Иконата и секирата во Црна Гора

Срѓа Павловиќ

Последниве недели Црна Гора живее меѓу две вистини, кои се во меѓусебен однос на зависност. Првата вистина е дека велика Србија се крена во Црна Гора. Втората е дека се разбуди и онаа осиромашената, економски депримирана и обесправена Црна Гора, која настојува да опстане надвор од рамките на партитократијата. Од динамиката на нивниот однос ќе зависи и идниот карактер на црногорското општество.

Првата вистина ја потврдуваат повеќенеделните протестни прошетки во организација на СПЦ, на парламентарните претставници на српското гласачко тело во Црна Гора, како и на политичките и параполитичките актери од Србија. Тие се, без сомневање, дел од политичкото движење, кое себеси се обвиткува во верски одежди и се затскрива зад иконите. Иако историјата нѐ учи дека иконата може многу нешта да истрпи, зад неа не можат да се скријат вџашените лица на оние што во 1990-тите не ги остварија своите поставени цели. Тие деновиве се обидуваат повторно „среде сенокос“ да го распалат тој „животворен“ пламен и Српска Спарта да ја исчистат од т.н. монтенегринско зло, кое, како што тврдат самите, во 2006 година ги раздвои „двете очи во главата“.

Со ова, се разбира, не сакам да ја доведувам во прашање искреноста на оние верници што учествуваат во прошетките бидејќи ги убедиле дека државата сака да им ги закатанчи црквите, да им ги забрани „името и презимето“, да им го грабне имотот и да го оспори правото на молитва и благослов. Она што сакам да го доведам во прашање е искреноста на црковните великодостоинственици и политичарите, кои ги осмислија и организираа протестите и мотивираа голем број верници да учествуваат во нив. Иако не се единствени, а камоли најголеми виновници за настанатата ситуација, значителното влијание на српските власти на динамиката и текот на кризата во Црна Гора го потврдуваат континуитетот на децениските хегемонски напори на српската владејачка елита да ја пацифизира Црна Гора. Натаму, усвојувањето на проблематичниот Закон за вероисповед беше само и исклучиво погоден „касус бели“ за радикализација на деценискиот судир што тлее во Црна Гора. Тоа во суштина е судир околу втемеленоста на црногорскиот идентитетски израз и околу легитимноста на обновување на државната сувереност. Властите во Србија беа и останаа значајни акционери во овој судир.

По повторените барања на лидерот на опозицијата, митрополитот Амфилохије, да паднат или законот или Владата, политичкиот карактер на протестите недвосмислено го потврди и владиката Јоаникије во интервју за агенцијата „Спутњик“. Дефинирани се рамката, карактерот и целта на протестите. Рамката е правоверна, карактерот национален, а целта политичка. Уверувањето дека црквата се наоѓа на „вистинската страна на историјата“ беше анкерисано во добро познатите верски принципи. Иако оправдани, обвиненијата упатени кон власта за продлабочување на поделбите, беа само реторичко загревање за мотивацискиот говор наменет на новите Христови војници: борбата само што започна и нема да застане до конечната победа. Во оваа беседа убаво се слеаја двете крајности: иконата и секирата.

Воената терминологија што го врамува ова интервју го сигнализира враќањето во блиското минато, кое го населуваа „непријатели“ и „зло“ што „мора да се победи“. Тогашниот патријарх Павле ги носеше по поранешна СФРЈ моштите на кнезот Лазар и со нив ги омеѓуваше границите на велика Србија на Шешељ. Аркан беше гоштеван во манастирот во Цетиње, поповите опашани со реденици позираа на тенковите. Црвените беретки примаа благослови, а организираните покрстувања на муслиманско население во Биелина, откако тој град го „ослободија“ Христовите војници под команда на воен злосторник, беа интегрален дел од системот за одбрана на „голоракиот народ“. Но можеби терминот „враќање“ е погрешен, бидејќи се чини дека СПЦ не се помрднала ниту педа од рововите од 1990-тите. Дали се и денес, како што беа тие години, Црногорците и суверенистите, она зло (лепра) на чие истребување од српското православно трло повикуваат црковните великодостоинственици?
Црна Гора живее уште една нормализација на насилството низ верска рамка, ревизија на историјата, која произведува нови симболи и креирање „алтернативни факти“. Тоа е она што верските поглавари им го нудат денес на верниците во Црна Гора. Во таквиот образовен пакет аранжман, тробојката престанува да биде симбол на државата Србија и станува симбол за перцепција на злосторниците од 1990-тите како национални херои, како и химна на криминалците, кои се јуначеа над албански цивили на Косово, а нешто подоцна го убија и претседателот на српската влада, и станува само уште една со вера задоена вокална манифестација на заедништвото и подготвеноста да се води „војна непрестана“ до победата што ја ветуваат политичарите и верските лидери.

