Има една мала земја со божествено име – Македонија. Jа нарекуваат уште библиска и света. Мала по територија, но со блескаво историско, културно и цивилизациско наследство. Во Европа, во која буквално сите етноси се политички нации со културен идентитет, Македонија отскокнува со своето исконско име. Имено, Македонците се единствениот народ во Европа што имаше држава пред Христа (9 век пр. н.е), тие се единствениот народ во Европа запишан во Библијата, а со исто име опстојуваат и денес.
Наспроти овие непобитни факти, Македонците се единствениот народ чие име и идентитет се оспоруваат. Но тоа не е единствениот апсурд што ја следи Македонија, таа е земја на апсурди. Еве зошто: не постојат земја и народ за кои толку се разликуваат современите од античките историски извори. Буквално, дијаметрално спротивни. Имено, како што за нас Македонците не важат одлуките на меѓународните судови, Повелбата на ООН и Универзалната декларација за човекови права (во кои правото на лично и колективно име е универзално, за кое нема разговори), така за нас не важи ништо од она што го запишале античките автори. Затоа нашата историја ни ја пишуваат новокомпонирани историчари од 19 и 20 век. Сето тоа врз основа на една небулозна теза пласирана од нашиот јужен сосед и неговите белосветски пријатели: „Античките Mакедонци биле Грци“.

Аналогно на горенаведеното, сѐ што е цивилизациски дострел на древните Македонци е впишано во катастарот на еден друг народ, во овој случај Грците. Не постојат друга држава и народ во светот за кои е повеќе пишувано, отколку што е тоа за Македонија и нејзиниот легендарен водач Александар Трети Македонски. Можеби е повеќе пишувано само за Библијата и Исус, а сепак античка Македонија и Македонците се најголемата мистерија. За нив не се знае буквално ништо, секако според она што ни се сервира. Мистерија се нивниот јазик, писмо, култура, обичаи, етногенеза… Секако, и ова е невиден апсурд, ако се има предвид дека буквално сѐ е познато за „Античките Грци“, а историските извори се исти и за нив и за нас. Не постои народ во светот од кој повеќе се крадело и сѐ уште се краде. Едни ни го крадат името, други ни го крадат јазикот, трети црквата, а четврти атакуваат со оружје.

Според едни, Античките Македонци биле Грци, според други Бугари, според трети Срби, според четврти Aлбанци, а од скоро, потомци на Античките Македонци има и во Mакедонија, но тоа се денешните Власи. Ова е апсурд над апсурдите. Од Античките Македонци останало сѐ и сешто, само не Македонци. Можно ли е тоа? Можно ли е во исто време Македонците да биле и Грци и Бугари и Срби и Албанци и Власи? Секако не! Која е тогаш вистината? Мислам дека одговорот се наметнува сам по себе. Ако сите тие сами се декларираат како потомци на Античките Македонци, вистината е една, сите тие некогаш биле Македонци. Нашите соседи сакаат да го скријат ова. Затоа сите овие оспорувања. Денес е вистинска ерес да се пишува за Македонија и Македонците, особено за врските меѓу древните и денешните Македонци. Причината е многу едноставна, да не се навределе нашите јужни соседи. Вистинска ерес денес е и самото спомнување на неоспорниот факт, дека првата грчка држава е од 19 век, создадена во 1830 год. со Лондонскиот протокол. Никогаш пред тоа не постоеше држава со име Грција. Вистинска ерес денес е и да се направи потемелна студија за старобалканските народи, како и за подоцна историски регистрираните Словени, кои се појавија од ништо и од никаде во 6 и 7 век.

Според пласираните тези, за Македонците нема место меѓу старобалканските народи. За некого Македонија е географски поим, а Македонците биле Грци, па, оттука, за нив нема место меѓу прасловените, ниту пак ќе има место да се сместат помеѓу подоцна регистрираните словенски народи, затоа што веќе се групирани меѓу Хелените. Оттука и современите Македонци, во согласност со овие критериуми, ќе треба да бидат Срби, Бугари, Албанци, Власи или Грци, односно славофони Грци. За сето ова сме и самите виновни, затоа што нашата историографија некритички и без ниту еден релевантен доказ прифати дека ние, денешните Македонци, немаме никаква врска со Античките, дека ние сме Словени дојденци, натрапници од заткарпатските мочуришта во 7 век, што само по себе имплицира постоење и на некои други Македонци (Античките), кои биле „Грци“.
Тоа, пак, од друга страна, им создава основа на нашите јужни соседи да ни го оспорат правото да го носиме името Македонија и Македонци. Затоа за Европа и светот ние сме безимени. Именувани сме како „вашата земја“, „оваа земја“, „Скопје“, „БЈРМ“… и како уште не. Затоа нѐ условуваат најбезобразно, фашизоидно или геноцидно, прво името, па потоа ЕУ и НАТО. Зошто е ова вака, што е тоа кај Македонија и Македонците што ги плаши Европа и светот за да ја прифатат древната вистина за нив, па ни искомпонираа нова историја и ни бараат ново име и идентитет?

Во согласност со древната традиција, забележана кај голем број древни автори, народите и државите го добивале името според својот родоначалник – обично некој истакнат владетел со божествен предзнак. Македонија не е исклучок, безмалку сите древни автори забележале, Македонија го носи своето име според легендарниот митски водач Македон. Но Македонија се разликува од сите тогашни познати народи и држави по тоа што своето име го носи и според божјата мајка (тогаш Голема Мајка), што, нема сомнение, е постаро. Што се однесува до староста на името, тоа нема граници во длабочина, иако тоа не е забележано во историските извори. Но, посредно, според пронајдените артефакти што ја симболизираат Големата Мајка, тоа датира уште од неолитот. Единствен од професорската фела што го истражувал ова прашање е проф. д-р Ташко Белчев, во својата последна книга „9.000 год. македонска цивилизација писменост и култура“, според кого таа го носи името најмалку 9 милениуми.
За мене, сепак, многу позначајно нешто е значењето на името Македонија. За жал, до денес нема одговор на ова прашање, тоа сѐ уште се чува под тепих, затоа што некој од моќните не сака да излезе на виделина. Со оглед на тоа што ние не знаеме ништо за јазикот и етногенезата на древните Македонци, не можеме да знаеме ништо што значело тоа име во македонскиот јазик. Но затоа ние денес знаеме како нѐ нарекувале „Грците“, Египќаните, Латините и кој ли не, како и што тоа значело во нивниот јазик. Така, според едни, Македонија значи рамна земја, по други е широка, по трети песоклива земја, а по некои висока или планинска земја. Притоа никој не се прашува како е можно тоа име во исто време да значи и рамна и широка и песоклива земја, или можеби висока (планинска) земја. Некој очигледно заборавил, името е лична работа на секој поединец и колективитет. Секој е господар на своето име.

Љубе Христовски (Дардан Венетски)