Со донесениот Закон за високо образование на 8.5.2018 година („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018) од страна на Министерството за образование и наука, напишав дека тој не само што не е развоен туку констатирав дека е полош од претходниот закон. Скоро ќе се направи две години од донесувањето на Законот за високо образование, тој не профункционира во однос на автономијата на универзитетот, универзитетите немаат финансиска автономност. Деновиве слушаме се формирале Агенција за квалитет за високото образование – Одборот за акредитација и Одборот за евалуација (со негови членови), но не е формиран и не функционира Националниот совет за високо образование и научноистражувачката дејност во делот на финансирањето на високото образование, а тој зависи од буџетот на Владата на Република Македонија.
Со нефункционирањето на Националниот совет за високо образование, предвиден во Законот за високо образование (за оние од МОН што не знаат) има задача да дава насоки за високото македонско образование и научноистражувачката дејност, научно истражување, управување со научната политика, воведување прописи од областа на научноистражувачката дејност, приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој и слично. Со неформирањето на овој национален совет (за оние компетентните во МОН што не знаат) македонското високо образование нема легитимитет што треба да го потврди за нејзино зачленување во европскиот регистар за оцена на квалитетот во високото образование.

Ако се сака нашите високообразовни установи да бидат во чекор со современите тенденции на науката и развојот на севкупната научноистражувачка дејност и технолошки развој, неминовна е потребата од формирање и профункционирање (не функционира) Националниот совет за високо образование како стручно и советодавно тело во македонската влада, како и донесување национална програма за научноистражувачка дејност што ќе биде од приоритетно значење, кое ќе има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со други високообразовни установи во светот, во насока на исполнување на препораките од болоњскиот процес. Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од буџетот на Република Македонија за вршење научноистражувачка дејност. Во оваа насока треба да се размисли за можноста, наместо постојното Министерство за образование и наука, во иднина да се формираат министерство за образование (претшколско, основно и средно) и министерство за високо образование и наука, при што средствата што ќе се издвојуваат за високо образование и наука од буџетот на Република Македонија да не одат во пакет со средствата издвоени за пониските степени за образование. (Треба да се размисли за примерот на Р Словенија, финансирањето е уредено со посебен закон – Закон за буџети).

Донесениот Закон за високо образование („Сл. весник на РМ“ бр. 82/18, членот 2 став 1 точка 16), не е усогласен со Фраскатиевиот прирачник (речиси пред две години), гласи: „Меѓународната Фраскатиева класификација“, која е класификација (ја применуваат сите европски земји) на научноистражувачките полиња во две нивоа (прво и второ ниво) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), содржина во Фраскатиевиот прирачник од 2015 година“. Од страна на Министерството за образование и наука не е донесен тој прирачник. Така што Државниот просветен инспекторат при инспекциските надзори во избор во наставно-научни соработнички звања се повикува на некоја друга, застарена Фраскатиева класификација спротивна на законот за високо образование.

Според анализите на синдикатот (Независен академски синдикат), во високото образование е неминовна потребата на јавните високообразовни установи да се воспостават критериуми за финансирање на универзитетите, како и регулирање на платите. Поконкретно кажано, во високото образование има огромни разлики во платите меѓу универзитети, но и меѓу единици внатре во самиот универзитет. Пример, на една единица на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје просечната плата на редовен професор е околу 120.000 денари, а на друга единица на истиот универзитет е околу 36.000 денари. Со други зборови кажано, еден професор стигнал до 500 евра плата, а некои земаат и над 2.000 евра плата.

Ваквата нееднаквост на платите се должи на тоа кој факултет успеал да обезбеди дополнителни средства, односно најмногу зависи од бројот на студенти. Колку значи повеќе студенти повеќе пари. Малите плати се евидентни кај професорите на природно-математичките и на уметничките факултети. Така што може да се каже дека на најстариот универзитет во нашава држава УКИМ-Скопје, платите на поголем број од факултетите се на долна граница.
Па, така, асистентска плата е 24.000-25.000 денари, доценти 27.000-28.000 денари, вонреден професор 30.000-32.000 денари, редовен професор 35.000 денари. Но има три-четири факултети на УКИМ-Скопје што имаат многу повеќе, така што има разлика на платите на наставно-научните професори и соработници. Може да се каже дека платите се уедначени на Универзитетот во Тетово и нивните единици, како и на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, наспроти универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде што платите на наставно-научните и соработничките звања не се уедначени. Така, може да се констатира дека има големи неуедначености во платите на наставно-научните звања и соработници. Така што еден доцент на Универзитетот во Тетово зема поголема плата од еден редовен професор на УКИМ-Скопје. Вакви примери има повеќе.

Ако се земаат во просек платите на универзитетите во регионот, при што на Косово просек е околу 1.400 евра, а во Албанија, Србија и Црна Гора е над 1.000 евра, во Македонија тој е најнизок. Министерството за образование и наука, особено Секторот за високо образование, неминовно треба да подготви функционална анализа на вработени на јавните универзитети – нивните единици, научните институти врз основа на кои ќе се гради образовна политика, а не политика во образованието во високото образование, научните институти и научноистражувачките дејности.
Состојбите покажуваат дека на шесте јавни македонски универзитети вработени лица се: УКИМ-Скопје 1.951 лице, УКЛО-Битола 545 лица, ДУТ-Тетово 680 лица, УГД-Штип 514 лица, универзитет „Апостол Павле“-Охрид 36 лица, универзитет „Мајка Тереза“ Скопје 129 лица.
Затоа е потребно: да се преиспита поголемиот број вработени во администрацијата и техничките служби, да се преиспита постоењето на универзитети и научни установи што не ги задоволуваат законските услови. Па така, состојбите покажуваат дека на осум единици на универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола (УКЛО) во моментот нема ниту еден асистент, а мал е бројот и на универзитетите „Гоце Делчев“-Штип, универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје, универзитетот „Апостол Павле“-Охрид.

Државниот универзитет Тетово е единствениот што има повеќе асистенти од професори. Поконкретно кажано:УКЛО-Битола има 15 асистенти на 140 професори, УКИМ-Скопје е со 633 редовни професори, а со 119 асистенти, ДУТ-Тетово е со 62 професори, а со 71 асистент, а УГД-Штип е со 79 професори и 26 асистенти. На универзитетот „Апостол Павле“-Охрид на 6 професори има 10 асистенти, а универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје е со 5 професори и 33 асистенти.
Од горенаведеното, се констатира дека на најстариот универзитет во земјава УКИМ-Скопје и УКЛО-Битола постои најголем дефицит од асистенти и за кратко време може да биде загрозен нивниот опстанок. Слична е состојбата и со научните институти.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор