Една изборна единица и отворени листи

Напуштањето на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот Македонија да биде една изборна единица со отворени листи, предлог што неодамна е доставен во парламентот, е едно од решенијата за разбивање на бипартизмот во гласачкиот блок и воведување на плурализмот во земјава. Нешто што е толку неопходно и важно за здрав и сериозен општествено-политички развој.
Во Македонија досега за избори имало три модели, мнозинскиот, кој беше до 1998 г., во 1998 г. беше комбиниран – мнозински и пропорционален, а од 2002 г. досега е пропорционален систем.

Ако само направиме симулација на гласовите што би ги добиле политичките партии, кои учествуваа на последните парламентарни избори, или на оние претходните, односно ако се соберат гласовите што ги добиле политичките партии во шесте изборни единици, и тие се прикажат како гласови кога Македонија би била една изборна единица, во собраниското столче би седнале и помалите партии, претставници на помалобројните заедници или самостојни кандидати. Со Македонија како една изборна единица и отворени листи ќе се овозможи во парламентот да се најдат кандидатите што ќе добијат поголем број гласови, а не како досега, кога пратеници стануваа тие што се на подобра позиција на гласачкото ливче, генерално само затоа што имаат подобри врски со лидерот на водечките големи партии.

Со отворените листи граѓаните ќе имаат слобода на избор при гласањето, бидејќи ќе се цени личноста, а не само партијата.

Моделот една изборна единица ќе доведе до разнородна политичка сцена и ќе се намали јазот меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Владите што би се формирале би биле похетерогени и за очекување е дека тоа ќе значи поголема демократија и слух за потребите на различни општествени групи, особено за помалобројните заедници.

Еден едноставен факт и сериозна аномалија, во нашиот општествен систем и секојдневие, е податокот дека од осамостојувањето ние никогаш не ја добивме вистинската реална слика колку припадници на една етничка заедница гласаат за својот претставник во Собранието?! Ниту по сегашниот модел, може одредена листа на граѓани, самостојно да излезе и да добие одреден број гласови, тоа нема да биде доволно ниту возможно да им се спротивстави на „лидерите“, кои влегуваат на листите меѓу големите политички субјекти.

Досегашната практика на предизборни коалиции на помалите партии, кои своите кандидати ги пласираа на листите на големите партии, пред сѐ поради изборниот модел, создаде еден политички синдром, каде што изборниот модел што функционира речиси две децении создаде една состојба да не може да се измери рејтингот на лидерите на помалите партии на етничка основа, кои коалицираат со големите партии.

Пропорционалниот модел со шест изборни единици направи таквите лидери на помалите етнички партии по некаков автоматизам да влегуваат на изборните листи на поголемите партии, и да бидат високо на кандидатската листа, без притоа да им се провери рејтингот. Со овој изборен систем не се знае, на пример, колку припадници на една етничка заедница навистина гласале за својот претставник. Но и покрај таквата слика и состојба, имаме рекордери пратеници што седат со години, повеќе од деценија во Собранието, а да немаат поставено едно суштинско, чувствително прашање за проблемот на својата заедница.

На тој начин се создава еден синдром на „лажни претставници“, за кои не е позната поддршката од базата.

И покрај неколкуте иницијативи за промена на изборниот модел, тие секогаш беа одбивани од големите партии, за што и сега се плашам ќе биде така, бидејќи тие со новиот модел го губеа монополот врз гласачкото тело, односно остануваат пократки за неколку пратеници.

Доколку се промени изборниот модел, Македонија да биде една изборна единица, да речеме, навистина ќе има тежината гласот во српскиот електорат во Куманово, Старо Нагоричане, Чучер Сандево, Росоман, Валандово – и не би бил ист, како досега. На народот во Македонија му треба слобода да избира. Затоа треба да се воведе пропорционален модел со отворени листи, така што граѓаните ќе можат слободно да избираат, без да се наметнуваат лидерите на партите или некои повисоки функционери во изборните листи.

Милутин Станчиќ
Проф. по книжевност и српски јазик
поранешен директор на Управата за јазиците во МОН СКИЦ СПОНА