Мора да ги вратиме децата во училиште – но не може сѐ да биде по старо

„Едно дете, еден наставник, еден учебник, едно пенкало може да го сменат светот.“ Зборовите на нобеловката Малала Јусуфзај никогаш не биле порелевантни. За да создадеме подобар, поодржлив, поеднаков и помирен свет, мора да им овозможиме добро, квалитетно образование на девојките и момчињата од целиот свет.
Поради затворањето на училиштата во целиот свет, како реакција на пандемијата на ковид-19, дојде до стравотен прекин на детското образование, при што се погодени над милијарда ученици. Тие што се вратија на училиште се соочија со нови предизвици – маски, физичко дистанцирање, недоволен пристап до места каде што може да мијат раце и страв од уште едно епидемиско жариште. Освен ова, како што се продлабочува дигиталниот јаз, последниве неколку месеци многу ученици немаа можност да учат од дома. Последователно, заостануваат со материјалот, па враќањето на училиште изгледа уште пострашно и за нив, но и за нивните учители.
Но од многу аспекти, сепак, имаат среќа. Новите предизвици со кои се соочуваат не се ништо во споредба со катастрофалните долгорочни последици од целосното испуштање на образование, особено во најранливите земји и во земјите што се веќе засегнати од конфликти или кризи. Денес, околу шест од десет деца на училишна возраст во светски рамки допрва треба да се вратат во училницата.

Знаеме од претходните кризи дека кога ќе им се прекине образованието, можно е најсиромашните и најранливите деца воопшто да не се вратат на училиште, па да се изложат на страшни ризици. Може да ги принудат на детски труд, на трговија со луѓе или на сексуална експлоатација. Кога суштинските услуги за здравство, исхрана, вакцинација и заштита на децата се во прекин, поподложни се на недоволна исхрана, болести, проблеми со менталното здравје и малтретирање. А, девојчињата се во поголем ризик од прерано стапување во брак и прерана бременост. Во толку тешки услови, можеме ли сѐ уште да ја победиме битката за образование на нашите деца? Би одговориле со недвосмислено „да“. Но за ова, како примерни ученици, треба да вложиме уште поголем напор за да ги постигнеме посакуваните резултати.
Земјите-членки на Европската Унија, во рамките на иницијативата „Тим Европа“, покажаа колку моќна алатка е заедничкиот напор кога сакаме да постигнеме подобри резултати. А бидејќи имаме докажано дека нашите партнерства даваат плод, ЕУ и УНИЦЕФ може заеднички да придонесат за трајни промени во исходите од образованието во светски рамки.
Постојат конкретни чекори со кои ќе ја обезбедиме иднината на нашите деца. Чекори што ќе се надоврзат на досегашните залагања и ќе се расцутат во нови, иновативни насоки. Ова значи да се вложи сега за најранливите деца да можат повторно да влезат во образовниот циклус. Ова значи да се осигуриме дека училиштата им се безбедни и дека наставниците може да им ги задоволат потребите. Ова значи да ги преобликуваме образовните системи за децата да го завршат училиштето со вештини потребни за во 21 век, подготвени за новиот свет што ги очекува.

Во последно време забележуваме впечатливи промени, бидејќи многу влади овозможуваат образование преку интернет, на телевизија, на радио и преку мобилен телефон. На пример, во Сомалија, лекциите што се снимени офлајн ги закачуваат на таблети што работат на сончева енергија и така им стануваат достапни на децата. Во Киргистан, децата имаат пристап до учење од далечина преку онлајн платформи, три национални ТВ-канали и две апликации за мобилните мрежи бесплатно. Во Виетнам се отстранети одредени тестови и модули од наставната програма, а други тестови и модули се одложени за наредната година, за учениците да можат да го надоместат тоа што го учеле целата наредна година, а и за да се амортизираат академскиот притисок и психосоцијалниот стрес.
Па, така, се наѕираат никулците на закрепнувањето. Сега е моментот да ги негуваме. Сега е моментот повторно да ги осмислиме образовните системи, да ја прифатиме технологијата, да ги отстраниме пречките за најсиромашните и да им дадеме на сите деца еднаков пристап до модерните образовни системи. Тука спаѓаат иновативните пристапи за менторство и стажирање за да се премости преминот од образованието до пазарот на трудот. Децата мора да се оспособат со вештини за 21 век, како што се дигиталните вештини и обука за претприемаштво.

Тимот Европа е подготвен да ја одигра улогата докрај. Подготвеноста е одраз на тоа што веруваме дека образованието има највисок приоритет во планирањето на чекорите за закрепнување од ковид-19. Образованието е стожер во општеството за да може да напредува во приоритетните области на ЕУ: вработеноста и порастот, технолошките напредоци, еднаквоста, позелените економии. Од огромниот напредок во земјите-партнери изминативе дваесетина години, со помош на големите инвестиции, согледуваме како со образованието може да обезбедиме излез од сиромаштијата и кризата, а да се насочиме кон просперитетот и доброто владеење, оспособувањето на жените и подобри исходи во поглед на здравството и исхраната.
Образованието е од суштинска важност за човековиот развој, што е основа на сите инвестиции на ЕУ во меѓународната соработка, а тоа ќе биде зајакнато со нашето финансирање на развојот следниот период.
И навистина, буџетите за образование мора да бидат заштитени од кратење како што нѐ зафаќа глобалната криза. Образованието мора да се смета за дел од планот за закрепнување од ковид-19: наместо да се пренаменат средствата наменети за образованието, потребни се дополнителни инвестиции за да се зајакнат образовните системи. Подобрата повторна изградба се однесува на образованието како и на сѐ друго.

Поради размерот на кризата е потребна глобална координирана реакција. ЕУ и УНИЦЕФ имаат намера да ги предводат таквите мерки. Образовната заедница мора заеднички да развие глобален план за акција, за да се овозможи рамноправно и квалитетно образование за сите. Ова ни е единствена шанса во нашата генерација да ја надминеме кризата што се случува еднаш во генерација со поинаков пристап, т.е. да најдеме решение за нееднаквоста со помош на поодржливи општествени системи.
За да го изведеме овој огромен потфат, мора да ни биде јасно дека не може сѐ да биде по старо. Ако ги извлечеме правилните поуки сега, ќе можеме навистина да изградиме подобро утре – за нашите деца и за нивните деца.

Јута Урпилаинен, еврокомесарка за меѓународни партнерства, и Хенриета Фор, извршна директорка на УНИЦЕФ