Квиз по знаење од меѓународно право и политика

Почитувани, деновиве водев еден многу интересен разговор со еден мој пријател од раните години на животот, кој живее во странство, и има завршено политички науки и меѓународно право. Разменувавме мислења за заостанување на нашата држава на патот кон стабилни демократски земји, околу корупцијата, околу оцените за поделена држава, договорот од Преспа, ветото за влез во ЕУ и сл.
Tој ја презеде иницијативата. Според него, она што ние го оценуваме како незаинтересираност на ЕУ за силно нагласените интереси на Бугарија за непризнавањето на нашиот идентитет и присвојувањето на нашата територија, вградени во меморандумот е загрижувачко. Но вели дека тоа има и друга поента. И критиките на Каракачанов и на Ковачев за Извештајот на Стејт департментот, ми вели „јасно укажуваат во која насока ќе се одвиваат работите ако Бугарија остане на тој став“. Ми предложи еден вид квиз-разговор за темата, во која тој ќе поставува насочувачки прашања околу политиката на САД кон проблемот со македонското малцинство во Бугарија, а јас треба да бидам прецизен во одговорите, но и искрен ако на некое негово прашање немам или не знам да одговорам тоа да му го соопштам јасно. Остава на мојата инвенција и знаење да дојдеме до она што е тема на разговорот. Се согласив.
И квизот започна! Ме прашува „дали знаеш или некаде си прочитал нешто околу причината за македонското малцинство во Бугарија содржано во Извештајот на Стејт департментот“. Му одговорив „дека се имам запознаено, а во последно време повторно ги погледнав сите Бледски договори склучени меѓу СФР Југославија и Бугарија, меѓу Тито и Димитров, како и некои анализи за нив“. Прашува: што од таму сум дознал. Му возвраќам „таму, меѓу другото пронајдов и осврт на мировниот договор што Бугарија го има склучено со западните победнички земји.

Но знам и за тоа дека Англија и САД многу долго не го прифаќале тој договор, кој, меѓу другото, бил услов за прием на Бугарија во ООН. Основниот спор или барање на САД и на Англија било да се гарантираат човековите права на македонското и другите малцинства во оваа држава, висината на репарациите и неправедното осудување на оние што барале повеќепартиски систем. Откога Бугарија прифатила дел од овие барања, не попуштајќи за последното, се потпишал мировниот договор што се заснова на документите од Париската мировна конференција за завршување на Втората светска војна. Така се реализираа и човековите права на Македонците во Пиринска Македонија, кои по Информбирото беа избришани како со гума“. Затоа му велам, „тука врз основа на овој договор веројатно нема повод и причина да се бара оправданоста на Извештајот од Стејт департментот“. Ми одговора „дека грешам и дека треба да продолжам со другите информации што јас и другите во државата ги знаеме околу ветото“. Продолжувам „знам дека постои и некаква одлука на Венецијанската комисија за средување на човековите права на малцинствата меѓу Унгарија и Романија, кои се реализираат. Имам сознанија дека и Словенија на ист начин ги реши истите прашања за своето малцинство со Австрија и со Унгарија.

Конечно и кај нас тие права за малцинствата се средени дури на највисоко светско ниво, повисоко од оние гаранции од споменатата одлука на Венецијанската комисија и документите за тој проблем на ЕУ и притоа, кај нас нема обврски за тие граѓани и нема ни најмало чувство за лојалност кон државата, особено од поголемиот дел од нив“. Ме прекинува и ми вели „добро ама јас не видов некакви написи и размена на мислења во јавните средства за информирање во Македонија, врзано за правата на македонското малцинство во Бугарија, а сегашниот министер за надворешни работи не употреби европско знаменце за овие права како што практикуваше за неговите права“. Те молам, сега одговори ми „дали сме имале наши претставници во спомената комисија“, ме прашува. Одговарам „имавме неколку такви што се професори на Правниот факултет во Скопје“. Ми возвраќа „зошто тие не ги отвораат овие прашања пред нашите претставници во разговорите со Бугарија. Јас, ми вели, не можам да најдам оправдување, бидејќи Бугарија прифатила таква обврска со споменатиот мировен договор од 1947 година, како поразена страна во Втората светска војна“.
Останувам збунет и одговарам „па нашите политичари бришеа некакви насловувања на фашистички окупатор по спомениците, а премиерот дури и ги прогласи за администратори, а не окупатори иако со меморандумот подготвен во БАН ти бара територии и непостоење на македонска држава. Потоа историската комисија е подготвена да прифати сѐ што бара бугарската историска комисија“. Ме прекинува и ми вели „зарем не гледате дека бараат да се измијат за злоделата во окупацијата и да го збришат македонското малцинство кај нив. Не сум сигурен дали и вашите надлежни во моментот не тргнале во поддршка на тие барања од Бугарија.

