Еден поглед кон имплементацијата на Договорот за соработка и добрососедство

Полека изминува времето кога политичките партии во својот политички, а неретко и политикантски, маркетинг го инструментализираa Договорот за соработка и добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија и доаѓа време кога неговата имплементација станува актуелна. Имајќи предвид дека станува збор за комплексен договор, кој ги опфаќа речиси сите области на политичкиот, економскиот, културниот, научниот живот и кој бара ангажирање на многу институции, организации и органи, краткорочно и долгорочно се наметнува потребата од донесување програма со која ќе се обезбеди поттикнување, координирање и пред сѐ обезбедување на потребните ресурси за остварувањето и следењето на активностите, секако повеќе од аспект на организиран и координиран пристап во остварувањето на целите на Договорот.
Во тој контекст би укажале на некои аспекти од Договорот, без претензии на сеопфатност, туку повеќе од аспект на потенцирање на нивното значење и потребата од динамична и добро координирана активност. Така, иако на прв поглед членот 2 од Договорот дејствува декларативно, сепак станува збор за суштински член, со кој двете страни се обврзуваат да соработуваат во рамките на ООН, Организацијата за безбедност и соработка на Европа, Советот на Европа, а кога станува прашање за членство во НАТО и со НАТО, во согласност со одлуките на врвот на НАТО.

За овие организации не е спорен македонскиот државноправен и национален идентитет. Државноправноста на Македонија како федерална единица на ДФЈ (СФРЈ) е по две основи, како нација и како држава. Како таква, таа е потписник на Повелбата на ООН (Емануел Чучков во име на НР Македонија), заедно со другите републики, и како таква е примена како независна држава што ги исполнувала сите услови по распаѓањето на СФРЈ. Точно е дека во Повелбата на ООН не се споменуваат прашањата за правата на малцинствата. Но во Повелбата се бара стимулирање и развој на основните човекови права независно од раса, пол, јазик и религија. На темата унапредување и заштита на човековите права на националните, етничките и други малцинства беше организиран меѓународен семинар на ООН во Охрид од 25 јуни до 8 јули во 1974 година. Вреди нашата дипломатија и наука да се навратат на полемиката по тој повод на Д. Беловски со бугарскиот претставник Јулиј Бахнев.
Според тоа, во согласност со горенаведениот член, соработката помеѓу Р Македонија и Р Бугарија по сите прашања, вклучувајќи ги и т.н. отворени прашања, според нашите процени, проблемот на признавањето на државноправниот и национален идентитет излегува од рамките на билатералата и станува составен дел на меѓународните договори, стандарди, вредности и институции. Така, прашањата поврзани со националниот идентитет на македонскиот народ и т.н. македонско прашање, кои досега беа третирани како исклучително билатерални, но неретко и како меѓупартиско прашање (во периодот на еднопартискиот систем во двете држави), со приемот во ООН и европските организации стануваат проблем пред сѐ на заштита од страна на ООН и ЕУ како нивни темелни вредности. Во современите меѓународни односи, идентитетските прашања се едни од суштинските и, секако, темелни вредности на човековите права врз кои се градат односите, особено кога станува збор за ЕУ.

Оттаму, македонската дипломатија со ратификацијата на Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија се соочува со сериозен предизвик да ги гради и зацврстува позициите на Р Македонија во овие организации и институции, а со тоа и позициите на Р Македонија во билатералната и регионална соработка. Времето на калимеро-дипломатијата, во која некој друг е виновен за сите наши пропусти или пак отсуство на визии, одамна е поминато. Партизацијата на дипломатијата, како и отсуството на систематско научно истражување на регионалната политика на Р Македонија, ги проблематизира капацитетите на македонската дипломатија и на другите субјекти на македонската регионална политика. Македонија нема ниту една научна институција, за разлика од соседите, која систематски се занимава со регионалните односи и регионалните политики. Регионалната политика на Р Македонија, неретко, се базира на моменталните, прагматични оцени на политичарите, многу често како реакција на моментални и често испровоцирани настани или, пак, провокации на закоравен национализам, со кој е оптоварен целиот регион.
Вториот комплекс прашања, кои предизвикуваат и најголема сензитивност, особено во односите со Р Бугарија, се поврзани со членот 8, во кој, покрај општата декларација дека двете договорни страни ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалнана грижа и спортот (зачудува зошто е испуштена науката, каде што овие определби се особено актуелни). Особено со ставовите 2 и 3 на овој член се договорени и конкретизирани две обврски: формирање заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на паритетна основа, а со ставот 3 – организирање заеднички чествувања на историски настани и личности врз заемна согласност.

