Државата доби консензуален претседател – што добија Ромите?

Ферик Сулејманов

Во пресрет на претседателските избори во Република Северна Македонија, ромската заедница се консолидира и излезе со свои барања до претседателските кандидати.
Барањата беа преточени во манифест, кој произлезе од теренската активност на граѓанската иницијатива „Аваја“.

„Аваја“ претставува непартиско движење на младите Роми од различни градови од државата, со единствена цел – презентирање на клучните барања на ромската заедница. Првата кампања во рамките на оваа иницијатива беше насловена „Ние гласаме, ние одлучуваме“, која официјално беше промовирана на 10 април 2019 година, со дејствување до крајот на претседателските избори.

Барањата на ромската заедница, претставени преку манифестот, се однесуваа на: зголемување на застапеноста на Ромите во државната и јавната администрација до минимум 2 отсто; двојна буџетска алокација за решавање на проблемите на Ромите, како и двојно поголема реализација на капитални инвестиции во ромските населби до 2020 година.

На завршниот настан „Јавно обраќање на претседателските кандидати пред ромската заедница“, организиран од граѓанската иницијатива „Аваја“, кој се случи на 3 мај, двајцата претседателски кандидати имаа можност да се обратат пред ромската заедница во однос на нивните предизборни ветувања поврзани со унапредување на состојбата на Ромите во однос на горенаведените барања.

Победникот на овие избори, Стево Пендаровски, во делот на своето обраќање изјави: „Првата работа која мора да биде рефлектирана во мојот кабинет, ако ја добијам вашата доверба, е во тој кабинет да има и припадници од ромска етничка заедница. Бидејќи, не можам да замислам претседател на сите граѓани, како велиме, кој бара гласови од сите граѓани, а да има припадници само од некои етнички заедници, не од сите етнички заедници. Значи, тоа е гаранција што ја имате!“

„Во делот на политиките кои ќе ги поддржувам, сакам да сме и тука на чисто. Ќе ги поддржам сите политики на оваа влада и на која било друга влада, бидејќи владите и политичарите се менуваат, која ќе оди кон унапредување на вашите права, кон унапредување на правата и на другите етнички заедници, но и на Ромите. И обратно, нема да потпишам ниту еден указ за закон, кој евентуално ќе води кон дискриминација на Ромите или кон дискриминација на која било етничка заедница.“

Поддршката од ромската заедница е дадена, гаранцијата ја имаме, но ветувањето сè уште не е исполнето. Се чини дека ќе останеме само со декларативна гаранција, бидејќи составот на кабинетот на претседателот Пендаровски е веќе формиран, но Ром нема!

Силно го охрабруваме претседателот да се потсети на дадените ветувања и гаранцијата што ни ја има дадено, па во составот на неговиот кабинет да назначи и советник од ромската етничка заедница, а не само од „некои етнички заедници“, како што самиот тој изјави.

„Аваја“ внимателно ги следи активностите во делот на правичната застапеност и политиките на консензуалниот претседател, кој се нарекува претседател на сите граѓани.

Досега сите креатори на политики во државава се бранеа со ставот дека ромската заедница не располага со компетентен кадар. Поради тоа Ромите беа повеќе од потребното застапени во јавното комунално претпријатие, понекој административен работник, а речиси воопшто НЕ на раководни позиции.

Денес, благодарение главно на странски донатори, Ромите располагаат со образовани кадри што можат да застанат рамо до рамо со другите, и во однос на образование, и во однос на компетенции, за да ги застапуваат интересите не само на Ромите туку и националните интереси на државата во внатрешната и меѓународната политика.
„Аваја“ заедно со ромската заедница очекува во скоро време кабинетот на претседателот да добие советник Ром.

Авторот е член на граѓанската иницијатива „Аваја“