Дали не ги знаат или, пак, им одговара таквиот став на Бугарија штом не го отвораат прашањето за нашите Македонци во Пиринска Македонија“. Јас возвраќам „дека во нашиот устав по Преспанскиот договор е избришана уставната одредба за грижа на нашите малцинства во странство и затоа сега не е можно надлежните да го отвораат тоа прашање во преговорите со Бугарија“. Ми се потсмевнува и ми вели „тоа право ви е дадено со Договорот за мир потпишан во Париз и споменатиот договор меѓу Бугарија и победничките сили од Втората светска војна и тоа не требало да се избрише од Уставот“.
Не сум правник и се чудам и коментирам како е тоа можно нашите заради договорот со Грција да го заборават овој меѓународен акт, кој Бугарија го потпишала и дала гаранции за грижата кон нашето малцинство. Затоа е прашање дали во врска со овој договор има премолчен договор меѓу Заев и брат му Борисов пред потпишувањето на договорот за пријателство од 2017 година, особено ако се има предвид и сегашното однесување на нашиот премиер и министерот за надворешни работи, кои повеќе се грижат за признавањето на Косово и правата на Албанците во Македонија, а не сакаат или занемаруваат да се грижат и за Македонците во Бугарија и во Албанија, особено ако се има предвид споменатиот договор од 1947 година.
Директно ми одговара дека делумно е задоволен од моите одговори и ми вели „треба уште да копаш околу споменатиот договор од 1947, кој Бугарија го потпишала со победниците. Има уште неколку спорови околу тој договор по 1948 година, по Информбирото, а не знам зошто не се познати во Македонија. Треба историчарите и професорите по меѓународна политика и по меѓународно право да ги откријат тие работи, а не да трубат дека треба да ѝ се даде сѐ што ќе побара Бугарија само да влеземе во ЕУ. Можеш и ти да си ги продолжиш истрагите.

На одредбите од тие спорови најверојатно се базира и Извештајот на Стејт департментот и за тоа нема ништо изненадувачки или чудно во политиката на САД. Но не ги заборавај, и оние укажувања што произлегуваат од анализата на германската невладина организација што беше пренесена во весникот ’Нова Македонија‘ од 27-28 март о.г.“
Се осмелувам и нафрлам уште неколку факти околу проблемите за ветото што кај нас создаваат забуни и нејасни намери од споменатиот извештај на Стејт департментот. Му велам дека „кај нас впечатокот околу политиката на САД кон нашите малцинства останува нејасен и збунувачки, бидејќи немаме сигурни информации дали САД кога ни се закануваа дека мора да го потпишеме договорот со Бугарија веќе се откажале од договорот од 1947 и споровите по него потоа. На крајот договор на јазикот според Уставот го потпиша тогашниот наш премиер Ѓоргиевски. Тоа е едната работа, а втората е зошто во Преспанскиот договор Грција бараше и постигна бришење на сѐ во нашиот устав во врска со тоа што споменавме околу правата на малцинствата. Останува нејасно зошто тоа беше поддржано и од САД – дали поради тоа што во 1949 година и оваа земја беше против ДАГ и нејзиното воено учество во бомбардирањето на единиците на ДАГ, оценети како комунистичко движење.

Уште позбунувачко е неодговореното прашање дали кога нѐ уценуваа да го потпишеме споменатиот договор со Бугарија за нејзин влез во НАТО и во ЕУ, сакаа со тоа да признаеме дека во Бугарија нема македонско малцинство и поради тоа Бугарија мисли дека има право и сега огорчено реагира на изјавите на Палмер и на Извештајот во кој се споменува ова прашање. Но во секој случај, визави притисокот за највисоки човекови права на малцинствата на другите делови од народите на соседите кај нас, за нашите делови во соседните земји нема адекватен интерес од страна на нашиот стратегиски партнер. Без оглед дали основата на тој однос кон нас е последица на познатата максима дека „интересите се трајни, а пријателите се минливи“, останува непознаницата што создава чувство дека преку моќта да се наметнат своите интереси не почитувајќи ги интересите на другите, на виделина се двојните критериуми во меѓународните односи, особено кон нас. Тоа е таа реалност од која зависи како ќе го решиме проблемот со ветото за влез во ЕУ, особено ако се имаат предвид споровите по договорот на Бугарија со победниците од Втората светска војна од 1947 година.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер