Договор или спогодба – факти или фалсификати

Ургентно отворено писмо пред референдумското прашање

Вчера рано наутро испратив ургентно отворено писмо до Талат Џафери, претседател на Собранието, до Зоран Заев, претседател на Владата и претседател на СДСМ, до Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, до сите пратеници и до медиуми.
Ургентно укажувам дека најавеното референдумско прашање во кое ќе стои зборот „договор“ ќе биде неправилно, крајно неточно, незаконско и нелегитимно, ќе биде фалсификат што може да предизвика разни реперкусии. Владата на Република Македонија (министерот за надворешни работи во нејзино име) нема потпишано со Грција никаков документ што се именува договор за името. Собранието на Република Македонија нема ратификувано никаков договор за името со Грција. Официјалниот наслов на тој документ е: Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување за важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување и за стратегиско партнерство. Значи: има спогодба, нема договор.
Граѓаните на референдум може да се изјаснуваат само за она што е официјален документ, што носи официјално име, поточно за конечната спогодба, а не за некаков договор што не постои или можеби е друг, непознат документ за јавноста.

Во текот на овие две недели, во два наврата, во весникот „Нова Македонија“ пишував за погрешното именување на постигнатата спогодба со Грција за името. На 24 јули објавив отворено писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, до претседателот на Владата, Зоран Заев, и до министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во кое укажав за погрешното именување. Писмото го доставив и во напишана форма во архивите на трите институции, за што имам и нивни потврди.
Во прилог на моето упорно тврдење дека станува збор за потпишана, прифатена и ратификувана спогодба, а не за договор, ви испраќам како непобитен доказ само делови од стенографските белешки од педесет и првата седница и од првото продолжение на педесет и првата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 20 јуни 2018 година, копирани од официјалната електронска страница на Собранието.

На почетокот од белешките пишува буквално вака:
Талат Џафери: Почнуваме со работа по Педесет и првата седница на Собранието на Република Македонија. Минуваме на прва точка – Предлог на закон за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите нации, за престанување за важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување и за стратешко партнерство меѓу страните, по скратена постапка, второ и трето читање.
На крајот на седницата е запишано: Талат Џафери: (цитат) Предлогот на законот во целина го ставам на гласање, ве повикувам да гласаме. Вкупно гласаа 69 пратеници. Сите 69 гласаа за, воздржани нема, против нема. Констатирам дека Собранието го донесе Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите од 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните. Бидејќи дневниот ред е исцрпен, констатирам дека Педесет и првата седница на Собранието на Република Македонија е завршена.
Честитам. (завршено цитирање)

За да нема забуни, во тој контекст пренесувам и дел (исто така копиран од официјалните стенографски белешки) од воведното излагање на министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој ратификацијата на спогодбата ја поврзува со зачленувањето во НАТО и во ЕУ, што е дел од прашањето за најавениот референдум.
Никола Димитров: (цитат) Почитуван претседателе на Собранието на Република Македонија, почитувани пратеници, дами и господа, почитувани граѓани. Со оглед на тоа што предлогот на законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 и 845 од 1993 година… Грција согласно Спогодбата има обврска по известувањето дека Собранието ја ратификувало оваа спогодба да го извести претседателот на Советот на Европската унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство со Европската унија. Исто така, Грција согласно Спогодбата треба да го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да и упати покана, да ни упати покана за пристапување. Јунскиот Европски совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата ќе заседаваат на 25 и 26 јуни додека Самитот на Европскиот совет е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за Европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. Тоа е можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина, можност која ќе им биде дадена на есенскиот референдум. Благодарам. (крај на цитатот)

На крајот, сметам дека сите наведени факти водат кон заклучокот дека при определувањето на референдумското прашање во конечниот текст да стои зборот „спогодба“ (конечна спогодба), а не „договор“, како што е најавено. Секое друго именување е надвор од прифатените, изгласани закони и ратификувани документи во Собранието.