(повод: Статијата на Антонија Поповска „Со мини-кампања не се решава слабата заинтересираност за стручните училишта“, објавена на 2.5.2019 година)

Вашата новинарка, г-ѓа Поповска, во својата статија укажува на сериозниот проблем со недостигот од учебници за средното стручно образование во нашата држава. Во овој напис ќе се обидам да изнесам неколку прагматични сугестии за решавање на проблемот со спомнатите учебници.

Еден мој пријател од Охрид, кој од 1968 година живее и работи во Прага и кој перфектно го познава менталитетот на Чесите, во еден разговор со мене изнесе свои впечатоци за разликите меѓу Македонците и Чесите. Чесите, за разлика од Македонците, знаат да читаат и да учат од книги, сега тоа најверојатно го прават и од Интернет. Напомена дека доколку некој Чех сака да гради куќа или викендичка, купува прирачник во кој се содржани подробни инструкции, со текст и скици за тоа како се гради куќа, односно викендичка, почнувајќи од темелите, ѕидањето, санитарните јазли, електроинсталацијата, изолацијата, па до покривот. Ова ѝ го кажав на една лекарка, која целосно го потврди со примерот на нејзиниот сопруг, кој е лекар хирург и кој со помош на прирачник самиот си направил викендичка.

Значајно би било да се нагласи дека во Чешката Република вакви прирачници постојат за „сѐ и сешто“. Во периодот 1978-1982 година во југословенската амбасада, освен за економска соработка, бев задолжен и за научнотехничка соработка. Покрај другите барања од разни југословенски институции, југословенската амбасада во Прага доби депеша во која ја пренесува молбата на Земјоделскиот факултет од Белград, поточно од Земун, да им достави чешки прирачник, односно книга за правење кисело млеко. Со мои пари купив два примероци од бараната книга, од кои еден примерок пратив до спомнатиот факултет во Земун, а вториот, преку мој пријател, професор на УКИМ, го пратив до Земјоделскиот факултет во Скопје.

На основа на сознанијата со кои располагам, знам дека во Нови Сад (Србија) постои издавачка куќа што издава стручни книги, односно прирачници за вршење разни практични стручни работи. Апелирам до македонското министерство за образование и наука (МОН) да се обрати до македонското МНР со барање да ги задолжи македонските амбасади во Белград и во Прага да купат и да пратат стручни книги за разни дејности што се издадени од издавачките куќи во Нови Сад и во Прага. Книгите можат итно да се преведат и да се користат веќе од почетокот на наредната учебна година!

На основа на досегашното искуство, морам да кажам дека мошне сум скептичен за можноста надлежните македонски органи да ја прифатат оваа моја добронамерна сугестија!? Во „Нова Македонија“, на 20 март 2019 година, е објавен мој напис „Како да се реши проблемот со отпадот“, во кој сугерирам да се проучи искуството на Софија со рециклажата, за чија изградба се потрошени само околу 5 милиони евра, од кои најголем дел е обезбеден од пари на ЕУ наменети за екологија! На мојот напис немаше каква било реакција!? Очигледно некој е повеќе заинтересиран за изградба на депонија за која треба да се вложат 25 милиони евра, отколку за изградба на рециклажа за која треба да се вложат 5 пати помалку средства!?

Коста Стоимановски