За што навистина се преговара со Бугарија?

Поради незнаењето што е политика, a што преговарање, кај нас лебди во воздух дилемата за што преговараме, па од „политичките“ лисја во шумата не се гледа стеблото. За ВМРО-ДПМНЕ се преговара за идентитетот, а за СДСМ тој исказ не е точен – за тоа не се преговара! И на крајот искажаното по интервјуто за БГНЕС, кон граѓаните на Македонија од страна на премиерот, е ноторна лажна вест на ирационален политичар.
Со Бугарија, во моментот, а и во далечна иднина, ако не се случи нешто неочекувано, ќе се преговара за нашиот идентитет, попрецизно за неговото срце иако премиерот сѐ уште се прави недоветен дека не знаел за што се преговара. Оваа оцена може да се аргументира со знаењето на оние што ја креираат светската наука и политика, па и за оваа проблематика. Непознавањето на тоа знаење кај нас, ги создава споменатата дилема и маглата околу неа.
Споредбата на дефинирањето на поимот идентитет во нашата социолошка наука со онаа во научните кругови во САД во суштина е идентична. Меѓутоа, ставот дека за идентитетот не се преговара од пред извесно време е веќе изменет, а кај нас тоа сѐ уште е непознато, па затоа не сме свесни што ни се случува. Концептот што се примени при преговарањето за името со Грција, што резултираше со исход, чија основа е членот 7 од договорот во кој се утврди нашиот релациски идентитет (или изменет) меѓу Македонците во нашата држава во однос на Македонците во Егејска Македонија ја потврдува, таа оцена. И тогаш и сега со Бугарија, премиерот упорно тврди дека не се преговарало и нема да се преговара за нашиот јазик и идентитет. Тој сака своето „знаење“ да го скрие со партизанска политика (политикантство), бидејки тој беше инструиран да преговара според овој концепт ама ни го претставува како историски успех или компромис.

Основната претпоставка на концептот е дека упорните и тврдоглави конфликти се секогаш идентитетски, а корените им се во племенскиот ефект (емоциите, митовите и сл.). Според овој концепт, идентитетот е променлив со тек на време и дадени историски моменти, а другиот дел е срцето на идентитетот, кое е менливо само преку преговарање за афилијација и кооперација (нашиот случај за влез во НАТО и во ЕУ) кога треба излез од конфликт со карактер на упорност и тврдоглавост. За тоа авторот за излез од ваквите конфликти ја предлага алатката релациски или поделен идентитет. Срцето на идентитетот почива на пет столба: верување за тоа кои чувства ви се нападнати; ритуали што чувствувате дека ви се загрозени; верноста што чувствувате дека ви е растргната; вредности што чувствувате дека се под закана и дека ќе се извршат тие закани ако не го направите тоа што се бара од вас и емоционалното значење на искуството или делегитимизирање на чувствата за меморијата. Со последните надградени проблеми на договорот од 2017 година од бугарската страна, не треба поединечно вам почитувани да ви се објаснува дека сите овие пет столба на срцето на идентитетот, оваа страна ни ги напаѓа и принудени сме да преговараме и да ги одбраниме или да ги трансферираме како што тие бараат.
Тоа не е максималистичко барање, туку политички се карактеризира како политицид (политички геноцид). Накратко! Од нас се бара да ги заборавиме нашите вредности, кои се создадени од памтивека: дека сме Македонци, со свој јазик и наративна историја заснована на факти. Според нивната псевдонаука, (голем дел конструирана за време на Живков) нашата држава, а со тоа и македонската нација и јазик се вештачка творба бидејќи нашите корени се протегале во Бугарија. Водата на таа воденица, ќе повторам и сега, почитувани ја свртеа преговарачите за договорот од Преспа преку договорениот релациски идентитет.

Потврдата е едноставна. Со одредбите од тој договор со Грција, на Бугарите ширум им се отвори вратата, бидејќи ја увидоа слабоста на нашите најодговорни, но и некомпетентни политичари, па сакаат овој за нив историски момент да го искористат и да ги решат сите нивни историски фрустрации. А тоа што го бараат не е бајпас, туку бараат од премиерот и компанијата околу него да го извадат нашето срце од нашето тело и на негово место да вградат б’лгарско донирано со сериозен миокардит (болест излечива само преку пресадување на друго здраво срце инаку брзо настапува смрт). Со таков однос, чија суштина е замена на националните интереси со интереси што се краткотрајни, нашите политичари, преговарајќи за договорот од Преспа, упаднаа во својата замка. Ваквиот редослед на процесот беше договорен меѓу Борисов со грчкиот и српскиот премиер на една средба во Грција.
Присетете се што зборуваа претставниците на државниот врв на Бугарија пред и по нивната средба со Бучковски. Накратко никој од државниот врв на соседот не спомена дека се откажуваат од претходно дефинираните нивните интереси: македонскиот јазик е бугарско наречје, а македонскиот народ е одроден бугарски народ и во Бугарија нема македонско малцинство, ставови засновани на документот од БАН. Братот на Заев, не Вицето, туку Борисов изјави дека во Бугарија нема македонско малцинство и дека името има територијални претензии иако нонпејперот, во кој како и со двата договора од 2009 и 2017 година, има гаранции дека немаме територијални претензии, а Радев додава дека нашиот идентитет не треба да се гради врз омраза.

Намерите се сосема јасни: се бара ист договор како Преспанскиот. Тоа што го пропуштиле со договорот од 2017-та сега сакаат да го надоместат. Но, почитувани, од изјавата на нашиот премиер, особено онаа дека Борисов му помагал кога преговарал со Грција, нашиот премиер целосно оди кон поддршка на барањата на другата страна, да се преговара за трет договор. По оваа изјава е сосема јасно дека тогаш нашиот премиер му дал збор на Борисов дека и тие треба да си го бараат своето од Македонија, како што тоа го направи Грција. Затоа Борисов сега напоменува дека името има територијални претензии, а Заев ни вели не знае што бара другата страна, ама ќе преговара и понатаму. Нашиот премиер така станува внатрешен поддржувач на политицидот на својот сој.
Но, почитувани, мене во сето ова разногласие кај нас, ме плаши што нема јасен одговор од опозицијата, на стратегијата што ја применува нашата власт, а која може да се изрази преку познатата синтагма „кучињата си лаат карванот си врви“ што е израз на племенска политика, која почива на односот на оваа власт кон правото и демократијата како самоправедноост. И последното обраќање на премиерот на македонската јавност само е некаков континуитет, а не дисконтинуитет во нашата политика кон источниот сосед, како што некои јавно ни наметнуваат лажни вести. Ако во моментот власта или паријата, која ја практикува таа власт, не се обиде да направи консензус со другите партии во оваа држава за проблемите со Бугарија, врз основа на обединето знаење (некој тоа го именува како национална платформа со стратегија). Оттаму e и нашата слаба преговарачка позиција со Бугарија слично како што беше и со Грција. Губитничкиот исход е неминовен, се огледа во бришење на нашите етички идеали што го изразуваат нашето срце на идентитетот.

Се замислиле ли реформаторите на образованието дека треба да се промени и живковистичката историја во Бугарија. Ако тоа не се бара во нонпејперот, тогаш Мила и Заев со компанијата се сосема одлепени од реалниот свет.
И да завршам: каква стратегија има ВМРО-ДПМНЕ за излез од оваа загатката? Мене не ми се јасни настапите и изјавите на поединци од раководството од оваа партија. Некако зборуваат за стратегија, а всушност нивните јавни искази се далеку и од тактика! Талкаат во баруштината. И кај нив се повторува историјата како пред договорот за името. Ајде бидете барем малку проактивни, а не како досега целосно реактивни!

М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер