Заминување на големиот стратег

Ин мемориам: генерал Тодор Атанасовски

На 93-годишна возраст почина генерал-полковник Тодор Атанасовски, првоборец и носител на партизанска споменица од 1941 година, поранешен носител на повеќе воени функции, претседател на Сојузот на борците на Македонија, публицист во пензионерските денови. Беше погребан на гробиштата „Бутел“ во Скопје, со воени почести и последни простувања од своите соборци.

Генералот Атанасовски е роден во Кавадарци во 1925 година. Уште на млади години се вклучува во македонското национално револуционерно движење. Во 1941 година не ја прифаќа фашистичката окупација и се приклучува на партизанското ослободително движење. Учествувал во борбите против окупаторот како борец во Втората македонска бригада и бил политички комесар на баталјон. Учествувал во борбите во Февруарскиот поход и Пролетната офанзива.

Во септември 1944 година, при формирањето на 14-та младинска народноослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“, е политички комесар на бригадата до 1945 година. Бил учесник на пробивањето на Сремскиот фронт и учесник во дејствата до ослободувањето на Југославија од фашистичкиот окупатор.
По ослободувањето завршува виша воена академија. Бил началник на Штабот на народната одбрана на Скопје, потоа оперативен началник и командант на територијалната одбрана на Македонија.

По осамостојувањето на Република Македонија е член на Советот за национална безбедност. Автор е на голем број коментари во печатените медиуми и стручни студии за стратегиските одбранбено-безбедносни, национални, политички и други аспекти за состојбите во Република Македонија и за светската глобална безбедносна политика. Во периодот по пензионирањето и осамостојувањето на Република Македонија, објави десетина актуелни текста во весникот „Нова Македонија“, а особено беа забележливи неговите анализи објавувани во тогашниот неделник „Пулс“.

Тодор Атанасовски беше активен член и претседател на Сојузот на борците на Македонија, каде што со своето животно искуство и креативност даде голем придонес во зачувувањето и дејноста на боречката организација.
Носител е на Партизанска споменица 1941 и добитник на голем број воени и општествени признанија.