Втората вистина ја потврдуваат сѐ погласните барања, кои се повеќе од економска, а помалку од верска природа. Се чини дека измамената, ограбена и, над сѐ, обезнадежена Црна Гора ги гледа националистичката и верската рамка на протестот како можност да се исправи и да ги повтори своите претходно упатени критики до властите. Масовноста и демонстрираната решителност на актерите во оваа нова рамка на дејствување и даваат нешто подобри шанси за успех на таа обезнадежена Црна Гора. Поврзувањето на овие две реки незадоволни граѓани, кои бараат промени претставува досега најсериозен политички предизвик за владејачката структура на Црна Гора.

Мислам дека тврдењата оти овде се работи за тактички маневар на СПЦ се знак на истовремено потценување на длабочината на економската депресија во Црна Гора, како и преценување на горната граница на толеранција на граѓаните. Критичната маса сега поставува и барања што се длабоко лични, претставуваат одраз на маката на секојдневниот живот и ги исцртуваат рамките на економската и општествената криза во која се наоѓа Црна Гора. Тоа се барања за рамноправност и правна држава, за борба против корупцијата, барања да се даде можност за наоѓање работа од која може да се живее, да се сопре одливот на кадри и иселувањето на младите бидејќи не гледаат можност за достоинствен живот во некомплетираната држава. Тоа се и барања да се застане на патот на растурањето на националните ресурси и да се престане со туркање на државата и нејзините граѓани во состојба, која сѐ повеќе личи на должничко ропство.

Животното искуство на просечниот жител на Црна Гора од 2006 година до денес би требало да биде опомена на структурите на власт за тоа каде се границите на толерирање на клептократијата и партитократијата. Изгледа дека власта сѐ уште ги држи ширум затворени очите кога се вакви опомени во прашање и дека тоа го работи верувајќи во неограничената моќ и употребна вредност на приказната за загрозената држава. Никој, меѓутоа, не може со сигурност да тврди дека таа приказна денес изгледа како фактор на хомогенизација на оние што во 2006 г. сакаа суверена и независна држава по секоја цена.

Исто така, мислам дека се преценува силата што ја носи авторитетот на претседателот на државата и на владејачката партија. Овде се работи за политички совршена бура, која ги соголува значителните недостатоци и недоречености на процесот на обновување на суверена и независна држава. Серијата контрапродуктивни јавни настапи на претседателот на државата долеваа пословично масло на огинот и разоткрија барем два сериозни проблеми.

Прво, овие настапи ја загарантираа персонализацијата на кризата: Православието против Мило Ѓукановиќ. Дамнешното тврдење за приватната држава создадена 2006 година доби ново втемелување. Се разбира, доминантното влијание што сегашниот претседател го имаше на процесот на обновување на државноста и курсот на развој на суверена Црна Гора зад себе повлекува и значителна доза лична одговорност за моменталната ситуација. Сепак, не треба да заборавиме дека на овие работи имаше многу чинители кои дадоа придонес за обновување на црногорската независност, па не можат да побегнат од сопствената одговорност за фалинките од кои пати конечниот производ. Без оглед на потребата одговорноста да се распореди на повеќе точки, претседателовиот уценувачки коментар за тоа дека оние на кои ова не им се допаѓа можат да си одат од Црна Гора не придонесува за смирување на страстите. Напротив, тоа звучи како закана до сите што сметаат дека можат да изразат критички став во однос на власта. Ако се присетиме дека пред неколку месеци слична забелешка во Собранието изрече и сегашниот претседател на Владата, тогаш приказната за системскиот проблем добива на легитимитет.

Второ, маргинализирани се институциите на системот, кои, според правилата на демократските општества, би требало да работат на решавањето вакви кризи. Без оглед на постоењето традиција на страхопочит кон авторитетните владетели, современа Црна Гора не би требало да биде исклучок од тие правила. Повремените уверувања на официјалните лица дека државните институции се способни да се носат со сите предизвици не влеваат посебна доверба, бидејќи тие честопати им претходат на драстични промени на официјално веќе потврдените одлуки на државните органи. Немите толкувања што следуваат може да бидат знак или на колапс или на целосно отсуство на усогласена процедура за решавање. Ваквата неодлучност може да биде и показател за разидување меѓу доносителите на одлуки.

Ниедно од овие нагаѓања не влева надеж во силата и способноста на институциите на системот да се носат со проблемите, кои актуелната криза ги наметнува независно од авторитарната личност на претседателот на државата. Организаторите на протестните прошетки во црногорските градови ги увидоа овие недостатоци и се обидуваат да ги експлоатираат така што инсистираат на споменатата персонализација на кризата. Сепак, треба да се надеваме дека желбата за наоѓање компромисно решение ќе ги надвладее егоистичките импулси на носителите на одлуки во спротивставените табори.

(авторот е предавач на Катедрата за историја и класици на универзитетот „Алберта“ во Едмонтон, Канада)