Митот за „пријателите“ и „непријателите“ на Македонците и на македонската држава

(Именките „пријатели“ и „непријатели“, за кои ќе стане збор подолу, се земени во наводници затоа што првите се лажни и неискрени, а вторите се измислени.)

Вековната борба на македонскиот народ за своја независна и суверена држава не даваше плод од причина што Македонците секогаш се бореле без помош и поддршка од надворешни пријатели и сојузници. Само Македонците од Вардарскиот дел на Македонија успеаја првпат да се стекнат со своја државност во рамките на новата југословенска федерација, кои по нејзиното распаѓање прогласија своја независна и суверена држава Република Македонија. Со распадот на Југославија се распадна и митот за некогашното југословенско-американско пријателство од времето на Информбирото („Среќна Нова ’49“). Во новата геополитичка реалност, кога Република Македонија како новоконституирана држава требаше да биде посебно претпазлива и мудра во донесувањето суштински одлуки во интерес на своите државни и национални интереси, покрај многубројните погрешни потези, нашиот аматерски кратковид и политички слеп државен врв, без елементарно државничко и политичко искуство и без конкретна визија за иднината на Македонија, наместо сериозно и мудро да ја процени новата реалност, ја насочи државата во сосема погрешен правец. Македонија, православна словенска земја, се приклони кон Западот и се определи за евроатлантска интеграција. Секако дека Македонија како европска држава треба да биде членка на ЕУ, но не и на НАТО. Таа и другите држави од т.н.

Западен Балкан никогаш нема да бидат дел од ЕУ од причина што нивните граѓани се православни и муслимани. Конкретен пример за тоа е Република Турција, членка на НАТО, а која уште од 1987 година е земја кандидат за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Време е да сфатиме дека сите ветувања и демагошки изјави на евробирократите за ова прашање се само политички игри наменети за мали деца. Оваа приказна е завршена и нашето зачленување во ЕУ останува на совеста на „цивилизираната“ Европа, а ние треба да бараме нови алтернативи. Ако Грција беше злоупотребена од Западот за наводното прашање за нашето уставно име, за да нѐ вовлече во НАТО, денес Бугарија е таа што по директива на истиот тој Запад има задача по секоја цена да го блокира зачленувањето на Македонија во ЕУ.
Во самиот почеток еден од приоритетите на државниот врв беше изборот на посилна држава во својство на пријател и стратегиски партнер што ќе ни гарантира безбедност и нормален развој како мала и слаба држава. Наместо да се определиме за пријателство со некоја од евроазиските светски сили, слепо го прифативме наметнатото пријателство со САД, со кои немаме ништо заедничко, без да ја согледаме заднината на тоа пријателство, кое ширум ги отвори вратите за непречено мешање на Америка во нашите внатрешни работи и го овозможи реализирањето на планот на Вашингтон и Брисел за растурање на Република Македонија и бришење на македонскиот идентитет. Тој план се оствари откако странските центри на моќ од надвор и устоличената марионетска и предавничка коалиција СДС-ДУИ однатре, Република Македонија од правнополитички меѓународен субјект ја редефинираа во обезличен географски објект (провинција), со статус на протекторат на САД, сосила ја втурнаа во НАТО по цена на уставното име, но не и во ЕУ, како што ни беше ветено.

