Прокламираните мерки во Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009 – 2019 година („Службен весник“ бр. 119/2009): „обезбедување на подобар пристап до капитал, намалување на нерамномерна дистрибуција на инвестициите и вработеноста меѓу плански региони, подобрување на сообраќајната и комунална инфраструктура во ридско-планинските и пограничните подрачја и поврзување со најблиски урбани центри, подобрувањето на квалитетот на животот во помалите општини и руралните средини преку обезбедување поголема покриеност со здравствени и социјални услуги, демографска ревитализација и порамномерна дистрибуција на населението помеѓу и внатре во регионите, намалување на внатрешните миграции кон урбаните центри преку ревитализација на животот во малите општини и посебно руралните…“ не дадоа ефекти. Во регионот е концентрирано социјално и економски обесправено население, со чувство на пропаѓање на средините, куќите се празни, се затвораат јавните установи (училишта, амбуланти, месни канцеларии, пошти…), има недоверба во власта и опаѓање на услугите од приватен сектор. Овој регион е најнеразвиен во републиката, заостанува во развојот и се соочува со голем број проблеми. Повеќе факти ја илустрираат големината на проблемите.

Инвестициите во основни средства по жител во регионот бележат околу 20 отсто од републичкиот просек. Во период од 2009 до 2016 година, во однос на републичкиот просек, разликата се зголемила од три на пет пати. Нискиот обем на инвестициите го намалува сопственото учество во формирањето бруто-домашен производ на национално ниво (5 отсто).
Денес по 10 години од стратегијата, проблемот со вработувањето е актуелен и тежок, a димензиите на стареењето на населението и миграциите примија такви пропорции што со право се поставува прашањето дали мораше да се случи тоа. Изразито е ниска стапката на вработеност (33,7 проценти во 2018 година), а во споредба со 2017 година се намалила за 0,4 отсто. Стапката на невработеност од 35,9 проценти, секако, не дава добри перспективи за општествена интеграција на работоспособното население, ако се земе предвид дека стапката на невработени во руралните средини изнесува дури 43,7 отсто, што значи дека над две петтини од работната сила во руралните средини се оневозможени да се вработуваат и да стекнуваат плата. Опаѓањето на вработувањето значи и опаѓање на семејниот буџет и животниот стандард на населението.
Вработените во овој регион остваруваат најниска заработувачка, просечна нето-плата по вработен изнесува 76,7 проценти од републичкиот просекот во 2018 година. Но треба да се нагласи дека разликата на просечно исплатената нето-плата по вработен во однос на републичкиот просек се зголемува за 7,9 отсто (84,6 проценти во 2010 година). Високата невработеност и ниската заработувачката се главните причини за сиромаштијата, иселувањето и социјалната изолација. Како илустрација, во 2017 и 2018 година, најголем број корисници на социјална парична помош на возраст од 18 и повеќе години се забележува во североисточниот регион.

Во поглед на популациските карактеристики, може да се рече дека тие изобилуваат со доста проблеми, од кои некои се сериозни и загрижувачки за иднината на населеност на овој регион.
Внатре во регионот постојат големи разлики, па дури и екстремни разлики во густината на населението (околу 9 жители на квадратен километар во општината Старо Нагоричане и околу 214 жители на квадратен километар во општината Куманово). Ваквата внатрешна регионална диференцираност го наметнува проблемот на одржливост на општините и регионот во поглед на населеноста, формирањето на демографската структура, како и нивните економски и социјални состојби. Со оглед на тоа што депопулацијата и стареењето на населението во многу населени места во североисточниот регион имаат земено голем замав, на голем број од нив во скора иднина им се заканува изумирање.
Општините Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Крива Паланка демографски се празнат. Во периодот 1994-2016 година најголема депопулација е изразена на просторот на општината Старо Нагоричане, која има повеќе од 34 проценти помалку население во однос на 1994 година, Ранковци и Кратово по 14 проценти и Крива Паланка 4 проценти.

Бројот на починати лица во Кратово, Крива Паланка, Ранковце и во Старо Нагоричане е поголем од бројот на живородените деца (негативен природен прираст). Во десетгодишниот период од 2009 до 2018 година апсолутниот број на умрените е за 525 поголем од бројот на родените во Саро Нагоричане, за 433 во општината Кратово, за 255 во општината Крива Паланка и за 140 во Ранковци. Во општината Старо Нагоричане, просекот на умирање во периодот 2009-2018 година е повисок за 12,9 промили во однос на просекот во републиката (9,6 промили). Може да се претпостави дека тоа е последица на стареењето на населението, лошите услови за живот и неуспешната медицинска заштита на населението. Проблемите и последиците се присутни во сите демографски елементи и тие јасно го нагласуваат депопулациското обележје на овие општини, со такви процеси што алармираат за оптимална дехуманизација на општините и за стареењето на населението.
Овој процес е загрижувачки затоа што во овие општини во ист период има и негативно миграциско салдо на внатрешни миграции. Во периодот 2009-2017 година, само општината Куманово имаше позитивно миграциско салдо (+358). Од општините што имаат изразито негативно миграциско салдо на внатрешни миграции, посебно се истакнуваат општините Липково (-732) и Кратово (-314).

Негативниот природен прираст и преселничките движења предизвикуваат и низа значајни појави од социјален карактер. Најпрвин тие доведоа до создавање старечки домаќинства, т.е. домаќинства без подмладок, без можност да се репродуцираат. Овие домаќинства во селските средини производството го сведуваат на ниво на потребно за задоволување на нивните лични потреби, а со текот на стареењето се запуштаат голем дел од сопствените капацитети (земја) и намалување на сточниот фонд.
Во општините и руралните заедници во кои има иселување, најнагласеното учество им припаѓа на оние што немаат можност за вработување, имаат неквалитетна патна мрежа, неквалитетно снабдување со вода за пиење и електрична енергија, нередовни сообраќајни врски, непостоење продавница со животни артикли, амбуланта, пошта и друга инфраструктура.
Поради ваквите состојби, може слободно да се рече дека демографските движења во одделните делови на регионот веќе претставуваат ограничувачки фактор на вкупниот општествено-економскиот развој. Состојбата со инфраструктура, која служи за задоволување на основните потреби на населението (трговија, образование, здравство, водоснабдување и др.) и денес е мошне незавидна и регионот го става во подредена улога во однос на другите региони во републиката. Како поткрепа на ова можат да послужат податоците што ја покажуваат неповолната сообраќајна и социјална инфраструктура во општините Старо Нагоричане, Кратово и Ранковци.
Денес, од вкупно 39 села во општината Старо Нагоричане, постојана сообраќајна врска со градот Куманово имаат само 15 села, додека 24 села се на значителна оддалеченост од најблиските автобуски стојалишта (5-15 и повеќе километри оддалеченост од населбата). Според состојбата во 2019 година, само во 5 села постојат продавници, а населението од другите села е упатено за снабдување кон овие продавници или кон градот Куманово.
Тоа значи дека населението и покрај неповолната гравитациска положба во однос на градот Куманово, за задоволување на основните потреби е изложено на високи трошоци. Во истата општина здравствените потреби на населението, за жал, се задоволуваат само во една амбуланта, сместена во населба до која нема јавен превоз. Во општината Кратово од вкупно 29 села, во 10 има продавници, во едно село амбуланта, а постојана сообраќајна врска со градот имаат само 9 села. Во рамките на населбинскиот систем на општината Ранковци (18 села), во две населби постои амбуланта, во 7 продавници, додека само седум села имаат сообраќајна врска со градот Крива Паланка.

Ваквата состојба и структура на услуги се едни од крупните фактори, кои влијаат врз популациската динамика на селата во овие општини и формирањето на нивната демографска состојба.
И досегашните истражувања покажуваат дека околу две третини од селската популација во североисточниот регион е незадоволна од работата на локалната самоуправа за пронаоѓање решенија за транспорт/превоз, изградба и одржување на патиштата, отворање работни места, во достапноста на здравствените услуги и продавници, решавање на водоснабдувањето и канализацијата. Без оглед на нивната објективност или субјективна зависност, тоа, сепак, е одраз на реалните економски и инфраструктурни состојби и на положбата на луѓето во која доаѓаат под влијание на тие состојби.

Со намера мерките за економски развој и демографска ревитализација да дадат резултати, неопходно е проблемите на локално ниво да се согледуваат и решаваат стратегиски, а не кампањски. На граѓаните треба да им се обезбеди можност да ги изнесат проблемите што ги измачуваат и ставовите да бидат третирани со внимание. Локалната самоуправа најдобро може да ги препознае проблемите на своите граѓани и во рамките на своите овластувања да активира одредени механизми.
Иднината на регионот треба да се бара и потпира во што побрзо решавање на натрупаните проблеми од социјалната, економската и особено од инфраструктурната сфера. Инвестирањето во физичката инфраструктура: изградба на регионални и локални патишта, приближување на селата до градовите, изградба на локалните системи за снабдување со вода, канализација и смет, подобрувањето на системот за снабдување со електрична енергија…, ќе ги направи руралните заедници попривлечни за бизнис, ќе ја подигнат вредноста на земјиштето и ќе го подобрат квалитетот на целокупното живеење. За овие вложувања, локалните власти прво треба да дадат приоритет според локалните потреби, а потоа да бараат начин како да се донесе инвестицијата во нивната локална заедница што е можно поскоро. Локалната и републичката власт не смеат како досега да останат пасивни.

проф. Јорде Јаќимовски