Договор Мицкоски – Заев

На 29.3.2021 година, претседателите на најголемите македонски политички партии во РМ, г. Мицкоски и г. Заев, се договорија да ги „закопаат воените секири и да преземат активности со кои ќе се реши политичката, парламентарната и здравствената криза. Имено, се договорија пописот закажан за април да се одложи за септември, парламентот да функционира и да носи закони од интерес за граѓаните, поточно закони со кои ќе им се овозможи парична помош на граѓаните и на фирмите во услови на пандемија и закони за евроинтеграција на Македонија. Во кратка анализа за тој договор, ќе се обидам да објаснам кои се неговите позитивни, но и негативни страни и какви последици ќе се предизвикаат од таквиот договор воопшто за македонското општество.
Имено, да тргнеме по ред, за одложениот попис. СДСМ дојде на власт со помош на албанските партии и поради тие причини владата ја подели на два дела, условно кажано, на македонска и албанска, иако Албанците во РМ се малцинска заедница. Истата таа во изминатиот период и насилно владее, сите закони и договори ги донесе насилно, најчесто злоупотребувајќи го европското знаменце, како сите закони да беа од интерес за ЕУ. Договорите што ги направи со Грција и со Бугарија ги направи насилно и спротивно на македонските национални интереси и спротивно на интересите на македонскиот народ. Така, и законот за попис го донесе со поддршка на албанските партии во Македонија, но не и со поддршка на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Самиот закон е фаличен, секој може да дава податоци за друго лице, што значи и за индивидуалните карактеристики како националност, вера и др., што овозможува пописот да се фалсификува. Замислете, едно лице ќе набави матични броеви од повеќе семејства и ќе ги пријави како што сака. Самиот попис се претвори во политичка операција, а не статистичка.

Груби, Османи и други албански политичари се рашетаа во соседните и европските држави и, како официјални преставници на РМ платени од РМ, се обраќаа само до Албанците да се попишуваат. Политичари од Косово и од Албанија бараат и ќе организирале и помагале Албанците во дијаспората да се попишуваат за да им се зголемеле правата во РМ, ќе го официјализирале како државно и знамето на Албанија и сл. Напоменувам дека рамковниот Охридски договор од 2001 год. е донесен за да се зголемат правата на заедниците каде што во општините живеат над 20 проценти во Македонија, а не и правата на заедниците, во конкретниот случај Албанците, што живеат во дијаспората.
Целта на таквиот попис со кој ќе се зголеми албанската заедница во Македонија е да се оправда таканаречениот закон за јазици, со кој албанскиот јазик се официјализира на целокупна територија на Македонија и онаму каде што не живее ниту еден Албанец, што де факто е почеток на федерализација (два службени јазика во една држава). Одложувањето на пописот е позитивно, особено во услови на здравствена епидемија, кога во РМ умираат дневно по триесетина и се разболуваат по илјада граѓани. Наедно, пописите ги одложија сите соседни држави, но и држави од ЕУ. Во меѓувреме, државата преку своите дипломатско-конзуларни претставништва во странство треба да ги анимира и подготви нашите државјани, без разлика на националната припадност, да се евидентираат на пописот. Понатаму, Законот за попис во целост да се измени, податоци за друго лице да даваат само членови на семејството по права линија, а тоа се родител, синови и ќерки, но не и други лица. Законите да се носат со поддршка на опозицијата, бидејќи власта има само мало мнозинство од 62 пратеници, а СДСМ ја има поддршката од албанските партии, што значи работи и одлучува по барање на албанските партии, а спротивно на интересите на мнозинскиот македонски народ, кој во изминатите години го претворија во народ од втор ред во сопствената македонска држава, која е формирана во НОБ токму од македонскиот народ, при што загинаа 40.000 Македонци.

Договорот за заемна помош помеѓу, условно кажано, македонските партии во иднина треба да се прошири за заштита на македонските национални интереси, а тоа е наоѓање начин за итен влез на Македонија во ЕУ, запирање на понатамошната бугаризација и албанизација на Македонија. Имено, преку македонската дипломатија до сите дипломатски претставништва во Македонија да се достави писмено објаснение – барање со кое ќе се објасни дека Бугарија од Македонија доставува апсурдни барања за промена на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и сл. Во тој документ накратко да се објасни македонската историја на македонскиот народ и држава од памтивек досега. И доколку Бугарија продолжи со ветото на Македонија за влез во ЕУ и со неразумните барања поддржани од некои држави во ЕУ, договорот со Бугарија да го раскине, а договорот со Грција да го стави во мораториум, бидејќи врз основа на тој договор Македонија го смени името и потпиша капитулација, тој услов беше за прием на Македонија во ЕУ.
Што се однесува до прекинот на албанизацијата на Македонија, најпрво Уставниот суд да го укине таканаречениот закон за јазици, со што Македонија е претворена во двојазична држава и стана нефункционална држава, со тенденција на распад. Македонската страна на албанската страна, а особено на албанската заедница во РМ треба со кратка анализа да ѝ објасни и укаже што значи унитарна држава, начинот на владеење во унитарна држава, што е тоа мнозински народ, малцински заедници или малцинства според меѓународното право и сл. Истовремено, треба да се укаже дека државјанството и жителството во една држава не подразбираат само права и привилегии на граѓаните. Тоа подразбира и обврски на државјаните и жителите спрема државата во смисла на плаќање даноци и давачки, како струја, вода и други комунални давачки, но и лојалност спрема државата, особено во воена состојба, а не и дезертерства, како што и се случи.

Во Македонија итно треба да се вратат вредностите и критериумите при вработување, унапредување и сл., особено во државните органи.
На крајот напоменувам дека договорот помеѓу двајцата претседатели на македонските партиите е позитивен и поздравен од поголемиот број Македонци и се надевам дека таа практика ќе се применува и во иднина, особено за македонските национални интереси. Со такви договори им се укажува и на албанските партии дека во иднина не ќе можат да прават што ќе посакаат. Истовремено, со тој договор, г. Мицкоски му го продолжи премиерскиот мандат на г. Заев во услови кога парламентот не функционираше, постоеше притисокот од албанските партии за законот за државјанство, спроведување на пописот во услови на пандемија, ветото од Бугарија, економската и здравствената криза. Ако се предизвикаа предвремени парламентарни избори, оваа влада, која ги уништи системот, македонскиот народ и македонската држава, ќе отидеше во заборав. Вака, ќе продолжиме во ужас без крај, како што кажал Дамјан Груев.

Петко Бурлијовски, Битола