Легализација на марихуаната, да или не!

Деновиве на електронските и пишаните медиуми се коментира – дебатира дали во Македонија треба да се легализира марихуаната и јавно да се користи во угостителските објекти. Иницијативата за легализација на дрогата – марихуаната, ја поведува токму актуелниот премиер на Македонија г. Заев, со образложение дека економијата ќе се зголемела, а со тоа и стандардот на граѓаните.
Јас како поранешен инспектор во ОВР и на трипати началник на значајни криминалистички служби во СВР-Битола во тој поглед би дал само мал придонес. Имено, марихуаната се добива од растението канабис сатива, но од тоа растение се добиваат хашиш и масло од хашиш. Растението се одгледува на плантажи, ниви, во дворови, на балкони, но и во собни услови во саксии, кај нас марихуаната е позната како коноп. Марихуаната се добива од стеблото на женското растение од листовите и цветовите со нивно сечење, дробење и сушење. Марихуаната се употребува со пушење како цигара како тутун, но некои ја внесуваат со вшмркување, џвакање или голтање. Најчести жаргони што се користат за неа се: џоинти, трева, петарда и др. По употребата на марихуаната кај консументот најчесто се појавуваат повеќе несакани ефекти: забрзан пулс, зголемен притисок, сува уста, црвени капаци на устата, промена во однесувањето и расположението, психичка депресија, кошмари, амнезија, вознемиреност, агресивност, нарушување на меморијата, изгубеност во времето и просторот, забавеност на реакции, кризи поради исплашеност, напади и паника, психички нарушувања, промена во учење, неможност за памтење и повторување, појава на рана шизофренија, намалување на плодноста и негативни ефекти при бременоста.

Марихуаната предизвикува психичка и физичка зависност, некои ја вбројуваат во лесни дроги што и не е адекватно бидејќи сите што употребуваат почнале со марихуана, а подоцна како што велат тие „не ги задоволува“ и преминале на хероин, дрога од која нема спас. Тоа постојано го вели д-р Бојаџиев.
Претходното го укажувам од лично искуство при работа со наркомани регистрирани во СВР-Битола. На прашање на регистрирани наркомани зошто од марихуана преминале на хероин, сите одговараат исто, дека марихуаната не ги задоволувала и недоволно се опуштале. Значи, сите наркомани почнале да користат марихуана, а подоцна преминале на хероин. Видете ја книгата „Дрога модерен уништувач“ од 2013 год., чиј автор сум јас.
За медицинското користење на марихуаната ниту сум компетентен ниту сакам да коментирам, но според претходното се надевам да при евентуално носење закон за легализација на марихуаната пратениците ќе ги имаат предвид овие факти, но и веројатно ќе треба да се консултираат со искусни полициски службеници што работеле во областа на недозволената трговија со дрога, потоа лекари психолози специјалисти што работеле или работат на лекување зависници од дроги, но и со членови на невладини организации и преостанати експерти. Иницијатор и предлагач за легализација на марихуаната е актуелниот премиер, кој македонскиот народ и преостанатите граѓани во РМ при очи ги прави слепи, при уши ги прави глуви.

Имено, дозволи како премиер на РМ, според некои медиуми, неговиот брат да се занимава и да произведува марихуана и сега веројатно основна цел му преку легализација на марихуаната да го пласираат тоа производство, а притоа не водејќи доволно сметка за тоа што последиците од употребата на дрога се со огромна штетност за тој што ја употребува: станува зависник, поткраднува дома и врши кривични дела, заради набавка на парични средства за купување дрога, од употребата на дрогата се разболува и на крајот умира.
Штетата е и за семејствата на употребувачите на дрогата, меѓусебно се обвинуваат родителите кој е одговорен за тоа што нивното дете почнало да се дрогира, ги трошат сите пари и го распродаваат целокупниот движен и недвижен имот за да се излекува нивното дете од зависноста од дрога, остануваат без станови и куќи и на крајот доаѓа до бракоразводи и уништување на семејството.
Штетата од употребата на дрогата е и за самото општество, наркоманот зависник не е во состојба да работи и да ги исполнува работните обврски, но и никој не сака да вработува наркоман од страв дека тој нема да ги извршува работните обврски или ќе изврши кражба таму каде што е вработен. Но очигледно таквите судбини на младите што станале зависници од дрога актуелниот премиер и сите оние што се залагаат за легализација на марихуаната не ги интересираат, ги интересира бизнисот, а во конкретниот случај пласманот на марихуаната.

Петко Бурлијовски, Битола