Почитуван господине Драги Ѓорѓиев, ви пишувам од името на здружението „Унија за култура на Власите од Македонија“, и верувам дека штом ќе го прочитате ова писмо, веднаш ќе се сетите на мене. Повод за да ви го пишувам ова писмо е следното соопштение, кое го видов ми се чини на макфакс.мк (ако не грешам): „Постигната е согласност за заедничко одбележување на цар Самуил, свети Климент и свети Наум на дводневната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија што заврши синоќа во Скопје“.

Ве молам, господине Драги Ѓорѓиев, немојте да си дозволите да се пазарите за свети Наум. Тој не бил Македонец туку Влав и направил преводи на црковни книги на влашки јазик и долго време во Охрид и поголемата околина каде што живееја Власи се служеше од нив. Покојната Вера Весковиќ-Ванѓели (верувам дека ја знаете која беше и каков работник беше!) ни кажа на нас активистите по „влашкото прашање“ дека во Скопје има текстови на влашки јазик од раката на свети Наум, ама тоа од нашите структури се крие. Не можам да сфатам зошто се крие нешто што е јавна тајна?

Ве молам и за уште нешто: обидете се да ја исправите грешката/ согласноста и за бугарското потекло и заедничкото славење на браќата Кирил и Методиј и Григор С. Прличев. И тие беа Власи, Григор С. Прличев беше Влав ама работеше во полза на македонската преродба свесен дека за Власите нема многу да постигне.
Истата работа се случи и со Власите Димитар и Константин Миладинов и Рајко Жинзифов. Немојте и за нив да се пазарите. Тие беа Власи и оставете го прашањето отворено.
Уште еднаш ве молам, господине Драги Ѓорѓиев, да побарате согласност од бугарската страна кралската/царската династија Асаниди (а не Асени како што тие ги извртуваат работите) да ја прикажувате за влашка, па и Бугарско-влашкото царство како такво. Таканаречениот Калојан беше Јоница, како што остана во меморијата на Власите. Ако сакате, можеме да ви дадеме и докази и тоа од разни извори.

Ви должам уште едно објаснување: вториот брат се викаше Асани, а Бугарите го викаат Асен, што не е вистина. Тој се викал Александар, а нагалено Асан. Тоа е рамно на македонското Сане. Појдете во Штип ќе се уверите дека секој Александар го викаа Сане. Тоа Сане е рамно на влашкото Асани.

Јас моето си го кажав. Останува вие да судите и некои работи да се прикажат како што се, а не да се прифаќа некојси диктат на Бугарите, оти така им чини и им се може и заграбуваат сѐ што е славно и свето на Балканот.

Димо Н. Димчев