МАТУСИТЕБ со писмо до државниот врв и до јавноста

Почитувани, ние како Сојуз на турските невладини организации (МАТУСИТЕБ) со своите 55 членки-здруженија најостро го осудуваме именувањето на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на Косово Ѓерѓ Дедај, како амбасадор на Република Косово во Македонија, лице познато по неговите антитурски и антиисламски ставови, кој во една негова изјава упати тешки навреди до Турција и до Турците во регионот. Неприфатлив е ставот лице што ги навреди Турција и Турците во регионот, кое употреби фашистички и расистички изјави и кое наводно беше разрешено од должност, сега да биде назначено на нова дипломатска функција.

Сметаме дека именувањето лице познато по неговите антитурски и антиисламски ставови, кое токму поради неговите изјави, кои ширеа гнев и омраза, беше разрешено, кое наиде на остри реакции во пријателската земја Косово, како амбасадор во земја како Република Македонија, која ги негува мултирелигиозните, мултинационалните и мултикултурните вредности, не се совпаѓа со дипломатските правила, дипломатските односи и меѓународното право.

Крајно сме загрижени од фактот дека лицето познато по своите горенаведени недолични ставови е назначено за амбасадор во Македонија, земја во која разните етнички заедници живеат во соживот и спокој, каде што со векови била присутна турско-исламската цивилизација и чиј народ негува особена чувствителност кон националните и духовни вредности. Се надеваме дека, пред сѐ, косовските власти уште еднаш ќе ја разгледаат својата одлука и дека ќе отстапат од истата таа.

Во случај косовските власти да не пристапат според гореспоменатото, ве замолуваме вие да го чуете гласот на совеста на Турците во Македонија, како и на сите граѓани што со одлучен став им се спротивставуваат на расизмот, фашизмот и на дискриминацијата и очекуваме од вас да ги преземете потребните мерки и да постапите правилно затоа што споменатото лице за нас Турците во Македонија е непожелна личност. На крајот, би сакал да ве потсетам на единствениот и унитарниот став на Турците во Македонија при вакви моменти и да ве информирам дека одблизу ќе ги следиме понатамошните случувања во врска со темава.

Устреф Емин,
генерален претседател на МАТУСИТЕБ