„Медена земја“ – мелем за душа

До ден-денес се прашувам зошто ме погоди и потресе толку филмот „Медена земја“. Одговорот, кој го барав во себе, сигурно го најдов во оној фантастичен временски блесок во кој се случи магичниот контакт меѓу нас. Уверен сум дека духовната вредност и влијанието на секојдневните настани врз нашите животи не зависат од нивното времетраење, туку од интензитетот со кој се случуваат и така, наједноставно кажано, се формираат незаборавните моменти во душата на еден човек.

На првата проекција, на 18 мај во Барселона, го запознав многу подобро Атанас, како уметник и творец! Како што течеше филмот размислував, занемен од убавината што ја гледав, исто како и Дани и Ведран и сите во салата; сонувавме со отворени очи. Ох, како само ја доживеавме приказната на Атиџе!

Уште истата ноќ, моите шпански пријатели ја добија следнава порака:
„Вечерва го гледав ’Медена земја‘, документарен филм од мојата сакана Македонија. Една вистинска историја, скоро неверојатна, со апсолутни контрасти… нежна приказна што милува, но и толку силна и груба што ранува… таа е толку романтична, но понекогаш и сурова исто така. На прв поглед, изгледа како една многу лична и персонална сказна, но, реално, е космополитна, секојдневна, без одредено место на земјата… која те наведува да се смееш како дете, но и ти ги полни очите со солзи. Ех, какви спротивни чувства осетив во тие 90 минути!

Магичниот амалгам на филмот, што допре до моето срце, е направен од точната презентација на основните хумани чувства, толку универзално препознатливи: радоста што блика кога си среќен, кога се чувствуваш полн со нешто, што на прв поглед изгледа малку, потоа искреноста, чесноста, вербата во секојдневната животна борба, од една страна и, од другата: несигурноста, стравот, жалоста кога ќе изгубиш некој свој, тагите, несреќите, неправдите, кои даваат темни тонови на насите животи. Во меморијата, одеднаш наоѓав некои познати лица од мојот живот чиј ментален склоп одговараше или ме потсетуваше на оној од јунаците на филмот, на секое дете и на секој возрасен, чие постоење беше маестрално насликано, кинематографски, засекогаш. Се потсетив и на некои негативни фигури, кои, гладни за материјалното, го газат и уништуваат духовното.

Природата што силно те прегрнува ми изгледаше баш онака како што ја помнам, ме галеа фантастичните етерични пејзажи, се потсетив на смиреноста што ја вдишуваш и која тлее во тебе, на страста и едноставноста со кои луѓето го живеат својот живот и, најмногу од сѐ, ме трогнаа љубовта, мирот и сигурноста што ја пренесува главниот лик, Атиџе. Бев длабоко среќен кога заврши последната сцена. Македонија вечна – Медена земја!“

Но филмот го гледав уште двапати.
Јунската проекција беше многу поинтимна. Ја следев со неколку блиски пријатели, собрани од различни меридијани на светот. Тогаш, со откривањето на силната еколошка порака на „Медена земја“ ми се покажа длабоката и многу хумана страна на Атанас. Ме плени неговата донкихотовска душа и животна страст! Во тој момент ми стана кристално јасна исконската нишка меѓу нас и светот што нѐ опкружува преку неверојатната почит на Атиџе кон пчелите, базирана на едноставната братска делба на природните суровини и резерви – „половина за мене, половина за тебе“. Нејзините умерени, едноставни постапки, скромноста што восхитува и хармонијата со микровселената во која живее, во она далечно, разрушено село, се преточуваат во неопходен и непроценливо важен патоказ за сите нас. Ние сме дел од природата и треба да ја зачуваме – наша одговорност е да ја заштитиме иднината на поколенијата што следуваат.

Конечно, третата проекција на филмот ја гледав во август, на Голема Богородица, во моето Скопје, и го добив последниот одговор на прашањето што гореше во мене. Трогателната, впечатлива и неверојатната верба во животот што ја мотивира, има сила да прерасне во зачудувачки импресивен културен епицентар, кој носи нов импулс на сите наши стремежи кон она „подобро утре“ за кое мечтаеме. Интересот на аудиториумот во „Куршумли-ан“, преполн со млади филмски ентузијасти, ми ја покажа учителската благородна сенка на ликот на мојот драг пријател.

Заврши филмот и си помислив, па „Медена земја“ е вистински мелем за душа за мене, но и за сите „наши луѓе“, кои веруваат во големото културно богатство што го носиме во себе. Размислувајќи малку подлабоко, заклучувам дека тој е и сладок мед прелиен на сувите усни на македонската артистичка сцена, заслужена награда за сите филмски уметници што живеат со жар и творат со срце, во нашава малечка медена земја. Немирниот, но во исто време имагинативен вибрирачки импулс го нагласува македонскиот неизбришлив креативен бит, што го носиме запечатен во гените. Идните генерации ќе се гордеат со ова наследство што го добиле како дар.

Без никаков сомнеж, ова ремек-дело како виор ја враќа нашата Македонија, по четврт век, во центарот на оној прекрасен универзум создаден од највредните, најкреативните и најценетите достигнувања на светската кинематографија. Секоја чест.

Владимир Попоски,
очен лекар во Барселона, Шпанија