Македонија на Македонците!

(До почитуваните браќа и сестри и сите пријатели на Македонија)

Не можеме со зборови да го доискажеме незадоволството од непрекинатата низа на предавства што се вршат од таканаречената македонска влада, која не само што ни ја уништува државата туку ни го гази и основното човечко достоинство. Овде, во македонската заедница во Италија, сите имаме исто чувство на огорченост од последните преговори и најавените попуштања кон дрските и агресивни барања од бугарската влада, што е ново продолжение на досегашната распродажба на македонските национални вредности. Од контактите со нашинците знаеме дека слично се чувствуваат и сите други Македонци низ многубројната европска и светска дијаспора.
Ние од Македонската заедница во Италија секогаш ќе се спротивставуваме на неправдите, насилството, понижувањето, негирањето и уништувањето на нашиот народ.
Така, не можејќи да ги воздржиме своите чувства на револт и покрај тешките пандемиски услови нa 13.12.2020 одржавме јавен протест со кој го искажавме незадоволството.

Не прифаќаме наметнување заедничка историја со оној што дошол во Македонија со оружје, кој интернирал и го убивал нашиот народ, кој ги менувал нашите имиња и презимиња и кој сака да ги смeни и обесмисли нашиот јазик, име и држава! Не се прифаќаат ултиматуми, кои ја користат нашата желба за влез во ЕУ, за уцена и потпишување на самоуништување. Историјата се очигледни факти – гробови, сведоштва, човечки судбини, востанија, а не политички трговии! Оваа влада не ја изразува волјата на македонскиот народ.
Ги повикуваме македонските заедници во другите европски држави и низ светот, во локални услови, независно од бројноста на заедницата, секој на свој начин, со јавен протест, да излезат и да дадат придонес во одбрана на македонската државност. Ниту еден Македонец не може да има мир и нормален живот сѐ додека македонската земја и држава не се вратат целосно во македонски раце. Македонија на Македонците!

Заедницата на Македонците во Пјаченца, Италија