За местенките во високото образование може да се дознае нешто од реакциите на засегнатите кандидати, најчесто во Билтен на УКИМ (кај некои приватни универзитети, прием на нови лица се врши и без билтенот). Така, во една рецензија на медицински факултет (Билтен на УКИМ од април 2014, број 1.074, стр. 42), како одговор на приговор на еден од кандидатите, рецензентите напишале: „Кандидатот навистина има евидентни научни резултати во науката, но деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право“. Значи, бодовите, претходно дадени, се промениле не според правилникот, туку по ќефот на деканот, односно по нарачка, па овој кандидат бил одбиен, а бил примен кандидат што немал евидентни научни резултати.
Во последно време се појавува специфичен вид на местенки. Имено, се пишуваат позитивни рецензии засновани врз непостојни, креирани податоци. На пример, во една рецензија за редовен професор се предлага лице заслужно за претходниот режим, при што во рецензијата се наведени трудови објавени во списание со фабрикуван импакт-фактор International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE). Списанието не е списание со импакт-фактор.
Во друг реферат, одбранет на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет, пак, се тврди дека кандидатот ги исполнил условите за одбрана на докторат со тоа што објавил два труда со ИФ во истото списание, кое, како што е веќе речено, не е списание со импакт-фактор.

Неодамна во еден електронски медиум е објавена мошне критичка оцена за еден реферат за докторат, напишан и одбранет од висок партиски функционер на претходниот режим, на Институтот за педагогија. Критиката е насочена, пред сè, кон комисијата, затоа што рефератот има недозволиви грешки.
Во сите овие случаи станува збор за местенки затоа што или е избрано лице што не требало да биде избрано, или одредено лице напредувало во звањата а не требало да напредува. Сето тоа било покриено со соодветна рецензија.
Прашањето за унапредување лица засновано врз лажирани податоци никој не го поставил, вклучувајќи ги и институциите што се задолжени да се грижат за законитоста на изборите (Државниот просветен инспекторат) и рецензиите поминувале на соодветните наставно-научни совети.
Можеме да претпоставиме дека врз рецензентите бил вршен притисок и дека понекогаш тој притисок бил голем. Така може да се објасни фактот што некои рецензенти пишувале срамни рецензии по цена на својот интегритет. Но никој досега не изјавил дека врз него е вршен притисок да напише несоодветна рецензија. Затоа може да се констатира дека рецензентите ги пишувале рецензиите по своја слободна волја.

Всушност, само на Правниот факултет, тогашниот декан, проф. д-р Давитковски изјавил дека бил подложен на големи притисоци од страна на просветната инспекција, на факултетот да прими лица блиски на власта. Наводно, во тек бил перманентен процес на прием на подобни кадри од партијата на власт.
На Правниот факултет овие нарачани рецензии биле усвојувани со надгласување, со големи притисоци, во мачна атмосфера. Но затоа, пак, на Филозофскиот факултет тие лесно поминувале, едногласно. Едногласно поминала и рецензијата за избор на асистент по психологија во која, како одговор на приговор што го дал кандидатот, пишува: Во конкурсот (за избор на помлад асистент) не е наведено дека за избор е неопходно кандидатот да има објавено научни трудови објавени во списанија индексирани во светски датотеки и списанија со фактор на влијание (стр. 204, Билтен 1.050), па затоа рецензентите не го зеле предвид квалитетот на објавените трудови, одбиле кандидат со два такви труда (и уште десетина други труда), а примиле кандидат што немал објавено ниту еден труд, но затоа е „лојален кон претпоставените“, значи послушен.
Оваа срамна рецензија, напишана од режимски рецензенти, своевремено предизвика бурна реакција во медиумите. Таа и некои на Правниот факултет, напишани со мизерен речник и објавени во универзитетскиот билтен, само ги посрамотија Филозофскиот и Правниот факултет и веројатно се една од причините поради кои УКИМ неодамна беше симнат од Шангајската листа на универзитети.

Местенки во високото образование, најмногу на УКИМ, значи, има и се реализирале на повеќе начини:
– преку рецензии за избор на нови вработувања на УКИМ со кои се фаворизира одредено лице без оглед на квалификациите;
– преку пишување рецензии за напредување на лица што не го заслужувале тоа;
– преку пишување позитивни реферати за докторски дисертации, со изнесување факти што не соодветствуваат на реалноста.
За да се избегнат местенки и да се намали улогата на субјективноста на рецензентите, треба да се дефинираат конкретни, јасни и објективни критериуми за избор и напредување на универзитетите. Очекувањата дека во новиот закон за високото образование ќе бидат дефинирани такви критериуми, не се исполнија. Всушност, постојните критериуми за избор и напредување се олабавија, просекот се намали, другите критериуми се општо дефинирани, а наместо квалитетни трудови, се дозволи да се напредува со какви било трудови. Со тоа можностите за местенки во високото образование се зголемија, а квалитетот ќе продолжи да паѓа.

(М-р Јане Илиев)