Во средата, на 15 август, весникот „Нова Македонија“ објави текст за необележаните пешачки премини на скопските улици како опасност за пешаците. Текстот е за поздравување бидејќи ниту еден медиум не посветува внимание на оваа мошне актуелна тема. Навистина, како е можно, поранешната градска власт што ја водеше Коце Трајановски од ВМРО -ДПМНЕ да пробие, прошири, обнови и асфалтира толку многу улици, а да заборави да ги бојадиса знаците на улиците, особено да ги освежи со боја пешачките премини. Да заборави насекаде каде што постојат тие да постави и вертикална сигнализација, сообраќајни знаци што ќе предупредуваат дека постои пешачки премин и дека треба да се намали брзината при возењето.

Но таа власт заврши. Новата градска власт под раководство на Петре Шилегов, за жал, освен голите критики кон старата, не покажа некоја голема практична активност. И таа заборави на улиците, иако поминаа две лета. Насекаде низ цело Скопје, од Центар до Автокоманда, Сарај, Црниче и Драчево, Ченто и натаму, нема видливо обележани пешачки промени на ниту една улица. Зошто е тоа така нема одговор ниту од градските ниту од општинските власти, ниту од јавното претпријатие „Улици и патишта“. Иако во текстот што го објавивте пишува дека постои програма за бојадисување на хоризонталната сигнализација и наведено е дека за тоа се обезбедени пари, засега нема ништо на видело. Најверојатно сега сите одмораат, спијат, а ќе се разбудат кога ќе дојде зимата и кога ќе биде доцна за бојадисување.

Штета што не се искористи летниот период, кога во Скопје е намален сообраќајот и кога тоа можеше да се заврши без поголеми метежи и сообраќајни проблеми.
Дали ќе се искористи преостанатиот период со убаво време или ќе се чека дури идната година, додека не загине некое дете или некој старец, останува да видиме. Потоа може само да бараме одговорност, која во оваа држава никој не ја носи. Како што беше со случајот со комарците, како што е случајот со уништувањето на Водно, чија шума се израмнува со дишните органи на Скопје.

инж. Петар Николов