Омразата на поглаварот

Ве молам да ми простите, бидејќи, како митрополит на Светата Македонска православна црква, не можам да премолчам за оваа неправда!

По повод неодамнешната изјава на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, која и понатаму ја бранува македонската јавност, со своја реакција до нашиот весник се јави митрополитот повардарски Агатангел (Станковски). Реакцијата на митрополитот на светата Македонска православна црква ја пренесуваме интегрално.

Господин Сулејман Реџепи воопшто не личи на верник, кој преку своите верски принципи и морални норми и правила најпрво ги победува своите слабости и страсти, а потоа и со многу љубов и разбирање го прегрнува целото создание и сè што дише на овој свет. Тој многу повеќе личи на плиток и недоделкан човек, исполнет со огромни предрасуди за поразличниот од себе, па затоа, речиси во сите негови изјави и јавни настапи, го засрамува секој чесен и искрен муслиман во нашата татковина Македонија. Господин Реџепи е гласноговорник и подбуцнувач на национална и верска нетрпеливост и во исто време е предан заштитник на погубниот тероризам и насилството. Тој е типичен претставник на неморалноста, летаргијата, контрадикторноста и лудилото, кои со години однатре го нагризуваат и разнебитуваат нашево општество и ја шират одвратната реа на пеколната запустеност. Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите, па со своите изјави ги нахранува екстремистите на кои единствена светиња им се крвопролевањата насекаде во белиот свет. Затоа, ставовите на овој залутан човек во верата се семе на раздорите, кое едвај чека да биде полеано од „дивите“ по душа, од кое, пак, подоцна, неминовно и неконтролирано ќе никне разгранетото дрво на омразата, која бездруго е опасна за животот.

Изјавата на г. Сулејман Реџепи не ги повредува чувствата само на христијаните, туку и на муслиманите, бидејќи огромен дел од ИВЗ се токму Македонците муслимани. И тие ли диви и без идентитет? За жал, македонското општество, кое се стремиме да го изградиме како мултикултурно, со децении толерира вакви полулуѓе, чии дела и постапки сведочат за основната невоспитаност на овие недоветни провокатори, чија нечовечност во однесувањето е многу далеку над границите на пристојноста. Затоа, доколку сакаме да бидеме нормално општество, мораме што поскоро да ги пресретнеме ваквите одвратни однесувања, а мораме и да создадеме делотворен механизам за превенција, за воопшто да не дојде до нивна појава. Господин Сулејман е рак-рана на општеството и затоа соодветно, како што и му прилега, треба да биде препознаен и третиран како заразено ткиво, кое се заканува да го оболи целото тело.
Верскиот лидер треба да биде совест на државата, носечки столб на моралноста и основа и темел на мирот, љубовта и толеранцијата. Ефенди Сулејман очигледно ја промашил професијата, па заседнал на едно благородно место, кое воопшто не одговара на погледот на светот на еден верски поглавар. Ако вака јавно ја покажува својата нецивилизираност, можеме само да си замислиме какви ли сè не гадости промовира и проповеда зад затворени врати? Опасен човек е ефенди Сулејман Реџепи, неговото однесување е слично на разорна бомба во рацете на безумниот. На денешните генерации, од сите значајни фактори во државата им треба огромна поддршка и правилно раководење. Верските лидери, пак, треба високо да се издигнат над секоја приземна предрасуда, која внесува немир во човековата душа. Човекот од верата не повредува и понижува никого па колку и да е поразличен од него. Ако, пак, решил да постапува спротивно, чесно би било да ги напушти своите верски доктрини и обележја, па нека се стопи со светот и со сите негови карикирани и патолошки лудости. Показател на тоа колку му е грижа на г. Реџепи за правдата и вистината е фактот дека тој, како верски поглавар на една голема и значајна верска заедница, воопшто не реагираше, кога мрачните сили на овој свет, вршеа континуирано насилство врз македонскиот народ за да го промени своето вековно и исконско име. Впрочем, сите имавме некое чувство дека тој не само што ја поддржува оваа неправда, туку и оставаше впечаток дека се наситува од несреќата на слабиот и незаштитен македонски народ, кој во значаен дел припаѓа на ИВЗ со која тој раководи.

Господин Сулејман Реџепи е тргнат на патот на омразата, а тој одвратен и примитивен нарав, најпрво беспомошно го разјадува човекот однатре, а потоа и духовно ги уништува и оние што се напиваат од нејзините отровни и горчливи сокови.

Митрополит повардарски