Одбојката заложник на институционалните лавиринти

Нашите најдобри македонски одбојкари финишираат со своите подготовки пред своето деби на претстојното Европско првенство, кое од 12 до 29 септември првпат ќе се одржи во четири земји, а нашата селекција е познато дека ќе биде во групата што натпреварите ќе ги игра во Љубљана, Република Словенија.

Првата фаза од подготовките успешно беше спроведена во Маврово (15.7. – 15.8), каде се одработија базичните подготовки, каде што посебен акцент селекторот Матијашевиќ, неговите соработници и неговите протагонисти, поточно одбојкарите, посветија на физичката издржливост и работа со топка во сала, каде што се испробуваа различни тактичко-технички варијанти. Исто така ѝ се посвети и доволно внимание на психичката подготовка на одбојкарите.

По враќањето од Маврово се продолжи со тренинзите во СРЦ „Кале“ во Скопје, се одиграа и неколку пријателски пробни натпревари. Доовде е супер.
Но во денешните македонски услови одбојката не би била интересна ако не се појави некој проблем во смисла на организациски план, но не по вина на раководните луѓе во ОФМ. Имено, во петокот и саботата (30-31.8.19) успешно беше организиран 43-от меморијален одбојкарски турнир посветен на македонската одбојкарска ведета од градот под Шара, Бранко Хаџијоски-Чајка. На турнирот учествуваа Македонија, Бугарија, Украина и Белгија. Турнирот се одржува од 1975 год., меморијален за Бранко Хаџијоски-Чајка, еден од основоположниците на одбојката во Македонија, најпрвин како активен одбојкар, а потоа и како тренер.

Во последен момент, во буквална смисла на зборот, одбојкарите беа истерани од СРЦ „Кале“ од концесионерот на салата, поради одигрување футсал-натпревари од претквалификациите за лигата на шампионите, каде што домаќин беше Шкупи. Но во последен момент раководното одбојкарско трио, и тоа претседателот Јованоски, потпретседателот и наедно и член на семејството Хаџијоски, г. Ивица Хаџијоски-Чајка и неуморниот алфа и омега, генералниот секретар Карановиќ, успеа мечевите да се играат во салата на Градскиот парк.

Агенцијата за млади и спорт, која е покровител на турнирот и под чија надлежност би требало да бидат спортските објекти, беше немоќна да го реши наметнатиот проблем. Директорот на АМС, Дарко Каевски, нагласи дека салите и другите спортски објекти се во надлежност на ЈП за станбен и деловен простор, кое ги издава на користење. Тука се преклопуваат ингеренциите и надлежностите.

Но спортот не треба да е заложник на институционалните лавиринти. Не е добро и за гостинските селекции, кои се во фаза на завршни подготовки за ЕП во последен момент да им се нагласи дека натпреварите ќе се играат во друга сала. Во последните неколку одбојкарски натпреварувачки сезони, генералниот секретар во федерацијата Карановиќ успева да организира лига-систем од аматерски карактер, која е доволна за селекцијата да се натпреварува на меѓународно ниво.
На крајот се поставува прашањето до кога овој спорт кај нас ќе биде со импровизации и секогаш во втор план.

Дипл. ек. Рубинчо В. Јованоски,
новинар и довчерашен
одбојкарски судија од Прилеп