкиот Украинец Володимир Балух, фрлен зад решетки поради тоа што го крена украинското знаме над својата куќа во окупираниот Крим. Како што гледаме, протестираат и се борат против грубото заземање на нивната земја од страна на руските напаѓачи чесни и храбри луѓе на Крим, без оглед на националноста.

Прекршувањата на човековите и националните права на полуостровот од страна на Москва не еднаш беа осудени од страна на Обединетите нации и другите меѓународни организации. Но убеден сум дека меѓународната заедница треба тројно да ги зголеми напорите за итно ослободување на политичките затвореници.

Како што гледаме, сегашното злосторство против народот на Кримските Татари е директно продолжување на кривичното дело од 1944 година, кое влезе во светската историја под името „депортација“, токму оваа дефиниција денес ја користат сите научници, политичари и новинари. Сепак, овој, самиот по себе, ужасен термин е всушност политички еуфемизам, кој дава лажна разубавена слика за реалноста.

Фактите сведочат дека само во текот на првите 4 години 46,2 отсто од Кримските Татари починаа во егзил поради исклучително тешките услови за живеење. А ова не е само депортација, туку вистински геноцид. Благодарение на замената на поимите, кримскотатарскиот геноцид, како некогаш и украинскиот Гладомор, се избриша од историското сеќавање на човештвото, и, мораме да признаеме дека тоа е уште една црна победа на советско-руската пропаганда. Значи, митот за „Крим отсекогаш бил руски“ ѝ е потребен на Москва за да може да ги зачува резултатите на геноцидот на Кримските Татари и населувањето, наместо нив, на руските колонисти. Ова е исто така една од главните цели на сегашната анексија на Крим. Така, деокупацијата на Крим и неговото враќање под суверенитетот на Украина, покрај политичките и правните аспекти, има моќен морален императив. Меѓународната заедница нема право да дозволи барем еден геноцид „да се искупи“, за оние што го извршиле да ја постигнат својата цел, дури и по многу децении.

Авторот е министер за надворешните работи на Украина