Драги Ѓоргиев е на чело на тимот што преговара со Бугарите за македонската историја

Во базата за електронско пребарување на НУБ „Св. Климент Охридски“

Во базата за електронско пребарување COBISS.MK на НУБ „Св. Климент Охридски“ се појавува само една авторска книга на историчарот, проф. д-р Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ, директор на Институтот за национална историја и копретседател на мешовитата македонско-бугарска комисија за промена на македонската историја!? Станува збор за неговата книга „Скопје од турското освојување до крајот на XVII век“. Во истата база, освен оваа книга, се појавуваат уште 56 други „авторски“ прилози објавени во периодот од 1989 до 2018 година, но повеќето од нив се преводи, коавторски зборници, коментари на документи и слично. Доколку, пак, се пребарува преку алатката „клучни зборови“, а „клучен збор“ е неговото име и презиме, ќе се појават 64 резултати, односно зборници, книги и статии. Разликата од седум единици е во тоа што овде влегуваат и неколку редакциски ангажмани на збирки со документи, предговори и поговори. Тоа е сѐ што има во електронската база за пребарување COBISS.MК од овој историчар, академик и специјалист за османлискиот период, кој го предводи македонскиот дел од комисијата што треба да ја приспособи нашата историја со барањата на Бугарија утврдени во договорот за таканаречени добрососедски односи.

Кој е д-р Драги Ѓорѓиев?

Кој е Драги Ѓоргиев, единствениот академик-историчар во Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија (против промена на името на МАНУ на неодамнешната затворена седница гласале само четворица академици?) и директор на Институтот за национална историја, човекот што по последниот состанок на машовитата комисија во Софија изјави дека Гоце Делчев е „важна личност“ која во иднина „заедно ќе ја чествуваме“. Во изјавата тој наведе дека македонската страна ќе подготви текст што ќе го предложи на средбата во јуни, а потоа, како што рече, ќе „претставиме една сериозна препорака до владите“.

Според Ѓоргиев, нема никаков проблем Гоце Делчев, симболот на македонската нација и борба за слобода, да го делиме со Бугарите а тоа во тој контекст значи бугарската историја ќе ни го позајми како „Бугарин кој се борел за ослободување на македонските Бугари од турска власт“. Но кој е навистина Драги Ѓоргиев? Во електронската слободна енциклопедија пишува дека е роден во Струмица (фаталната Струмица?!) пред педесет и пет години, дека во 1986 година дипломирал на Катедрата по историја на Универзитетот во Скопје, дека во 1988 година се вработил во Институтот за национална историја како помлад асистент, а истата година се запишал на Катедрата за ориентални јазици на Филозофскиот факултет во Сараево, каде што дипломирал во 1991 година. По враќањето во Скопје магистрирал на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, кога бил и избран за асистент во одделението за османлиско-турски период во Институтот за национална историја. Во 2004 година, на Универзитетот во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Населението во македонско-албански пограничен појас во XV и XVI век“. Истата година бил избран за научен соработник, во 2007 г. за виш научен соработник, а во 2010 година за научен советник во одделението за османлиско-турски период во Институтот за национална историја. Во оваа енциклопедија пишува дека во 2012 година станал директор на Институтот за национална историја, а во 2015 г. дописен член на бившата МАНУ.

Што рекол Гоце Делчев

Во библиографијата што може да се најде на електронската страница на МАНУ, во делот за монографски изданија е објавен список во кој има наброено десетици трудови, но под графата автор се појавува само една книга на проф. д-р Драги Ѓоргиев. Не треба да се биде голем аналитичар за да се види зошто преку графата „автор“ во електронската мрежа COBISS.MK не може да се дојде до податок за повеќе од една индивидуална авторска книга на академик Ѓоргиев. Имено, пребарувачот регистрира секаков податок со неговото име, но во „авторско“ дело не влегува избор и превод на документи, коментар во зборник, предговор или поговор, редакција, членување во редакциски одбор, коавторски зборник на документи и слично.
И на крајот да завршиме со два цитата на Гоце Делчев:

„Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот“.

Б.Миневски