Не е првпат да се предлага основање заедничка комисија со задача да анализира и предлага решенија по отворените прашања. Така било при многубројните средби на Тито со Живков, на К. Црвенковски со Т. Живков, на средбите К. Глигоров со Т. Живков, Л. Мојсов – Т. Живков или, пак, С. Доланц – Т. Живков и др. Тоа беше особено елаборирано во предлог-текстот на Заедничката изјава, која како нацрт е усогласувана по повод средбата што требаше да се одржи помеѓу Тито и Живков во 1976 година, но која пропадна поради тврдиот став на Живков по македонското прашање. Р Македонија нема причина да се плаши од формирањето на комисијата. Напротив, интерес е на Р Македонија да се расчистуваат спорните прашања. Македонија никому не му должи. Ниту пак македонското национално движење се градело врз антибугарска, антисрпска, или пак антигрчка или антиалбанска идеологија. Поради тоа, предизвикот ќе биде поголем за бугарските историчари. Тие се соочуваат со предизвикот да ги признаат трите национални катастрофи што ги доживеа бугарскиот народ во текот на 20 век, во кои водечките политички структури на Бугарија упорно манипулираа со македонското национално прашање и од кои секогаш излегуваа поразени и со многу жртви. За бугарските историчари, отворено е и прашањето за валоризирање на вредностите остварени во билатералната соработка во периодот на отечествено фронтовската Бугарија, кога беа отворени многу културни и образовни институции во кои се негуваше македонскиот јазик или, пак, наставата во основните училишта во Пиринска Македонија се одвиваше на македонскиот јазик и сл.

И не само тоа. Тоа и позицијата на Бугарија во Втората светска војна се проблеми пред сѐ за бугарската историографија, и тоа не само поради односите со Р Македонија туку и за регионалната, европската и светската историја на антифашистичката борба. Бугарската војска е окупатор не само на Македонија туку и на делови на Србија, учесник во крвавите борби на Сутјеска, а заедно со германските орди, како што се наведува во опширното писмо на Тито до Георги Димитров, изнесувајќи ги злосторствата што се вршени на окупираните територии. Бугарија е потписник и на Мировниот договор (како поразена страна) со сојузниците, меѓу кои е и ФНРЈ, од 10 февруари 1947 година, со кој Бугарија е обврзана да им обезбеди на сите лица под бугарска власт, без разлика на раса, пол, јазик или вера, уживање на правата на човекот и основните слободи. Подразбирајќи ги тука и слободата на зборот, печатот и публицистиката, вероисповедта, политичкото убедување и собирање. Со овој мировен договор се предвидува законодавството на Бугарија да ја исклучи дискриминацијата меѓу бугарските граѓани по сите основи. Проблемот е многу поширок и ги надминува билатералните односи помеѓу двете држави..
Секако дека и македонските историчари исто така ќе мора да се соочат со предизвикот на разјаснување на поделбите и на улогата на нивните носители, внатре во македонското национално движење, кои предизвикувале трагични последици ставајќи ги автентичните интереси на македонското национално движење во служба на големонационалните проекти на едната, другата или пак третата страна. Во вителот на сите тие црнила, постепено и со многу жртви се пробивало автентичното македонско национално движење сѐ до АСНОМ во 1944 год.

Конечно, имплементацијата на овој договор е интерес на двата народа и затоа тој не е и не смее да биде предмет на историски или, пак, политикантски надмудрувања, зад кои се кријат само политички или, како што е веќе речено, политикантски интереси, ниту пак со него да се калкулираат краткорочни интереси и манипулации на дадените политички структури чиј интерес е владеењето, газејќи по вредностите на човековото опстојување. Денес, определувајќи се за европските вредности на демократијата, се наоѓаме пред историска шанса, која не треба и не смее да се пропушти, не само во односите со Р Бугарија. Тоа е основната порака на Договорот. Колку побрзо ќе ја сфатиме толку побрзо ќе ги отвориме патиштата кон европската иднина на Р Македонија и на другите држави на овие балкански простори, на кои дуваат многу загрижувачки ветришта.

Васил Костојчиноски