До кога македонскиот јазик ќе биде странски јазик за нашите филмови. Уште едно омаловажување на нашиот македонски јазик и сценарија со обичаи и мотиви од животот на македонскиот народ, а претставени како живот на малцинства во нашата држава. Зар ние постарите генерации не го живееме тоа сценарио што е претставено во филмот? Ни трговецот на медот не е од нашата земја, овој пат е од Србија, но сигурно ќе бидат сите други наши соседи трговци, но не македонски трговец. Филмот може да ја понесе која било награда или „оскар“, но многу малку ќе претставува оригинална приказна за нас Македонците.

Многу лесно го продаваме нашето живеење во периодите кога сме биле многу инспиративно задоволни и творечки сме создавале и сме се докажувале. Да престанеме да ја афирмираме земјата со филмови во кои најмалку се афирмираат македонскиот јазик, обичаите, животот во периодите кога сите ние сме се бореле да го докажеме нашиот идентитет како народ со јазик, со многу богати обичаи, кои се секогаш со порака.

Нашата филмска продукција многу поголеми успеси бележи со филмови во кои се користат малцинските јазици (ромскиот, српскиот, турскиот и сл.) отколку нашиот убав македонски јазик. Зар прво треба да ја прикажеме погрешна слика каков е јазикот на доминантното малцинство во државата Македонија.

Навистина постојат и македонски филмови на убав македонски јазик, но тие како да не ги исполнуваат критериумите за која било награда, па ни за кандидатура за „оскар“. Ова е, изгледа, уште еден од начините да го запоставиме нашиот мајчин јазик, по сите желби на соседите да се согласиме оти не постои македонски јазик. Во една ваква сегашна констелација на докажување на постоењето на народот и јазикот македонски, не можат да се толерираат какви било објаснувања, зошто оваа приказна за медената земја е прикажана, како што е прикажана.

Сепак, се надевам оти оваа криза на претставување на македонскиот народ и јазикот ќе има некаков крај и дека како народ ќе се свртиме кон своето и барем во некакви реални граници, ќе ги негуваме и величиме како што го прават тоа и другите народи во Европа и во светот.

Стефан Поцев, професор во пензија