Каков изборен модел?

Не ја познавам оваа проблематика ама имам некои начелни согледувања и туѓо искуство, кои можат да помогнат во дебатата што е во тек.

Факт е дека сегашниот модел не е поволен за малите партии, а им одговара на големите. Малите со право се бунат и бараат промени. Држи и објаснувањето дека модел што би ги ставал во рамноправна позиција со големите би бил подемократско решение. Сепак, дали се потребни промени и какви треба да бидат тие е исклучително важно политичко прашање. Моделот што би бил избран треба и мора да овозможи функционална држава бидејќи, во спротивно, тоа може да ја загрози нејзината иднина. Не смее интересот на малите партии и некаква формална и непродуктивна демократизација, да доведат до тешки последици за сите.

Зошто е тоа така? Ако се избере оптимален модел за малите партии и ако дваесетина од нив добијат по еден или двајца или сите заедно 20 до 25 пратеници, како ќе функционираат Собранието и особено Владата? Со сигурност може да се тврди дека албанските партии ќе освојат исто така меѓу 20 и 25 пратеници, а може и неколку повеќе. Со таков модел и победникот кај Албанците ќе има намален број пратеници, бидејќи и таму има, а ќе има и нови мали партии. На изборите во 2016 г., ВМРО-ДПМНЕ освои 51, а СДСМ 49 пратеници и влада многу тешко се формираше. Замислете што би се случило ако тие утре имаат по 10 пратеници помалку, доколку малите партии освојат 20 места? При ист резултат, тоа би било 41:39. Во таков случај, формирањето влада би била невозможна задача. Ќе се најдеме во маѓепсан круг. Коалициите би воделе во нефункционалност и на Владата, и на Собранието, бидејќи интересите на партиите и нивните лидери ќе бидат спротивставени, а пошироките – заборавени. Ќе бидеме сведоци на врбувања на малите партии, или на пратениците поединечно, што значи финансиска и политичка корупција, кои најмалку ни требаат. Државата ќе стане заробена во вистинска смисла на зборот.

Меѓу другото, проблемот е што Македонците за ништо не можат да се договорат меѓу себе. Собранието тешко ќе носи закони, а надмудрувањата во Владата, формирана во разнолик состав, ќе бидат приказна за себе. Секој ќе влече на своја страна и ќе се обидува да покаже способност, мудрост и моќ, подготвувајќи се за следните избори бидејќи и партиските апетити ама и личните амбиции на лидерите, секако, ќе растат.
Мора да бидеме свесни дека колку и да се поделени, албанските пратеници секогаш ќе бидат единствени околу нивните национални интереси, кои доминираат кај политичарите. Тоа неизбежно ќе води во нови тирански и слични платформи, чија цел ќе биде дефинитивно разбивање на унитарниот карактер на државата.

Во 1990-тите, кога работев во Лондон, во британскиот парламент имаше три парти – Конзервативна, Лабуристичка и Либерална. Изборниот закон ги привилегираше првите две како најголеми. Така, либералите освојуваа по околу 17 проценти од гласовите, а имаа по околу 5 проценти од пратениците. Објаснувањето беше – да, тоа е неправда ама е во интерес на функционалноста на власта. И тоа во случај со само три партии и тоа во Обединетото Кралство каде што договарањето е полесно. Брегзит не го земаме за пример.

За Македонија е клучно Изборниот закон да овозможи нормално функционирање на државата, а ако мора, тоа треба да биде и на штета на интересите на малите партии, кои, впрочем, ги има премногу.

Ова се само претпоставки што сигнализираат опасности со кои можеме да се соочиме. Мораме да внимаваме за да не тргнеме во погрешна насока. Пред државата се огромни предизвици на речиси сите полиња и затоа е клучно таа да може ефикасно да се води.

Ристо Никовски
Авторот е поранешен дипломат