Ние и соседите при прославите на нашето историско минато

Бидејќи сила бога не моли, вели поговорката, сега на нашите прослави молебени и сл. ни се присламчуваат и делегации од нашите соседи, на пример на прославата на македонските учители, преродбеници, востанички лидери, комити и сл. Така е за молебенот во црквата „Св. Климент“ во Рим на гробот на св. Кирил, па и за прославата на Илинденското востание на 2 август и сл. А додека другите соседи проповедаат како сѐ што е античко е грчко, по Преспанскиот договор, вие немате право на тие споменици, имиња и сл. Зашто ние од Северна Македонија сме „дојдени“. И затоа „немаме право“, на таква историја. Тоа е заради народната „сила бога не моли“. Тоа се тие настани што ни се случуваат како на пример: Охридскиот договор, Преспанскиот договор, па и Законот за јазиците, истакнувањето на својата недоминантност (15-20 отсто) над доминантноста на доминантниот народ (60-70 отсто), сѐ исто поради: „сила бога не моли“. Не станува збор за права на малцинствата, туку за доминантност без доминација. И така продолжува оваа приказна за македонскиот народ, кој веќе е преполовен, раселен, затоа што е мирен, покорен, лесно прифаќа сѐ. Тоа, сигурно го сторила неговата историја да прифаќа сѐ, зашто: „сила бога не моли“.

Постои и еден друг факт, а тоа се погрчените, побугарчените, посрбените Македонци. Тие се главните креатори на оваа соседска политика на присламчување меѓу другите. Некои од тие, пак, бидејќи си ја смениле македонската нација, а се на позиција во нашите соседни братски држави (Бугарија, Грција, Србија и сл.), сакаат упорно да ја оправдаат својата грешка, преку идентификувањето или присламчувањето на македонската историја. Оваа појава е поради „македончето“, тоа само си ги прави проблемите со соседите. Такви „македончиња“ ние имаме и во Бугарија и во Грција и насекаде, тие се препознатливи од македонскиот народ. Тие сакаат да покажат дека автохтони Македонци не постојат.

Инаку не држи фактот дека дошле Словените и „испариле“ Македонците. Македонија под Турција била 500 години, па моите прадедовци останале Македонци. Затоа не држи таа теорија дека дошле Словените, и заради тоа исчезнале Античките Македонци. Тоа се тие нонсенси во историјата, заради кои денес Македонецот е збунет, изгубен и затоа прави огромни грешки, кои водат кон отуѓување на својата сопствена татковина. Не е тоа поради мултиетничноста, многу денешни постојни држави во Европа, имаат и поголема мултиетничка застапеност (и до 30-40 отсто) па не се зборува толку за правата на етничките заедници. Кај нас во Македонија, правата им се поголеми на етничките заедници од првата на Македонците. Македонскиот народ е во „анемија“, што е резултат на подолгата историја.

Сите овие нарушувања се неприфатливи и од природата, во тоа верувам. Тоа е технички речено, нарушување во синусуидата (тоа нешто како кардиограмот) и тоа се случува во периодот на владеењето на една или повеќе гарнитури (или генерација). Технички речено, јас очекувам дека синусуидата ќе се нормализира, со амплитуди и честота спрема природните закони, а тоа самата природа (природата на народот), ќе го воспостави, заради враќање во нормала. Хармонијата во животот се одржува со нејзиното нарушување. Генерациите на човекот се еден миг во природата и можат да направат такви нарушувања, но тоа е само миг, синусуидата ќе се врати во нормалата.

Д-р инж. Стефан Поцев