За македонските делби и поделби

Длабока поделеност меѓу граѓанството, јавните личности, новинарите, академската и дипломатската фела. Разногласие доведено до степен на усвитеност, нетолерантност и лична нетрпеливост. Во медиумите и на социјалните мрежи редици тешки зборови, иронија, сарказам, фрустрираност, навреди, говор на омраза, зла крв. Такви се размислувањата на многумина, на тема нивото и амбиентот во македонскиот дел од реалноста и пошироко во дијаспората. Што се однесува до спротивставените мислења и толкувања, па и остриот вокабулар кај политичарите, тоа, според теоријата и практиката, било и е легитимен дел од политичката борба и дејства. Но многумина поблиски и подалечни се загрижени за поделбите по однос на разните мислења кај обичните луѓе, при што размислувањата и толкувањата се земаат како голем грев, исклучивост, лоши намери. Или плурализмот е тој што многумина од нив ги дочека неподготвени, политички полуписмени, но и до невкус, гротеска и безобразие (не сите, се разбира) – гласни, готови да спорат, оценуваат, валоризираат и врескаат. Политиката ги раскара луѓето, мислење што често може да се чуе и кое се востанови како резиме. Според социолозите експерти, во прашање е неискуството во практикувањето на демократијата, што по повеќедецениско едноумие кај генерации се востанови како ментален код, па стварноста и во денешните нови плурални услови продолжува да се третира и доживува акламативно, консензуално, еднонасочно.
За почеток да се потсетиме и да подвлечеме нешто што е видливо со голо око, а тоа е факот дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која, како и секаде во белиот свет, легитимно е правото на граѓаните да имаат различни, вакви или онакви, свои политички уверувања и толкувања.

Но факт е и дека уверувањата и толкувањата многу често се изградени како цврст бедем, севкупен и непомирлив поглед на светот. Корените на таквиот зацементиран недијалектички пристап, зачинет со традиционалниот медитерански инает и сеирџиски менталитет, и ете ти разномислие, разногласие, делби, поделби, разделби. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет. Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно и тоа е секогаш нашето мислење и уверување, но и крајна нетолерантност кон неистомислениците. Во другите сфери, особено оние политичките, тие речиси и не постојат, тоа е темна зона во која секогаш се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри. Како и на кој начин да се полемизира со луѓе што не ги прифаќаат и практикуваат основните постулати на демократијата како елементарно ниво на политичка култура и етички норми? Гнасна. невкусна, безобѕирна битка, каде што величината на влогот и личниот интерес ги трасира моралниот еквилибриум и отсуството на духовност. Да се битисува и опстојува со архитриковите од типот дивиде ет импреа, тоа е движечкиот пост скриптум што се исчитува под чадот на бомбите, континуираните немири, политикантство, перформанси…
Треба да се има ѓаволска храброст и трпеливост за да може човек секојдневно да се соочува со преоблечени демократи, лицемери и жртви на сопствените контрадикции, кои најпрво убаво поживеаја во епохата на демократскиот социјализам, а сега одработуваат и бараат засолниште во резидуи на политиката, на која ѝ должат безмалку се – кариера, пари, привилегии, удобен и возбудлив живот.

Следствено и прашањето кој тип на единство му е потребен на современиот човек – Македонецот. Тој, според тврдењата на „постмодерните политики и социолошки ’експертски’ анализи“ е на ниско цивилизациско ниво и спаѓа меѓу простите и најнесреќни народи во регионот. И како по правило се единствени и компактни и сите се некако ѓутуре нискообразовани и недоволно еманципирани и слепи да ги одберат вистинскиот пат и вредност, за да уживаат во идеите и придобивките од плурализмот. Но „во право се и кога го грешат и го одбираат погрешниот пат“.
За некои од тие недобронамерни искривоколчени погледи, Македонија е и останува вид коминтерновска екстериторијална преобразба, составена од неодамна измислени случувања, митови, историски факти, украдени приказни, епски пеења, херои, востанија. Во секоја погодна пригода се подметнува митот за македонското неединство, што е бреме во потсвеста на секој Македонец уште од времето пред и по илинденската епопеја, историско наследство што, за жал, и денес се рефлектирало во практиките и менталниот код нa Македонецот.

Длабоко се лажат оние што ги прогласуваат граѓаните за малоумни, некадарни, прости, без демократски капацитет и резон. На македонските граѓани со јакнење на информациските технологии сѐ помалку им се потребни „посредници“, саскачи, подбуцнувачи. Вистинската сила на младата македонска демократија е токму во зрелоста на граѓаните.
Не треба да бидеме преголеми песимисти, па да си велиме дека сме слаби и може да нѐ изеде волкот. Не треба да бидеме ниту преголеми оптимисти и да очекуваме дека ѕвездите ќе се наредат така што сѐ ќе ни оди во прилог. Но нѐ бидна и ќе нѐ биде за навек, нема да се обезличиме, ниту изедеме, или исчезнеме како што некои „душегрижни, добронамерни, соседи и пријатели“ предвидуваат и посакуваат.

Аљоша Симјановски