Драги пријатели интелектуалци од Грција, Од мое име и од името на здружението „Унија за култура на Власите од Македонија“ ви честитам на прекрасниот потег што го направивте со тоа што јавно дадовте поддршка за договорот од Преспа, за решавање на спорот околу името на мојата татковина, во кое велите: „… живееме во време кога во Европа се случува подем на екстремната десница и национализмот“.

Драги пријатели, вашата генијалност ќе биде уште поголема доколку се осмелите да испратите едно отворено писмо до Владата на Република Грција и да кажете дека политиката што ја спроведуваат Владата и другите органи и институции во Република Грција кон малцинствата, а особено кон Власите, претставува дури и нешто посурово и пострашно и поболно од „национализам“. Јас си земам за право да ви кажам дека смислената и систематски водената политика на јазична и културна асимилација што се води кон тие што не се Грци по род води кон јазичен и културен геноцид, односно дека е рамна на фашизам.

Драги пријатели интелектуалци од Грција, зарем е праведно, човечки и демократски, па и христијански, во овој 21 век Власите во Грција, кои ги има околу 2,5 милиони (па и Македонците, Турците, Албанците, Ромите и др. што ги има) да не добијат статус на малцинство и со тоа да си ги стекнат и своите малцински и човекови права? Дали е човечки и демократски Власите (па и Македонците и другите што ги има) во Грција да немаат ниту една секунда емисии на националната РТВ? Дали е хумано и демократски, па и човечки и христијански, Власите (и другите малцинства) да немаат ниту еден час образование на својот мајчин јазик во националниот систем на образование во Република Грција? Дали е човечки и христијански Власите (и другите малцинства) да немаат право на богослужба на својот мајчин јазик?

Драги пријатели, и јас и многумина други знаеме дека ваквиот однос на државата кон Власите (и другите малцинства) започна дури во 1925/1927 година, со донесувањето на Законот за топонимите, со кој сите имиња на населби, градови, реки и друго што беа на влашки и на другите јазици се заменети со грчки.

Драги и почитувани интелектуалци од Грција, дали сметате дека е нормален ваквиот однос на државата кон Власите и другите малцинства и е во духот на европските закони и други акти што се донесени и третираат материја од доменот на човековите и малцински права? Ако е така, тогаш не ми се верува дека и навистина сте интелектуалци во европски дух.

Ве повикувам и ве молам да се определите на праведната, вистинската, демократската позиција и определба на Европската Унија и да речете дека е доста со национализмот до граници на фашизам и со јазичен и културен геноцид.

Димо Н. Димчев, претседател на „Унијата за култура на Власите“