Одбранетата историја стана догма

(Повод: написот „Историјата можат да ја одбранат само историчарите“ од Н. Проева, објавен во „Нова Македонија“ на 8.7.2020 г.)

Г-ѓа Проева нѐ информира дека на 23.6.2020 год. во Белград со присуство на наши историчари е потпишана Декларацијата за одбрана на историјата од ревизионизам и политички влијанија (,,Да ја одбраниме историјата“). Конференција е финансирана од ЕУ. За мене е нормално Западот да финансира еден ваков проект, за да ја спречи ревизијата на историјата што самиот ја креираше. Но ме изненадува што еден наш научник како Н. Проева ја брани неминовната ревизија на искривената и за нас погубната официјална историја. Проева со ова ја издига напишаната историја на степен на апсолутна вистина или догма.
Таа иде и понатаму, па сите оние што пишуваат нови ревидирани истории ги нарекува митомани и новокомпонирани псевдоисторичари. Нека ми простат, но Проева и сличните на неа немаат веќе монопол во соопштувањето на историската вистина. Времето на едноумието одамна помина. Во ера на компјутери и интернет денес секој може сам да дојде до историската вистина.

Г-ѓо Проева, свесна ли сте дека со ова заговарате да се замолчат независните истражувачи, но и историчарите што мислат поинаку. Практично, според вас, колку и да се откриваат нови историски докази за минатото, истите тие треба да се туркаат под тепих. Со еден збор, се залагате за сузбивање на нови истражувања. Ова е срамно за науката. Треба да се помирите со фактот дека вистина не може да се крие, како што тоа се чинеше во времето на едноумието. Еве ви еден пример. Во образовниот систем беше внесена книгата ,,Чудата на Св. Димитрија Солунски“. Се користеше како крунски доказ за наводно доселување Словени во 7 век. Но оваа книга не можеше да ја види ниту еден ученик или граѓанин. Се криеше по фиоки, достапна само за одбраните. До ден-денес не е ниту преведена. Зошто? Кога ќе ја прочитате ќе ви стане јасно. Ја обелодени проф. д-р Л. Славеска посмртно. Ја најдов и јас по десет години трагање. Тоа е српски превод од 1953 година. Се вчудовидов кога ја прочитав. Во неа нема ниту еден доказ за доселување Словени од зад Карпати. Напротив, ќе најдете цврсти докази дека Словените се автохтони. Во неа ќе прочитате за бунт на месното словенско население.

Ќе прочитате дека Солун е пред масовни граѓански судири. Тоа е судир на месните жители, а не судир помеѓу наводно доселени Словени и солуњаните, како што некој нѐ лажеше. Простете, но овој дел од историјата мора да претрпи ревизија. За жал, Проева и понатаму е најревносен промотор на заткарпатската теорија за доселување Словени.
Г-ѓо Проева, вие сте и најголем промотор на хеленизмот, уште една западна измама! Јавно преку страниците на „Нова Македонија“ ве повикав да одберете 20 најголеми цивилизациски придобивки од антиката и да посочите барем еден антички автор што тоа им го припишува на Атина, Спарта, Коринт…
Се разбира не одговоривте, затоа што античките автори тоа им го припишуваат на варварите од север или на другите околни народи, а не на Хелените. Но тоа не ви пречи упорно да го туркате хеленизмот. Ви понудив и историски извори од антика до денес, како што се речениците на Хедихиј и Суда, Коине-речникот, речникот на К. Циулка, делата на професорите Т. Белчев, Тентов, Бошевски, М. Фасмер, Ј. Ф.

Фелмераер… Во нив можете да најдете близу 10.000 збора од антиката, кои и денес ги користиме. Тоа е најголемиот доказ дека сме автохтони жители. Вие не само што ги премолчувате овие докази туку сте упорни во тврдењето дека од Античките Македонци останале само 200 глоси, за кои не знаете дали се македонски или дел од грчкиот јазик. Малку ви беше сево ова, па сите овие професори и академици, инаку светски авторитети, кои укажуваат на овие докази, ги нарекувате новокомпонирани турбофолк-историчари. Сево ова укажува на неминовната потреба од ревизија на историјата. Поддршката на една ваква срамна декларација, значи подршка и помош на Западот за да може сѐ да трпа во грчка, бугарска и српска вреќа, на штета на нашите интереси. А што ни останува нам? Ни остануваат инсталациите во науката, во највисоките научни институции, затскриени зад називот официјални историчари, кои слепо поддржуваат и афирмираат туѓи лажни истории и срамни декларации за заштита на историјата, кои спречуваат вистината да излезе на виделина.
Затоа, г-ѓо Проева, ве молам, престанете да ја браните историјата од вистината. Колку повеќе ја браните, толку повеќе тонеме. Од ваквите одбрани дојдовме до ова дереџе, кој стигне да нѐ оспорува и присвојува.

Дардан Венетски (Љубе Христовски)