Договорот со Грција, датум за преговори, референдум, скрининг…

Договорот со Грција е чиста капитулација и национално предавство бидејќи со него се бриши сѐ што носи предзнак – македонски/а/о и тоа трајно. Како може да има македонски народ кога сѐ што се повикува на него – се анулира и тоа со наша согласност? Нема веќе да има МАНУ, МРТ, МОБ, МНТ, МИА, Македонска филхармонија, пошта… сите тие ќе мораат да бидат прекрстени. Во најлоша позиција ќе се најдат тие во Македонската радио-телевизија (МРТ), чија нова кратенка, заедно со „Северна“, ќе биде СМРТ. Кај работиш? Во СМРТ. Кој ли глупав ќе сака да гледа и да слуша СМРТ? Тоа е симболот на овој договор. СМРТ за сѐ што е македонско. Жртва ќе биде и македонскиот јазик иако засега, дарежливо, Грците ни го дозволија. При преговорите за членство во ЕУ, него ќе го докусурат Бугарите на кои веќе им потпишавме дека тој не е автохтон туку е уставна категорија. „Според Уставот…“

До ова дереџе се дојде бидејќи нашите аматери сакаа по секоја цена да го потпишат договорот пред заседанието на Европскиот совет, самит на ЕУ, на крајот од јуни 2018 година, уверени дека веднаш, како награда за капитулацијата, автоматски ќе добијат датум за преговори за членство во ЕУ. Се занесуваа дека така ќе го излажат народот прикривајќи го предавството со датумот, како голем успех што ќе ни го смени животот. Во ЕУ, меѓутоа, не мислеа така. Унијата е во длабока криза и уште долго нема да има прием на нови членки. Тие се навистина презадоволни што Македонија прифати понижувачки и историски штетен договор, бидејќи ги решаваат своите проблеми. Поради нашето историско име ЕУ веќе четврт век се однесува срамно и силеџиски кон Македонија, со блокада, уцена и ултиматум – прво прекрстување, потоа членство. Ја игнорираа и пресудата на Хаг… Во годините што следуваат, внатрешните реформи ќе бидат главна преокупација на Брисел, а проширувањето – последна. По обичај, прва жртва е – Македонија.

Власта навистина заслужи веднаш да биде наградена, бидејќи се откажа од националниот идентитет на сопствениот народ, ама Брисел тоа не го есапеше и реши: „…Советот се согласува позитивно да одговори на горенаведениот напредок… и го поставува патот кон отворање пристапни преговори во јуни 2019“, за да оцени: „Според тоа Советот ја нагласува критичната потреба земјата да продолжи со конкретен напредок околу итните реформски приоритети и да даде понатамошни опипливи резултати во борбата против корупцијата и одржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски импулс“, за да заклучи: „Советот потсетува дека одлуката за почнување преговори… ќе биде предмет… и на одобрување од страна на Европскиот совет… зависно од постигнатиот напредок“. За да дојде до тоа се бараат видливи и одржливи резултати особено во – судските реформи, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и реформа на јавната администрација. Гледано одговорно, сериозни реформи во наведените три области не можат да се реализираат во период пократок од пет години.

Датум значи нема. Решиле: следната година во јуни, „зависно од постигнатиот напредок“, Советот ќе одлучи дали ќе даде датум за почеток на преговори или – не. Ова не е само тежок пораз на нашите капитуланти, на кои им се брзаше и затоа прифатија погубен договор туку, од заклучокот, се гледа дека капитулацијата со Грција за Советот е завршена работа и веќе не е клучна. Сега се важни длабоките реформи како услов за датумот. „Утеха“ може да ни биде фактот дека на самитот долго дебатирале за Македонија за да состават заклучок што нема да нѐ разочара. Поточно, барале зборови како да нѐ залажат. Токму затоа текстот за Македонија е неписмен. Така е бидејќи сакаа ем ништо да не дадат, ем нашите колаборационисти да мавтаат дека нешто добиле (датум!). Така и се случи. Според горенаведените прецизни цитати, секој сам нека цени што добивме.

Прашањето за референдумот е нова тешка измама од повеќе причини. Тоа гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Прво, во него се вклучени три прашања – за членство во ЕУ, во НАТО и прифаќање на договорот. Според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, од 2005 година, член 15 став (4) – „прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено“, што овде воопшто не е случај. Второ, поголем дел од народот е за членството во една или во двете организации ама исто така голем дел е против промена на името на државата и нејзино прекрстување. Како да гласаат тие? Трето, ако се гласа за членство во меѓународни сојузи, какви што се ЕУ и НАТО, каде се губи дел од суверенитетот, со „за“ на референдум е потребно да гласаат повеќе од половината избирачи, што сега не е случај. Четврто, договор меѓу „Република Македонија и Република Грција“, едноставно – нема. Тоа е нова измама. Предавнички договор е склучен меѓу „хеленската република и втората страна“. Нашата држава е безимена. Петто, ако намерата е чесна, а не за да се манипулира, народот треба да се праша: „Дали сте за прекрстување на државата?“.

