Едно мора да им се признае на македонските соседи. Знаат што сакаат. Може да е неправедно, лудо, бесмислено, дури и штетно за нив – ама знаат дека го сакаат и се трудат да го добијат. За разлика од македонската елита, која не само што не е сигурна што точно сака, туку не сфаќа што од неа сакаат нејзините соседи.
А во случајот со источниот сосед, тоа е сосема јасно. Од 1963 г. досега Бугарија ја следи линијата исцртана од Тодор Живков: македонската нација може да се признае само ако се редефинира на пробугарска основа, ако се откаже дека има свој јазик, ако се согласи дека историјата до 1944-та ѝ е бугарска и ако заборави на своите малцинства надвор од границите на Р Македонија. Истото тоа сега го сака и преку фамозната комисија.

Причините за овие апсурдни барања малку се имаат променето од времето на Тодор Живков, кога самоопределбата на мнозинството на населението во Пиринска Македонија како македонско, заедно со националниот идеал за обединета Македонија беа сфатени во Софија како сосема реална закана. Но еден мотив се нема променето воопшто – да се заштити „бугарската историја“ од „крадење“ – ирационален страв претворен во политичка агенда. Но Бугарија е сосема сериозна по тоа прашање! „Македонија во Европа – да, македонизмот – не!“

За науката тука нема место. Во историјата нема пример научни ставови да бидат наметнувани со политички средства. Преку сила се наметнувале само политичка послушност, религија и идеологија. И токму тоа е она што Бугарија, всушност, го бара под маската на науката: да го наметне својот национален мит и да ја претвори Македонија во идеолошки вазал.

Веројатно апсурдноста на бугарските претензии е причина (или правдање) зошто македонската страна никогаш нема дадено сериозен одговор. Како може сериозно да се одговара или дури разговара за такви работи?! Меѓутоа потценувањето од страна на Скопје не на сериозноста на аргументите (тие се несериозни), туку на решеноста на Софија да ги наметне по секоја цена, ја доведе Македонија во ситуација под политичка закана не само да разговара, туку и да прима диктат по овие научно апсурдни прашања. Тоа е вина на политичарите. Каде е вината на историчарите?

Сериозноста на Бугарите за овие прашања, заедно со недавањето сериозен одговор од македонска страна, создава впечаток кај дел од јавноста (странска и домашна) дека можеби сепак негирањата што доаѓаат од кај македонските соседи се делумно основани. Дека нешто кај нас не е во ред. Пасивниот приод да се браниш само кога си нападнат и никогаш да не напаѓаш секогаш бил губитничка стратегија, дури и од победничка позиција. Затоа отфрлајќи ја „политкоректноста“, би требало отворено да се постават прашањата и отворено да им се каже на источните претенденти.

1. Бугарите како нација, народ и каква било заедница не постоеле пред 19 в. Тие, како и секоја друга нација, се нова творба што во процесот на своето формирање „украла“ едно славно историско име, во случајот што се јавува како општо балканско (а не само нивно) наследство. Нивната претензија дека бугарските царства во средниот век се нивни, претставува имено она за што тие ја обвинуваат Македонија – кражба на историја.

2. Никогаш во историјата не постоел еден народ, кој живеел во Тракија, Мизија и Македонија како што претендираат бугарските националисти: предците на денешните Македонци и предците на денешните Бугари никогаш во историјата не претставувале еден народ посебен од другите. Освен тоа, териториите на Бугарија и на Македонија биле издвоени во посебна држава и, според тоа, имале општа само за нив (а не и со другите) историја во последните 3.000 години не повеќе од 130 години.

3. Во средниот век Бугари било надетничко и мултиетничко име. Политоним изведен од името на мултиетничка миниимперија направена по моделот на Византија. Затоа и поимот Бугари обично е пандан на поимот Ромеи. Доволно е да се потсетиме дека првата бугарска држава ја создадоа луѓе од турско потекло, а втората – од влашко. Исто така треба да се потцрта дека во средниот век една ракатка луѓе сами себеси се имаат наречено Бугари, а меѓу нив имало Турци, Власи, Ерменци и „Грци“, но не и Словени.

4. За населението во Македонија (а и не само) во средниот век Бугари е надворешно именување, тие самите така не се викале.

5. Етничките идентитети во средниот век, ако воопшто можеме вака да ги наречеме, опфаќале само малобројни елити, кои многу одамна имаат исчезнато и кои денес немаат никакви свои реални наследници.

Сигурно е дека денешните Бугари ги боли да го слушнат ова. А треба да се навикнат. Се чини дека одредени средини во Софија добро ја знаат реалноста. Со тоа може да се објасни очајничкото инсистирање со сите средства да добијат амин од Македонија за нивните национални фантазии. Зашто нема поголема опасност за една национална митологија од тоа рефлекторите на науката да се насочат кон неа. Ако се случи тоа Бугарија ќе треба да се помири со вистината дека не е некаква стара држава и култура и да го проголта фактот дека Бугарите се млада нација – доста по млада од американската, со мошне скромна историја и без основа за какви било претензии. А македонското отфрлање на бугарскиот национален мит (дури и само преку постоењето како нација и малцинство) има потенцијал да го привлече вниманието на науката токму врз овие прашања. Затоа по братски брзаат да ги насочат рефлекторите на науката против македонскиот национален мит (подалеку од својот) и да изнудат од Македонија признание за вистинитоста на своите митови и преку овие две мерки да го оттргнат вниманието од себе. За Балканот каде што историјата од многумина се смета за единственото вредно богатство, таквата бедност на умот дури и изгледа логична.

Стојко Стојков
Авторот е професор по средновековна историја на ГДУ – Штип