Не ѝ е НАТО потребен на Македонија, туку нејзината територија му е потребна на НАТО поради нејзината исклучително погодна геостратегиска положба во центарот на Балканот. По зачленувањето во НАТО, сите антинатовски расположени народи во светот станаа и наши непријатели, а со промената на уставното име се пониживме и посрамотивме пред сите 137 држави (над 70 отсто од вкупните 193 признаени независни држави во светот) што нѐ признаа под тоа име.
И по сета катастрофа што ја доживува Македонија во последниве 4-5 години, ние сè уште слепо продолжуваме да веруваме во „пријателството“ со САД и да се држиме за него како слеп за стап. Тие ни удираат шлаканица по едниот образ, а ние им го вртиме другиот. Тие ни плукаат во лице и бришат нозе од нас, ние ги благословиме и се правиме поголеми Американци од самите нив. Која е користа од тоа „пријателство“ и кои се тие вредности што ги стекнавме од истото тоа? Дали се тоа поимите трговија со црни робје, расна дискриминација, геноцид врз автохтоните Индијанци и слично, или тоа се сидата, наркоманијата, насилството итн., кои порано беа непознаница на Балканот? Прифаќање пријателство со САД е исто како стапнување во врел асфалт, од кој никогаш нема да се исчистиш.
Зачудува фактот што ретко кој од политичарите и аналитичарите, кои жестоко се расправаат околу актуелната катастрофална ситуација во Македонија, покажува со прст на коренот (вирусот), на тоа зло, односно на САД, носител на проектот за растурање на Македонија и егзекутор на македонштината. Историски гледано, Америка никогаш не била пријател на Македонците, а денес на Република Македонија, туку, напротив, таа секогаш била сојузник на нашите непријатели. Америка никогаш и од никого не ги заштитила Македонците. Тоа не се случи ниту за време на геноцидот врз Македонците од страна на Грците, Бугарите и Србите за време и по Балканските војни, ниту од геноцидот од страна на фашистичка Германија во двете светски војни, кога ниту еден американски војник не стапнал на Балканот, ниту од геноцидот од страна на фашистичка Грција за време и по Граѓанската војна.

Западот на чело со САД шири невидена антиправославна односно антируска пропаганда, која е присутна и во Македонија, бидејќи нашите известувачи им ја припишуваат од западните медиуми и како папагали ја повторуваат и шират во македонското општество. Историчарите многу добро знаат дека Русија на Балканот никогаш не била во својство на агресор, туку исклучително во функција на ослободител од туѓи поробувачи. Ни наредуваат да ги мразиме Русија и Кина, а да ја величиме Америка со нејзината култура. Што знаеме ние за политиката, економијата, културата, спортот и слично на Кина, Русија и на другите држави. Попрво ќе прочитаме за модерната облека на „принцезата“ на „царот“ Заев, што е мошне важно за прогресот на државата, или за „светлата и среќна иднина на нашите (на Заев) деца“ (без минато и сегашност), ама нема да прочитаме, на пример, за успесите на Меѓународниот економски форум што редовно се одржува во Санкт Петербург, Сочи и Пекинг, каде што се склучуваат зделки на стотици милијарди долари, за Евроазискиот економски совет, за ШОС, БРИКС итн. Евидентно е дека Америка ги губи своите позиции и веќе не е прва светска сила. Денес најјака економска сила е Кина, а најголема воена светска сила е Русија, која поради честите закани, притисоци и санкции од страна на Западот е принудена да го интензивира економскиот развој и трајно да си ја осигури својата безбедност. Економското и военото тежиште денес се преместени во евроазискиот регион, поради што и Европа сè повеќе се свртува со лицето кон Исток.

Поради кусогледоста на нашиот државен врв, го пренебрегнавме понуденото искрено пријателство од светските сили Кина и особено Русија, со која заеднички ни се потеклото, верата, писмото, традициите и слично, која нѐ призна со нашето уставно име, а со тоа ни призна и сè што е македонско. А што уште ни требаше за денес да бидеме реално независна и суверена држава, во која политичката слика би била сосема поинаква. Русите ни нудат евтин природен гас што го користат голем број држави во Европа, Северна Америка и Азија, а ние за инает користиме поскап, ама „пријателски“ течен американски гас. За инает ќе изумреме од ковид-19, ама нема да набавиме вакцина од Русија или од Кина, ќе чекаме поскапа од нашите западни „пријатели“. Ќе исчезнеме како држава и нација, ама нема да бараме алтернативни пријатели. Таквото магарешко инатење ме потсетува на украинската поговорка, која гласи „ќе се по…ам, ама нема да се покорам!“ До кога ќе се по…еме врз сопственото достоинство, ќе исполнуваме туѓи диктати и ќе се самоуништуваме во име на туѓи интереси?

Вангел Качев, етнолог во пензија