Бидејќи срамната капитулација се става во контекст на зачленување во ЕУ и НАТО, еве, нека се додаде: „…поради зачленување во НАТО и ЕУ?“. Или целосно: „Дали сте за прекрстување на државата поради членство во ЕУ и НАТО?“. Тоа би било чесно. Шесто, со такво прашање, веројатно, ќе се согласела и опозицијата. Тогаш би се постигнало некакво единство што би било корисно за сите. Вака… Седмо, според законот, член 24, референдум за меѓународни договори се одржува само пред договорот да се ратификува во Собранието, а не потоа, како што е сега случајот. Осмо, референдумот на 30 септември е закажан како консултативен, а тоа е спротивно на членот 27 од Законот, според кој тој може да биде консултативен само ако е „претходен“, а не „дополнителен“, како сега. Тоа значи дека најавениот референдум е нелегален и треба да се поништи.

Со формулацијата на прашањето се врши криминален психолошки притисок на народот да прифати капитулација затскриена зад убави желби. Главен интерес на народот е членството во ЕУ, не во НАТО, а се премолчува дека е тоа во моментов далечна иднина. Ако на патот кон ЕУ сѐ се одвива најбрзо и беспрекорно, ако нема никакви сопки од соседите, што е незамисливо, Македонија не може да стане членка пред 2031/2/3… година. Најрано за петнаесетина години. Тоа е период за кој малку знаеме што ќе носи. Во толку години сѐ е можно.

Со оглед дека врвот на Брисел не се покажа соодветно на нашата срамна капитулација, нивните претставници, Могерини и Хан, се ангажираа власта да добие некаква утешна награда. Измислија дека веднаш ќе почнат со скрининг како подготовка на земјата за преговорите за членство. Дека е тоа нова измама за народот зборува фактот дека практиката на Унијата е Европскиот самит, паралелно со одредувањето датум за почеток на преговори, да го одредува и почетокот на скринингот. Сега се импровизира нешто што нема врска со процедурите. Најверојатно, тоа ќе се сведе на многу врева за ништо како што пред години беше случајот на комесарот Филе, кој ни донесе Дијалог на високо ниво за членство (ХЛАД), кој ништо не промени, а нашата власт се гордееше и мавташе дека нешто се случува.

На нашиот пат кон ЕУ има уште една пречка. Унијата ја чекаат избори во мај 2019 година, кои целосно ќе ја променат гарнитурата што сега ни го загорчува животот. Ќе дојде нова, без никакви обврски кон Македонија. Поголемиот успех на екстремната десница на изборите може лесно да го одолжува приемот до бескрај. Сегашните личности во комисијата, и заради својата нечиста совест, имаат некакви обѕири кон нашата земја. Тие искрено сакаа сега да добиеме датум. Ќе беше и нивни успех. За новите ќе биде голем подарок нашата капитулација, без обврски за некаква компензација. По мај следната година, Македонија лесно може да се најде на почетокот на своите голготи за членство во Унијата и без никакви поени во џебот. Ем ќе се самоотпишеме како народ, ќе си наметнеме историски срам, ем ништо нема да добиеме. Казните на предавниците нема да значат никаква утеха.

Процедурата што ја замислија креаторите на срамниот договор, тешко ќе се реализира. Референдумот веќе може да се прогласи како утната работа. Како и да заврши, нема ништо да промени. Обезбедувањето, пак, двотретинско мнозинство во Собранието, за промена на Уставот, ќе биде исклучително тешко, скоро невозможно. Сигурно е дека ќе „играат“ ем големи пари ем уцени од секаков вид, ама целта е скоро недостижна без некаков голем и неочекуван пресврт. Власта повеќепати потврди дека нема никакви скрупули.

Топката е кај опозицијата. Ако не ја скршат безобѕирните странци, таа ќе го бојкотира референдумот и нема да дозволи да ѝ ги купат пратениците. Ако не постапи така, ќе нема што да бара на политичката сцена. Своја улога, секако, има и претседателот, кој не смее да се повлече од позицијата, која со право ја држи. Додека му трае мандатот.
Сето речено, меѓутоа, има нов лик откако Каменос стави до знаење дека ќе ја напуштат Владата кога ќе го смениме Уставот. Тоа значи крај за Ципрас, нови избори, победа на Нова Демократија и крај на договорот. Ако имаме малку акал треба веднаш да бараме цврсти гаранции дека и Грција ќе го ратификува договорот или да прекинеме со процедурата. Во спротивно, ќе се разнебитиме, ќе го промениме Уставот бришејќи го македонскиот карактер на државата и – ќе останеме со прстот во уста. Назад нема да има.
Ние сме на потег.

Ристо Никовски
Авторот е поранешен дипломат