Треба да се усвојат законски решенија што ќе водат кон демократизација на политичките партии. Нема и не може да има демократија во држава во која постојат султан-партии и во кои лидерите на партиите не се избираат, туку се октроираат! Имајќи предвид дека партиските лидери имаат амбиции да застанат на чело на државата, треба да поминат темелни лекарски тестирања за да се утврди дали имаат склоност кон клептоманија, кон насилство, кон кршење на слободите и правата на човекот, слободите на мислење и изразување и другите цивилизациски вредности.

Ако кандидатите за полагање возачки испит мораат да поминат темелно тестирање од компетентни комисии што даваат мериторни оцени за нивната здравствена и психичка состојба, тестирањето на партиските лидери треба да биде многу построго и потемелно! Во изборот на партиските лидери треба да учествуваат сите членови на партијата. Овој принцип го применуваат сите партии во Хрватска и во многу други земји. За сите поважни работи треба, исто така, да решаваат сите партиски членови! За коалицирање со партијата на канцеларката Меркел (ЦДУ) одлучуваа сите членови на германските социјалдемократи (СДП)!

Со измени во Изборниот законик, Македонија треба да биде една изборна единица. Само на тој начин може да се спречи можноста двете најголеми политички партии да држат монопол и со омнибус-предизборни коалиции да имаат пресудно влијание во политичкиот живот во нашата држава. По осамостојувањето на Македонија овие партии се менуваа, но државата не само што не напредуваше, туку назадуваше! Во Словенија партијата Позитивна Словенија на Јанковиќ победи на изборите, иако беше формирана само неколку месеци пред изборите! На претпоследните избори во Словенија истото тоа се случи и со новоформираната партија на Церар.

Воспоставувањето една изборна единица во Македонија ќе создаде можност за појава на нови политички партии, што битно ќе го олесни формирањето постизборни коалиции! Цензусот за влез во Собранието треба да биде 3-5 отсто од гласачкото тело! Дефинитивно треба да се воведе гласање со отворени листи, што ќе придонесе за елиминирање на долговечните стерилни и/или корумпирани политичари!

Македонија треба да воспостави политички систем што би водел кон брзи и чести смени на власта. Брзите и чести смени на власта придонесуваат за зајакнување на демократијата, за спречување на криминалот и корупцијата и за почитување на докажаните цивилизациски вредности. Досегашното искуство покажува дека најголеми деструкции на демократските вредности се направени во периодот 1992-1998 година, кога СДСМ владееше без опозиција во Собранието и во единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016). На основа на искуството на земји со претседателски системи, особено некои земји од Латинска Америка, како најадекватен систем за брзи и чести смени на власта би бил претседателскиот систем! Во многу од овие земји претседателот, кој има целосна власт (нема премиер), има петгодишен мандат, без право на втор последователен мандат! Работата на претседателот, покрај опозицијата, ја контролираат и неговите сопартијци, за победа и на претстојните избори.

Мошне битно е независни државни органи да вршат редовни контроли на финансиското работење на партиите, за да се спречи можноста за создавање на огромни паралелни партиски буџети, односно црни фондови, со кои може да се победува на сите избори во државата и долго да се владее!

Коста Стоименовски,
авторот е поранешен дипломат