Македонска главоболка

Македонија секогаш била главоболка на Балканот. Уште пред 2371 година, посебно од времето на македонските кралеви Филип Втори и Александар Трети. Независно дали овие и други кралеви од македонските династии биле со иста или со слична крв како нашава, ама секако немаат никаква врска со денешниве Грци. Иако тогаш ја немало Грција со голема територија ни како име на мапата од стариот век, туку тоа биле државички градови со центри Атина, Спарта, Теба, Беотија и најблиската 50-60 километри околина. Ама не била, никако, денешна мегаломанска Грција со повеќе вода околу островите, отколку континентални планини и сега полиња во Македонија и Тракија. Тоа што денешните Грци ја немаат онаа доблест како денешните жители на Египет, кои самите се викаат Египќани, ама не ги присвојуваат пирамидите, богатите гробници на фараоните, фараонските храмови како оној на Карнак и други, како и совршените мелиоративни системи околу Нил (некои и денес се користат).

Го зеле името на земјата и признаваат дека се од арапско потекло, имаат посветла кожа, како белата раса за разлика од директните потомци на стариот Египет. Тоа се денешните Копти, христијани во тоа муслиманско море и по боја се потемни/поцрни, но не се црнци. Привилегија на сончевата Африка, „пресончани“. Е. Шега за разведрување! Египќаните од арапско потекло не ги присвојуваат гореспоменатите споменици како свои. А Грците, крадејќи ги подвизите на своите агресори/уништувачи – македонските кралеви Филип и Александар денес ги сметаат за свои. Чуден однос кон историјата: својот најголем непријател што им ги сотрел сите возрасни мажи во државичките на југ од Балканскиот Полуостров го присвојуваш како свој херој! Малку ли им е на Грците толку историја, што и без македонската антика тие имаат многу повеќе историја отколку што им треба. Грците никогаш не можат да бидат Македонци. И да станат – не им личи! Грците денес би ја сакале Македонија како робинка. Така и се однесуваат. Во своето слепило Грците ја маѓепсале Европа со огромна лага. А Европејците, немајќи толку стара историја, со својот слеп европоцентризам, ја прифатиле Грција како основач на евроцивилизацијата. А тоа е најголемата историска лага.

Зошто? Ќе се послужам со значајната книга „Историјата на цивилизацијата – Источните цивилизации“, од Вил Дјурант, Белград 2004, стр. 200, во која реално се руши митот за европоцентризмот, со тоа што дава преглед на цивилизацијата во Африка и во Азија. Јас ќе ги наведам историските факти само за Египет. Другите постари цивилизации и култури од Европа ги оставам, можеби, за подоцна.

„Историчарите по филозофија се наклонети да ја започнат својата приказна со Старите Грци. Индијците што веруваат дека ја измислиле филозофијата, а Кинезите сметаат дека ја усовршиле и се насмевнуваат на нашата провинцијалноста. Можеби грешиме сите заедно, зашто меѓу најстарите фрагменти останати од Египќаните се наоѓаат белешки, кои, патем, не се сосема јасни во строго стручна смисла и спаѓаат во рубриката морална филозофија. Мудроста на Египќаните беше пословична кај Грците, кои се чувствувале како деца пред древната раса“. (потцртал. Д. Стефанија).
Каква критика на евроцентричните погледи, за кои не постои никој пред Сократа или Аристотела. Ако се спомне уште придонесот на познати филозофи од Вавилонија, Асирија, на индоевропските народи Митани, Хетити, Ерменци, Скити, Фригијци, придонесот на семитските народи: Арапи, Феничани, ветената земја – Палестина, Јудеја итн., тогаш европската надуеност е неоправдана, ако не и смешна. Да се почне од малата Европа, која покажува некаква моќ пред половина милениум е игнорантски однос кон самите себе. Европа мора да го почитува светот од почеток, а не од средината или од пред малку. Претставувањето на Грција како основа на светската цивилизација е несериозно, да не повториме уште еднаш – смешно. А тоа го форсираат европски учени со звучни академски титули и библиски дебели книги. Каква несериозност! Иако не ми мириса глобализацијата баш најубаво, добро е тоа што таа навлегува до најосамените и најдалечните места во светот, скоро до секоја куќа или колиба и ни ги истура пред себе старите народи, старите писма и старото знаење.

Да се вратиме кон историјата на цивилизираниот свет од Вил Дјурант: најстаро познато филозофско дело за нас е „Поуки на Птах-хотеп“, кое, најверојатно, датира од 2.800 година пр. н.е. = 2.300 години пред Конфуциј, Сократ и Буда. Птах-хотеп бил гувернер на Мемфис, кралев прв министер (премиер) за време на Петтата династија. Откако се повлекол од власта, решил да му го остави својот прирачник на сина си. Како древна класика, него го препишале некои учени луѓе од Осумнаесеттата династија.

Друг египетски филозоф е Ипувер, кој жали за старото кралство по кое настапуваат неред, насилство, глад и пропаст. По таквата ситуација се зголемува бројот на самоубиствата.

Само да напоменам за другата надуена европска цивилизација – римската, која како и грчката е самопрогласена дека го донела правото во светот. Европа има кратка памет и ги заборава 285-те Хамурабиеви правни закони, кои ги регулираат сите области од животот: личната сопственост, недвижностите, трговијата, фамилијата, трудот.
Познато во старата историја е дека целиот офицерски кор на Александар Македонски бил составен од Македонци и сите команди биле издавани на македонски јазик, како во фалангата така и во коњаницата. Дека тоа било така покажува и судењето на еден македонски генерал кого Александар го прашал дали ќе се брани на македонски јазик, на мајчиниот јазик или на отуѓениот јазик. И еве уште еден пример од пред 2378 години за Филип Втори за кој во познатите филипики Демостен вели дека тој, Филип, не е ни близок роднина на Хелените, туку е Македонец гибел и злодеец.

А денес тој е еден од најславните грчки војсководци! Каков срам за народ што има доста сопствена историја, а сака да е уште побогат, накитен со туѓите перја на најславните војсководци од старата историја: македонските кралеви Филип Втори и Александар Трети. И сѐ така до денес – Македонците се Грци и Македонија е грчка. А цело време низ историјата се треселе од неа и немале мирен сон. Затоа што Македонија не е грчка, а Македонците не се Грци. Независно дали тоа се денешниве Македонци или некои прапрароднини. Ама сигурно не се Грци. Не ги личи ни да бидат. Башка сорта се од Грците. Таа кражба на историјата продолжува и во времето на римското владеење со Балканот и создавањето на Византија, во која освен латинскиот се употребува и грчкиот јазик. Преку црквата и Цариградската патријаршија што опстојува и во отоманско време се натура грчкото влијание и во Охридската архиепископија и во сите други православни цркви, од кои, подоцна се исцимија, со тешки маки и долги чекања сите други балкански православни патријаршии и архиепископии. МПЦ-ОА и денес се бори за признавање, во кое посебно негаторско место има, освен српската, и грчката црква.

Македонија има главоболка и во самата Македонија. Тоа се гледа во саботирањето на неизбежниот попис на населението од страна на албанското етничко малцинство, кое окометриски набројува Албанци до 50 отсто во Македонија! А статистиките, според полициски и матични документи, покажуваат дека ги нема ниту 15 отсто! Тогаш им пропаѓа изнасилената рамка од Охрид. Албански граѓанин од Македонија, кој физички напаѓа полициски службеник, не се казнува со ништо, веројатно затоа што таа била жена-полицаец! Нели половите се рамноправни! Ама за полициското министерство – не се! Албанските навивачи на натпреварите се гордеат со фашистичкото минато, нарекувајќи се балисти. Терористите од Куманово или убијците во Смилковско Езеро се бранат од слобода, а македонските патриоти чемерат во Шутка.

Неинституционалното СЈО, се претставува како непречен, прек, брз, лут, остар, неопходен воен суд (на српски: преки војни суд) за злодела во мир! Да не спомнувам за контролките во нашите учебници по историја од бугарска и од грчка страна. Ама Грците со својата неисториска историја, присвојуваат сѐ што е македонско или што мириса на македонизам. Попустливоста на денешниве владетели во Македонија кога велат да се задоволат двете страни, нам ни го разурнуваат нашиот идентитет, а и ние нивниот! Што рушиме грчко ние што се викаме Македонци? Со овие попусти во преговорите ние го самоуништуваме нашето име со придавска форма пред Македонија. Што менуваат Грците? Ништо. Тоа личи на странки кај козметичар за раце. Грците ги средуваат паси ноктите, а нам, на Македонциве ни ги корнат ноктите со клешти, како во песната на Венко Маркоски: „месо и крв од коските се дели, се крши глава нокти се корнат“. Без нокти не можеш ниту да се почешаш, а камоли да гребеш. А без коски, како и без ’рбет. Грците излегуваат од ваквата козметика здрави-прави и лични, а ние сакати.

По приемот на Полска во ЕУ во првите две години се иселија над два милиони Полјаци, главно во Англија и Исланд. А безработноста во Полска изнесува само 4 отсто од населението! Причината е поради неисплатливоста на полскиот работник дома, која е 4-5 пати помала од повеќе европски просеци. Одењето на работа на граѓани од ЕУ во друга членка без одобрение од властите или фирмата е определено на 3 месеци, како и за нас – „неевропејците“, Балканциве. Се спомнувам пред 5 години Полјак не можеше да работи во Германија ниту еден ден, ако претходно немаше земено работна дозвола од фирма или од државен орган. И уште ова. Луѓето од ЕУ се скарани со географијата. Колку што сум учел во моите најниски до највисоки школи знам дека во Балканот на исток е Бугарија и Турција (Тракија), на запад е Словенија, Хрватска, Албанија и Грција, а меѓу Истокот и Западот е централен Балкан, што го сочинуваат Србија и Македонија. Каде ли е сега тој измислен Западен Балкан. Го нема ни на Јадранско, ни на Јонско Море. Може би на картите само во главите на мудреците од ЕУ.
Драги Стефанија