„Тоа ми е ’фнук/а’ (Фчерашни новости) од брат или од сестра!?“ А зошто мора да се објаснува од кого е „фнукот/а“? Не знам дали за ваквата збрка околу терминот „внук/а“ има генијалното „Џуџе од Небрегово“ или тоа е „изум“ на недоволно грамотни конструктори на македонскиот новоговор?

Во Источна Македонија зборот внук/а означува дете од син или од ќерка, но не и дете од брат или од сестра! За дете од брат се употребува зборот братанец/братаница (во српскиот јазик братанац/братаница), а за дете од сестра сестричник/сестричница. Наведените термини се прецизни, јасни и логични, така што нема потреба од какви било дополнителни објаснувања. Апелирам до експертите за македонски јазик да се погрижат неадекватните термини за внуците од брат или од сестра да се заменат со наведените логични термини братанец/братаница, односно сестричник/сестричница…

Ја користам оваа пригода да се осврнам и на еден апсурден термин што го употребува македонската аналфабетска дипломатија. Се работи за терминот „вршител на работите“, кој е апсурден превод на францускиот термин „Charge d,Аffaires“ (шарже д’афер). Во времето на Југославија наведениот термин редовно се преведуваше со терминот „отправник послова“ (на српски јазик) и „отправник на работите“ (на македонски јазик). По распадот на Југославија, на челни места во дипломатијата на самостојна Македонија беа назначени приучени, но недоучени југодипломати, кои, за жал, не ги научија ни основните термини од Виенската дипломатска конвенција! Во почетокот на формирањето на дипломатско-конзуларната мрежа на самостојна Македонија, дилетантската македонска дипломатија започна со конструирање апсурдни термини што не се согласни со термините од спомнатата Виенска дипломатска конвенција. Најпрво го користеа терминот „вршител на должноста амбасадор“, а откако им беше укажано, најверојатно од некои странски амбасади, дека овој термин не е во согласност со Виенската дипломатска конвенција, почнаа да го користат терминот „вршител на должноста“, но се покажа дека и овој термин е апсурден бидејќи нема одредница за која должност се работи. На крајот решението го најдоа во, исто така, апсурдниот термин „вршител на работите“. Овој термин би можел евентуално да се користи доколку во некоја амбасада има само еден дипломат што ги врши сите работи, меѓутоа познато е дека во амбасадите, покрај „главниот вршител“, постојат и дипломати што извршуваат задачи во областа на економската, воената и културната соработка, како и дипломати што се задолжени за конзуларните работи, така што и овој термин се покажа како целосно апсурден. Безброј пати јавно укажував на гафовите, грешките и глупостите што ги прави дилетантската македонска дипломатија. Меѓутоа, сите мои укажувања беа залудни!

Иако целосно сум свесен дека експертите за македонски јазик не мора да ги знаат одредбите од Виенската дипломатска конвенција, мислам дека би требало да се изјаснат и да заземат став за употребата на новокреираните и апсурдни термини како што е терминот „вршител на работите“. Како може во време на Југославија, во македонските медиуми редовно да се користи терминот „отправник на работите“, а истиот тој не може да се користи во самостојна Македонија?! Ако може да се користи терминот „отправник на возовите“, зошто не може да се користи и терминот „отправник на работите“? Доколку некому му пречи терминот „отправник“, многу поправилно и пологично би било истиот тој да се замени со терминот „координатор на работите“, но не и со апсурдниот термин „вршител на работите!“
Апелирам до министерот за надворешни работи да стави крај на апсурдите што ги направи дилетантската македонска дипломатија.

Коста Стоименовски