(Отворено писмо до службените установи на власта, сите други политички и граѓански установи и здруженија, како и јавните гласила во Република Македонија и иселеништвото по повод најновите настани во Република Македонија: капитулантскиот и срамен т.н. Преспански договор)

Организацијата „Обединети Македонци во Канада“, како најстара и најмасовна македонска национална и патриотска организација во светот, се чувствува повикано да се изјасни за најновите загрижувачки случувања во нашата татковина, Република Македонија. Иако живееме далеку од татковината, секој миг сме длабоко заинтересирани и загрижени за сите дневни настани, особено настаните од далекосежна и национална тежина, кои ги засегаат сите Македонци, без разлика каде и да живееме. Се радуваме на сите успеси и тагуваме за сите неуспеси. Посакуваме да ја видиме Република Македонија како развиена индустриска држава, со високоразвиена демократија, која ќе биде вклучена во светските цивилизациски текови.
Меѓутоа, крајно сме загрижени со најновите постизборни измами на собраниското мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ да го смени името на нашата татковина Република Македонија, а со тоа да го смени и нашиот национален идентитет, во татковината и надвор.

Како прво, секој добронамерен и национално свесен Македонец знае дека нашето исконско име е Македонија, со уставната одредница Република пред името Македонија. Оваа уставна одредница е достаточно разграничување од трите околиски области поробени од страна на Грција по Балканските војни во 1912-1913 година, т.е. Источна Македонија, Централна Македонија и Западна Македонија. Според тоа, дополнителните услови за прием на Република Македонија во ООН беа и остануваат непотребни и незаконски, затоа што државите не разговараат ниту преговараат за имињата. Проблемот со наметнатиот спор за името од страна на Грција треба и мора да се бара исклучиво во рамките на ООН, т.е. во Генералното собрание, каде што со просто мнозинство од присутните членки конечно ќе му се стави крај на овој геноциден притисок од нашиот поробувач. Горенаведениот начин на решение на спорот за името беше на располагање на сите досегашни и на сегашната Влада на Република Македонија, но само за нив е познато зошто досега така не постапиле и не постапуваат соодветно и во интерес на државата.

Затоа, ние сме целосно против срамниот т.н. Преспански договор, бидејќи тој ги погазува сите норми на достоинствено и морално однесување, но и сите Уставни норми во Република Македонија. Имено, според Уставот на Република Македонија, кој е од типот на мешан собраниски систем, се предвидува двоглава извршна власт, во која власт едната „глава“ е претседателот на државата, додека втората „глава“ е Владата, на чело со претседателот на Владата. Бидејќи претседателот на државата се избира на избори непосредно од граѓаните, додека Владата се избира посредно од мнозинството пратеници во Собранието, го поставува претседателот на Републиката во поповолна и, условно кажано, надмоќна положба кога станува збор за меѓународните односи. Ова е така бидејќи тој, по сила на Уставот, е надмоќниот државен орган што нè претставува и застапува во двостраните и/или повеќестраните меѓународни односи со други народи, држави, сојузи, заедници или меѓународни организации.

Па така, според чл. 119, ст. 1 од Уставот на Република Македонија од 1991 година: „Меѓународните договори, во името на Република Македонија, ги склучува претседателот на Република Македонија“. Во определени случаи, меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија, но само кога тоа е категорично определено со закон (чл. 119, ст. 2 од УРМ).
Таков специјален закон е важечкиот Закон за склучување, ратификација и извршување меѓународни договори („Сл. весник на РМ“ – 5/1998), кој предвидува само 22 ресорни области во кои Владата е надлежна да склучува договори, но и тогаш не без задолжително советување со претседателот, и тука се исклучени прашањата во врска со државната граница, стапувањето или истапувањето од сојузи или заедници со други држави, како и други меѓународни договори, кои, според меѓународното право, ги склучуваат исклучиво шефови на држави, а не на влади ( чл. 3, ст. 2 од ЗСРИМД).
Спорно во договоров е и тоа што министерот за надворешни работи Никола Димитров, како шеф на македонската дипломатија, но не и на македонската држава, воопшто нема правно овластување за склучување ваков тип договори.
Според тоа, министерот за надворешни работи сторил казниво дело на пречекорување на своите службени овластувања за кое може и кривично да одговара до пет години затвор.
На крајот го изразуваме нашето целосно поддржување на суспензивното вето на претседателот Иванов во однос на договорот и го охрабруваме да го искористи своето право на т.н. џебно вето, со што и конечно ќе го погребе срамниот договор. Надевајќи се дека ова отворено писмо од секој Македонец ќе биде прифатено како наша непрестајна заложба за непречен развој на македонската држава и нација, братски Ве поздравуваме.

(Мендо Бакаловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“)